Дали инсектите имаат емоции? По ова откритие ќе размислите два пати дали да ја убиете здодевната пчела
Луѓето никогаш не размислуваат пред да убијат мува или пајак. Тоа им доаѓа природно и инстинктивно. Но, дали некогаш сте помислиле дека можеби убиваме животинчиња кои не само чувствуваат болка, туку имаат и покомплицирани емоции? Научниците почнале да се интересираат за чувствата на инсектите и спровеле неколку интересни истражувања.
На инсектите обично гледаме како мали досадни суштества кои нѐ плашат, без да го земеме предвид фактот дека и тие самите можеби чувствуваат страв. Но, што знаеме воопшто за емоциите на инсектите? Како да знаеме какви емоции се кријат во суштества со кои не можеме да комуницираме? Некои истражувања покажуваат дека некои инсекти поминуваат низ одредени емоционални состојби.
Според едно истражување од 2011 година, пчелите можат да се вознемират. Истражувачите вознемириле неколку пчели и потоа го измериле нивото на различни невротрансмитери во нивниот мозок по што откриле дека оние кои влијаеле на расположението, како што се допамин и серотонин, биле значително намалени по лошото искуство.
Во 2015 година, мувите покажале чувство на страв од научниците кои дознале дека колку што е поголема изложеноста толку побурна е реакцијата на мувите. Во друго истражување, резултатите покажале дека смирените растителни вошки ги смирувале вознемирените вошки, што е знак на емоционална емпатија. Но, според најновите откритија, пчелите не само што се вознемируваат, туку и стануваат среќни.
Дали пчелите можат да станат среќни?
Најновото фасцинантно истражување објавено во Science покажува дека пчелите навистина покажуваат емоции. Имено, допаминот кај пчелите има ист ефект како кај луѓето, односно го подобрува расположението, го зголемува нивниот оптимизам и им помага да ги надминат грижите и лошите искуства. Не треба да се занемари фактот дека пчелите се многу посебен вид на живи суштества. Тие покажуваат извонредни комуникациски способности, така што не можат да се стават на исто рамниште со другите инсекти.
Секако дека пчелите не знаат што значи да се биде среќен или тажен, но истражувачите нашле начин да откријат како нивната моментална состојба влијае на нивната перцепција за понатамошните резултати. Физичките промени во хемискиот состав на нашето тело честопати се поврзани со нашите емоции, па така на истиот начин може да се открие кои работи влијаат на одлуките на пчелите.
Истражувачите истренирале група пчели да поврзуваат две различно обоени врати со различни последици: Сината значела шеќерна вода, а зелената значела обична вода. Очигледно е дека пчелите претпочитаат шеќерна вода. Откако успеале во тоа, пред пчелите поставиле нејасно обоена врата, односно полу сина – полу зелена за да видат како ќе реагираат. Но, претходно ги поделиле пчелите во две групи: 50% добиле шеќерен раствор пред да ја видат вратата, а останатите 50% не добиле ништо. Половината која веќе добила шеќер многу побрзо одлучила која врата да ја одбере, што е знак дека овие пчели биле пооптимистични и верувале дека нешто убаво се крие зад вратата.
Истражувачите направиле уште еден експеримент. Познато е дека позитивните емоции ни помагаат побрзо да заздравиме по некоја траума. Па, така истражувачите ги изложиле пчелите на трауматично искуство, односно ги затвориле во мал простор и благо ги стиснале. Меѓутоа, пред „заробувањето“ некои од пчелите добиле шеќер, а некои не. Откако се ослободиле, пчелите кои претходно добиле шеќер многу побрзо се вратиле на нивното нормално однесување, за разлика од пчелите кои не добиле. Според научниците, ова покажува дека малата радост во животот на пчелите им помогнала да го надминат стресното искуство, а истото се случува и кај луѓето.
Ова секако не значи дека пчелите доживуваат исти емоционални состојби како и луѓето, но ова сознание е доволно за да го промениме мислењето за инсектите и да бидеме повнимателни кога ќе дојдеме во контакт со нив.