Водич за совршена кожа: Кои витамини се најдобрите противници на брчките и нееднаквиот тен?
Моќно оружје во борбата со брчките на лицето како и здравјето на самата кожа не се само квалитетните и скапи креми. Важно е да се знае дека едни од најмоќните состојки во нив, како и во преостанатите козметички препарати наменети за правилна грижа на кожата се витамините и токму тие во својата основна форма се одлични за вашето тело и лице.
Витамин А
Познат како: Противник на стареењето
Доаѓа во облик на ретинол или ретинил палмитат. И двата вида се сметаат за антиоксиданси, но ретинолот е појака и поделотворна верзија.
„Ретинолот се претвора во ретинолска киселина кога се наоѓа на кожата и тоа има сличен ефект како и ретиноидите во препаратите. Овие состојки го стимулираат колагенот и лачењето на фибропластите, кои прават кожата да изгледа помлада. Општо кажано, ретинолoт ќе ја обнови површината на кожата и ќе ги омекне брчките. Тоа е најдобриот препарат за подмладување кој го имаме на располагање,“ вели Рене Руло – естетски експерт за славните.
За кого е наменет: Руло препорачува користење на ретинил палмитат во дваесеттите години, за спречување на оштетувањето на кожата и премин на ретинол во триесеттите.
Витамин Б3
Познат како: Витамин кој го ублажува црвенилото и ја хидрира кожата
Го зголемува производството на церамид и ја зајакнува функцијата на бариерите на кожата, што е клучно за одржување на хидратацијата, држејќи го подалеку сѐ она што може да ѝ наштети или иритира. Б3 е познат и како прва помош за воспалителната хиперпигментација, посебно онаа настаната поради акни, така што го изедначува тенот со рекордна брзина.
За кого е наменет: Природната хидратација почнува да слабее во периодот од 30-тите до 40-тите години, па тогаш би било идеално време за користење на витаминот Б3.
Витамин Ц
Познат како: Осветлувач
Во прашање е антиоксиданс кој директно се нанесува на телото и лицето и има докажан силен ефект во спречувањето на влијанијата кои предизвикуваат брчки и нееднаквости, како и стареењето на кожата воопшто.
„Постои во многу разни облици, но општоприфатено правило е, доколку имате чувствителна кожа, да најдете стабилен препарат познат и како ‘формула без пецкање’, бидејќи витаминот Ц може да биде доста кисел. Киселината има pH вредност помала од нашата кожа и може да ја иритира. Доколку составот го нема зборот ‘киселина’ тогаш е понежен“, вели Руло.
Некиселинските облици на витаминот обично се и постабилни и не оксидираат толку брзо на светлина (со други зборови секој пат кога ќе ја отворите амбалажата), па така нема да ја изгубат јачината на делување толку брзо како што е случај со киселините.
За кого е наменет: За секој што има сува и чувствителна кожа.
Витамин Е
Познат како: Хидратантен антиоксиданс
Го намалува создавањето на слободните радикали и штетните материи и го спречува губењето на влажноста на кожата. Поради тоа ќе го пронајдете во производите за после сончање, како и оние за ослободување од стриите и намалување на лузните.
За кого е наменет: Генерално во секој производ се препорачува да има барем 1% витамин Е.