Македонски театарски фестивал: Издигнување на драмското и театарско творештво
Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е традиционална смотра која секоја година се одржува со цел да го издигне, зајакне и стимулира драмското и театарското творештво на македонскиот, турскиот и албанскиот театар. Во чест на синоќешното свечено отворање на 51-то издание на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, прочитајте нешто повеќе околу неговата развојна генеза.
Како симбиоза на сите театарски сцени од земјава, па и пошироко, театарските игри ја вреднуваат и восхитуваат уметноста во една од своите најбазични и паралелно најнеобични форми: Кога таа е жива. Почнувајќи од првата изведена претстава која ги отворила завесите на овој фестивал одржана на 4-ти јуни 1965-тата година, па сѐ до денес, прилепските театарски сцени гордо го носат доказот од стапките на едни од најголемите театарски имиња и великани во македонската театарска уметност.
Манифестацијата го носи името на основоположникот на македонската драма и театар – Војдан Чернодрински. Иако бил самоук во областа на драматургијата, Чернодрински разбира дека театарската уметност не е теоретска, туку практична и текстовите не се наменети за да бидат читани, туку изведувани. Токму со таа техника тој ги содава едни од најпрепознатливите драмски дела кои сѐ уште воодушевуваат со својата мисловна содржина: „Македонска крвава свадба“, „Зло за зло“, „Срешта“, „Дрварите“… И заслужено ја стекнува титулата претставник и создавач на македонската битова драма.
Уште од самите почетоци, фестивалот има натпреварувачки карактер и ги оценува најдобрите театарски и драмски остварувања од целокупната македонска театарска продукција. Идејата било да се пронајде начин да се прослави драмската уметност на македонското тло и да заживее традицијата на македонската театарска култура. Во тој контекст, биле повикани сите постоечки театарски куќи од земјава да ја изберат својата најуспешна претстава работена според делата од светската и македонската драматургија. Целта била сите претстави да се изиграат на една иста сцена и меѓу нив да се избере најдобрата.
Следејќи ја таа шема, со тек на време се развива концептот на официјална и придружна програма создаден со намисла да се прикажат сите професионални театри и независни театарски групи и продукции. Ваквиот концепт важи и се практикува и денес и се предложува од уметничкиот директор, па фестивалот зема институционална рамка со организација составена од собрание, извршен одбор и жири.
Секоја година, во натпреварувачки дух, се врши селекција на претстави со најголем уметнички дострел на секое поле со цел да се воведат поголеми свежини и импулси во репертоарот и да се привлече вниманието на верната и новата театарска публика. Жирито, составено од тројца театарски работници (актери, режисери, театролози, драматурзи…), ги избира своите фаворити и миленици на публиката и доделува вкупно 14 награди:
- Награда за рекламен материјал
- Награда за кореографија и сценски движења
- Награда за млад актер „Трајко Чоревски“
- Награда за женска епизодна улога
- Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“
- Награда за музика
- Награда за костимографија
- Награда за сценографија
- Награда за режија
- Награда за текст
- Награда за современа сценска драматизација
- Награда за главна женска улога
- Награда за главна машка улога
- Награда за уметничко остварување на претстава во целина
Како посебна се издвојува наградата за животно дело која се доделува на тројца театарски доајени со цел одбележување на долгогодишната работа и придонес за театарската уметност во Македонија.
Освен театарското гледалиште, на фестивалот се презентираат и бројните уметнички креации од севкупниот уметнички и литературен опус на државата: Изложби на скулптури, слики, цртежи, фотографии, театарски костими, реквизити, промоција и читање на театарска литература и тркалезна маса.
Оваа година на МТФ ќе настапат 12 претстави во официјалната програма, и тоа: „Име“ од НУ Театар Комедија – Скопје, „Јов“ од НУ Драмски театар – Скопје, „Ревизор“ од НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово, „Прометеј“ – НУ Турски театар – Скопје, „Арсеник и стари тантели“ од Албански театар – Скопје, „Суд“ од НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, „Ни ќар ни зијан“ од НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, „Старицата од Калкута“ од НУЦК „Ј.Х.К. Џинот“ – Велес, „Ајнштајновите соништа“ од НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и Театарот на навигаторот Цветко – Скопје, „Кралски игри“ од НУ Народен театар – Битола, „Парламентарки“ од НТ „Григор Прличев“ – Охрид и „Животот е прекрасен“ – НУ Македонски народен театар – Скопје.
Од придружната програма пак ќе настапат 8 претстави: „Мртви уши“ од Факултетот за драмски уметности – Скопје, „Дафина од Серез (Некрстени денови) од Културниот центар „Скрб и утеха – Тиха“, „Последната ноќ“ од НУ Народен театар – Битола, „Класен непријател“ од НУЦК „Ј.Х.К. Џинот“ – Велес, „Обѕрни се во гнев“ од НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, „Малата сирена“ од НУ Театар за деца и младинци – Скопје, „Животот е магичен круг“ од Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Есра“ – Скопје и „Централ парк – Запад од Независна продукција Театар 007 – Скопје. Фестивалот свечено ќе биде затворен со концертна изведба на операта „Кармина Бурана“ од Македонската опера и балет.
Жири комисијата се состои од Васе Манчев – драмски писател, Владо Јовановски – актер и Јани Бојаџи – режисер. Одлуката за наградените претстави ќе ја прочита уметничкиот директор на фестивалот, Петар Темелковски. Овогодишните добитници на наградата за животно дело се Сабина Ајрула-Тозија – актерка, Елхаме Билал – актерка и Лилјана Мазова – театарска критичарка и публицистка.