Науката открива: Зошто вашиот работен ден треба да биде пократок?
Многу луѓе сметаат дека понапорната работа и трудот резултираат со поголема продуктивност. Ова може да го објасни фактот зошто едни од најголемите економски сили во светот не гарантираат платено породилно отсуство и платен одмор. Тоа се земји каде луѓето сакаат да живеат за да работат, а не да работат за да живеат. Но, вистината е дека на овој начин луѓето само се повредуваат.
Во Шведска, владата направила експеримент со 6-часовни работни денови, анализирајќи како тие влијаат врз продуктивноста и расположението на работниците. По една година собирање податоци, се заклучило дека понекогаш помалку навистина значи повеќе, бидејќи деновите кои имаат помалку работни часови односно пократкотрајните работни денови резултирале со зголемена продуктивност, но и подобро расположение.
6 медицински сестри во шведски дом за стари лица, кои биле дел од овој проект, работеле 6 часа дневно со плата за 8 часови. Кога биле споредени со сестрите кои работеле во слични установи, овие сестри имале 2,8 пати помала веројатност да земат слободен ден во две недели и зеле половина од тоа време во отсуство за боледување.
Дополнително и неизненадувачко, сестрите биле 20% посреќни и порасположени и имале значително повеќе енергија. Тоа се одразило и во нивната желба и мотивација да прават повеќе активности со постарите лица. Со други зборови, работењето помалку часови значително ја подобрило ефикасноста и ефективноста на сестрите и тие станале многу подобри во нивната работа.
„Ако сестрите се на работа повеќе време и се поздрави, тоа значи дека континуитетот во установата е зголемен. Тоа, пак, значи повисок квалитет во работниот кадар и грижата за постарите лица“, вели Бент Лорецон, дел од истражувачкиот тим.
Сѐ ова звучи доста разумно, бидејќи луѓето не се машини. На нашите мозоци и тела им е потребен одмор за да можеме да бидеме најдобри и најефикасни. Давањето помалку работни часови на луѓето изгледа како логичен чекор во овој случај. Работата е како трчање на долги релации – не е секогаш мудро да се трча најбрзо што се може, туку треба да се има добро темпо.