Прочитајте ја оваа мудра приказна доколку поминувате низ тежок период во вашиот живот
Си бил еднаш еден млад човек, доста незрел и неискусен во животот, но со желба за учење. Многу го интересирале антиквитетите и секогаш со нетрпение ги посетувал сите различни продавници за антиквитети за време на неговите патувања во Европа. Со текот на времето, кај него се развил голем интерес за античка керамика, особено за шолји за чај. Чувствувал како секоја од нив да има своја приказна.
Еден ден, во една запуштена, мрачна антикварница, забележал необична прекрасна шолја со мотиви карактеристични за турската естетика. „Смеам ли да ја видам онаа убава шолја? Ми се чини како да доаѓа од Турција…“, го прашал продавачот. Кога продавачот му ја дал шолјата, момчето почнало внимателно да ја проучува и да се воодушевува не нејзината убавина. Се прашувал како е можно да постои ваква убавина. Веднаш ја купил, без размислување и ја ставил на посебно место во својот дом. Гледајќи ја од каучот како блеска во сиот свој сјај, момчето почнало да размислува и полека потонало во длабок сон…
Шолјата почнала да говори…
Јас не бев отсекогаш шолја. Имаше време кога немав поим што значи тоа да служиш за нешто. Бев само еден обичен пасивен куп црвена глина на земјата. Живеев илјадници години и сум сведок на војните и мирните периоди кои како што доаѓаа така и си одеа. Цели цивилизации имаат пројдено преку мене, додека јас само седев таму и чекав… Што чекав, не знам, ама имав некое длабоко чувство дека ова не е целта на мојот живот. Тогаш еден ден, дојде мојот господар. Ме одведе во неговиот дом и ме стави на неговата маса. Не бев сигурна што следи, но чувствував дека нешто се спрема. Бев многу изненадена кога тој одеднаш почна да ме удира од дрвената маса! Одново и одново ме удираше и ме месеше со неговите раце, додека конечно не вриснав: „Не прави го тоа! Остави ме на мира!“ Но, тој само се насмевна и нежно проговори: „Сè уште не!“.
Шолјата сè повеќе оживувала додека му зборувала на младиот човек кој бил видно шокиран: „И тогаш вуууум! Ме стави на грнчарското тркало и се вртев во круг непрекинато додека целосно не изгубив чувство за ориентација. „Престани! Зар не гледаш дека ми станува лошо? Тргни ме од тркалото!“. Но, господарот само кимна со главата и тивко проговори: „Сè уште не!“. Продолжи да ме превиткува и обликува и тогаш многу внимателно ме стави во… Печката! Никогаш претходно немав почувствувано таква топлина. Врескав и удирав по вратата. „Потопло е и од самиот пекол. Горам во пепел! Те молам извади ме оттука пред да биде предоцна!“. Можев да ѕирнам низ малиот отвор и да прочитам од неговите усни додека ја вртеше главата од една на друга страна и тивко говореше: „Сè уште не!“.
Кога мислев дека не можам веќе да ја поднесам жештината, се отвори вратата. Тој внимателно ме извади и ме стави на полица и јас почнав да се оладувам. Се чувствував толку добро кога ме остави на мира.
Но, тоа не беше крајот. Откако се оладив, внимателно ме подигна, ме погледна и ме избриша од прашината. Потоа донесе боја со натпис: Глазура. Болката беше страшна! Мислев дека сум готова! „Те молам… Немаш милост! Зар не ја разбираш мојата мака? Те молам, те молам откажи се од мене! Те молам! Престани!“ Но тој повторно само кимна со главата и рече: „Сè уште не. Сè уште не си готова!“
Неочекувано брзо повторно ме врати во печката. Беше дупло потопло од претходниот пат. Чувствував како полека, но сигурно доаѓа смртта… Молев. Колнев. Се заканував. Врискав. На крајот почнав да плачам без солзи. Немав ниту врели солзи. Бев уверена дека вакво нешто никогаш повторно не би можела да издржам. Готова бев да се откажам. Токму во тој момент, кога бев целата исцрпена, вратата се отвори и тој ме извади. Повторно ме стави на полицата да се оладам. Чекав… И чекав… И чекав… Што ќе се случи следно?
Околу еден час подоцна, тој се врати, стави огледало пред мене и рече: „Погледни се!“. Во одразот на огледалото видов нешто посебно и единствено. Убавина која не може да се опише со зборови. Секогаш се сметав себеси за обичен куп земја, но сега бев нешто многу повеќе… Тивко изустив: „Не е можно ова да сум јас. Премногу убавина…“
Со глас полн сочувство, тој ми рече: „Тоа е тоа што треба да бидеш.“ И потоа објасни: „Знам дека те болеше кога те тркалав и месев на масата. Но, да не ти ја извадев душата, ти ќе се скршеше. Знам дека изгуби чувство за ориентација кога брзо те вртев. Но, да не беше тоа ти никогаш немаше да добиеш ваков облик. Знам дека испарувањето на бојата од глазурата беше неподносливо кога те насликав целата. Но, да не го направев тоа, ти не би имала ни една боја во твојот живот и не би станала поцврста. А кога те ставив во другата печка, знаев дека тоа ќе биде најтешкиот дел. Но, без тоа ти би се скршила многу лесно кога ќе влезеше во реалниот свет. Верувај ми дека сè што правев беше за твое добро. Сега си она што ми пројде низ главата кога те видов прв пат на земјата. Сега си целосна.“ Шолјата престана да говори, а солзи на благодарност полека течеа од нејзиниот раб…
Младиот човек се разбудил и одлучил да ја користи шолјата само за посебни прилики. Никогаш не ја заборавил лекцијата која ја добил од неа. Секогаш кога ќе се најдел во тешка ситуација и во себе ќе почнел да вриска „Престани! Остави ме на мира!“, ќе се сетел на зборовите: „Сè уште не!“. Станал благодарен затоа што знаел дека сè што му се случува е со цел животот да го направи онаков каков што треба биде.
Животот знае што прави со секој од нас. Тој е грнчарот, а ние сме неговата глина. Тој ќе нè обликува и ќе нè изложи на голем број неволји од кои треба да учиме. Тоа се неволјите кои треба да ги преживееме за да ја спознаеме нашата улога во светот и да го постигнеме нашиот целосен потенцијал.