Неколку совети за успешно учење странски јазик
Современиот пристап за учење јазик има своја научна основа којашто допринела за многу науки и дисциплини, меѓу кои најзначајни се филологијата, психологијата и педагогијата. Во продолжение погледнете што е важно кога пристапувате кон учење нов јазик со цел побрзо да го совладате.
1. Јазично его
Во научната и стручната литература за учењето странски јазик може да се сретне изразот „јазично его“. Кога учиме странски јазик и кога го користиме во усна или писмена форма, ние на некој начин се трансформираме во друга личност. Зошто? Затоа што познавањето странски јазик нè ограничува, па во комуникацијата не можеме лесно да се изразиме како што тоа го правиме на мајчиниот јазик. Со самото тоа не можеме да бидеме подеднакво духовити или иронични, ние честопати можеме да се почувствуваме лошо. Тоа не сме ние во полн сјај. Затоа, измислете нова личност!
На првиот час, кога учениците се претставувале, еден професор им предложил да смислат ново име за себе. Поентата е учениците да го преземат името коешто им се допаѓа. Можеби звучи смешно или претерано, но вреди да се испроба. Овој професор советува дека откако неколку пати ќе го изговорите тоа име, ќе се чувствувате поблиски до тој јазик и таа култура, а тоа може да ви биде само поттик.
2. Буквален превод
Ова е сигурно една од најважните работи. Не преведувајте! Ако сакате да направите една добра работа за себе како ученик на странски јазик, тогаш најмногу што можете трудете се во главата да не ја преведувате реченицата додека зборувате со некого. Зошто? Постојат многу причини. Но, најголемиот проблем е дека така постојано ќе наидувате на блокади и ќе си потврдувате себеси колку „не знаете“. Дозволете си да побарате помош од професорот или пак да го побарате изразот во речник. Преводот е посебна вештина којашто веројатно сè уште не ја владеете.
Најважно е на часот или во дадената ситуација да се потрудите што поправилно да го примените вашето знаење. На тоа гледајте како на градење куќа во старо време. Морате сè сами да направите, од под до плафон, од чиниите до креветот, а тоа бара труд и време. Буквалниот превод значи постојано трудење во куќата да завршите некоја работа за којашто немате услови, а кога цело време барате помош за тој превод, тоа е како постојано да позајмувате нож од соседите (позајмувате нож да исечете парче леб, па го враќате, па повторно позајмувате и така до недоглед). Со тек на времето, во куќата ќе имате сè што ви е потребно, но до тогаш посоодветно е да се служите со она што го имате. Патот е долг, но на крајот ви преостанува функционална куќа.
3. Применливи фрази
Често се кажува дека нечиј богат речник не се состои само од познавање и користење на поединечни реченици, туку цели фрази. Под применливи фрази се мисли на изрази или цели реченици коишто звучат природно, а може да се употребат во најразлични ситуации. На пример, изразот „That sounds good“ значи „Тоа звучи добро“. Оваа реченица можеме да ја употребиме кога се договараме каде ќе излегуваме, кој филм ќе го гледаме и во многу други ситуации. Иако овој израз може да се преведе на нашиот јазик, постојат многу други кои едноставно нема да имаат логика ако ги преведете онака како што ги слушате. Додека вие се обидувате да преведете нешто, возот ќе ви избега. Но, ако се фокусирате на целата реченица и ја повторите неколку пати, без сомнение полесно ќе ја запомните.
Тие можат многу да ви помогнат за да го намалите честото преведување, но истовремено и ќе го зајакнат вашето јазично его – ќе се чувствувате подобро и поуспешно во комуникацијата.