3 луди митови за пари: Токму поради нив вашиот паричник е секогаш празен
Бихевиоралните финансии се релативно нова гранка од економијата, која научно го истражува човечкото социјално и когнитивно однесување, како и емоционалната нерамнотежа која настанува со цел подобро да се разберат донесените одлуки за инвестиција. Токму затоа научниците ги испитале и најчестите митови поврзани со финансиите, со цел да ја проверат нивната точност. Погледнете кои се најголемите заблуди во кои поголемиот дел од луѓето веруваат…
Мит 1 – Два прихода во семејството се подобри од еден
Многу често во семејствата со повеќе деца, поради бројните трошоци, еден од партнерите не работи. Иако на прв поглед делува логично дека во семејството каде што работат двата родители има повеќе пари, тоа не секогаш е точно. Секако сè зависи од примањата на личноста, но да земеме две семејства со исти плати каде што во едното работат двата родитела, а во другото само едниот.
Кога ќе се платат основните трошоци кои се јавуваат кога уште една личност работи, како на пример, беби-ситерка или градинка, втор автомобил или автобуска карта, облека за работа и исхрана, многу често се случува една цела плата да се стопи за овие побарувања. Исто така во семејствата каде што има две плати, партнерите многу почесто се одлучуваат да купат нешта кои не им се нужни, а исто така и полесно решаваат да подигнат кредит.
Мит 2 – Поседувањето е секогаш подобро од изнајмувањето
Убаво е да се биде сопственик на недвижнини, но тоа само по себе си носи дополнителни трошоци. На пример, сите сопственици на кредити во швајцарски франци во поголемиот дел од случаите денес би се согласиле дека изнајмувањето стан е многу подобро од поседувањето. И покрај тоа што нашиот сопствен стан би ни донел многу поголема удобност, сепак често носи и поголеми трошоци за кои воопшто не размислуваме.
Покрај трошокот кој со себе го носи отплаќањето на кредитот, тука е и данокот за самиот имот, трошоците за одржување на недвижнината, мебелот… Живееме во општество во кое секој поединец се учи дека поседувањето стан е нужност во зрелите години, но голем број западни земји не се согласуваат со овој заклучок токму од финансиска гледна точка.
Мит 3 – Мора да заработувате повеќе со цел да можете повеќе да заштедите
Поголемата плата носи и поголеми трошоци. Не е важно колку заработувате, важна е само вашата волја. Во поголемиот дел од случаите, како што расте приходот на одредена личност, така растат и нејзините животни трошоци. Токму затоа и со поголемите примања доаѓаат и подобар стил на живеење кој самиот по себе е поскап.
Доколку платата е повисока, луѓето се одлучуваат на купување подобар автомобил, вложување во подобро образование и интелектуален развој како и подобро грижење за физичкиот изглед. Од друга страна пак, повеќе пари се трошат и на различни видови релаксирања. Токму затоа и заштедените пари на крајот од месецот нема да бидат многу поразлични од оние кои биле зачувани со помала плата.