Зошто децата во Финска се попаметни од оние во Македонија?

Зошто децата во Финска се попаметни од оние во Македонија?

Слично како и Македонија, и Финска е земја со лоша географска положба и недостаток на природни ресурси кои не овозможуваат добар развој. Една третина припаѓа на Арктичкиот круг, а голем дел е покриен со езера и шуми. Не секогаш имале добри односи со соседите. Во шеесеттите години била сиромашна земја на земјоделци, а денес е една од најбогатите во светот. Електронската индустрија е најважна гранка, затоа што во меѓувреме решиле да се сконцентрираат на знаењето како нивен единствен ресурс кој можел да ги извади од економската беда во која живееле. Тие имаат најголем број истражувачи по глава на жител во светот, а само Шведска и Израел трошат поголем процент од БДП на истражувања и научен развој.

1-Zoshto-decata-vo-Finska-se-popametni-od-onie-vo-Makedonija-www.kafepauza.mk_

Зошто е тоа така?

Финска има толкав успех поради нивниот образовен систем. Тој не ги стимулира децата механички да го научат и повторат она што го вели професорот, туку да истражуваат, мечтаат и иновираат. Од 2000 година па наваму ОЕЦД го спроведува ПИСА тестот, чија цел е да ги спореди знаењата на учениците од различни образовни системи во светот. Се спроведува кај децата од 15 до 16 годишна возраст, при што се тестираат нивните способности за читање, решавање проблеми, математика и наука. Децата од Финска се на самиот врв или блиску до него на сите вакви тестови спроведени до сега. За разлика од нив, Македонија само еднаш учествувала во тестирањето и била пласирана на дното заедно со Индонезија, Перу, Албанија и Бразил. При тоа, резултатите биле прилично под светскиот просек. Кога би се оцениле со оценка од еден до пет, македонските средношколци од 2000 година би биле некаде помеѓу единица и двојка, а најдобрите меѓу нив помеѓу три и четири.

Зошто децата во Финска се попаметни од оние во Македонија?

Во што е тајната?

Финците посветуваат сериозно внимание на образованието на своите деца. За тоа ви препорачуваме да го погледнете документарниот филм „Финскиот феномен“ (The Finland Phenomenon). Во него авторот Боб Комптон посетува неколку училишта, професори и ученици во нордиската земја и истражува што е тоа што овој образовен модел го прави толку успешен. Подолу се поставени четирите дела од по 15 минути, кои се достапни на Јутјуб. За жал нема македонски превод, па ако не го познавате англискиот јазик или ако сте нестрпливи да дознаете повеќе, ги издвоивме главните поенти од него.

  • Целта на образовниот систем е да всади љубопитност, имагинација, иновација, самоиницијативност и претприемачки дух и да им помогне да развијат другарство. Моделот во кој наставникот пренесува одредени информации, а ученикот ги повторува по него е напуштен, а е воведен таков што ги стимулира учениците да откриваат и создаваат свои информации. Финска ги спрема сите деца за работа, за придонес кон заедничкото добро и за активно граѓанство.
  • Целта не е на детето да му се даде стандардизирано знаење кое ќе се контролира, да се направи компетитивно и да му се всади каква било стандардизирана идеја за успех.
  • Затоа на децата не им се проверува знаењето со тестови во првите шест години од образованието, а во некои училишта сè до крајот на средното образование. Првите шест години служат за детето да се подготви за учење и да му се помогне да ја најде својата страст. Никому не му се кажува дека е слаб ученик кого не го бива за ништо, туку се лоцира проблемот, доколку го има, и му се помага во учењето. Така на учениците им се дава можност да развијат сопствен начин на учење.

Зошто децата во Финска се попаметни од оние во Македонија?

  • Децата тргнуваат на училиште на седумгодишна возраст. Пред тоа нема никакво формално образование. Атмосферата во училиштата е опуштена, а децата им се обраќаат на професорите по име, без да ги нарекуваат „наставничке“ или „професоре“. Учениците во основно училиште остануваат што е можно подолго кај истиот наставник, затоа што тој најдобро ги познава и кај него полесно учат. Дури во погорните класови имаат различен наставник по секој предмет.
  • Класовите се релативно мали, од по околу 20 ученици. Тоа им овозможува на учениците да развијат поинтимни другарски односи меѓу себе, а и поблизок однос со наставникот. На часовите по природни науки класовите се ограничени на 16 ученици за да може секој од нив да спроведе експеримент.
  • Националниот образовен совет не изработува детална наставна програма, туку само дава насоки. Секое училиште, а потоа и секој наставник одлучува на кој начин ќе ги спроведе насоките и што ќе вклучи во наставниот материјал.
  • Часот започнува со мало „загревање“. Наставникот е должен да ги воведе учениците во часот и дискусијата на начин кој за нив ќе биде интересен и ќе ги заинтересира за темата, но истовремено ќе биде и интелектуално предизвикувачки.
  • Во филмот има една сцена каде што авторот присуствува на час по математика на кој се учи за Питагоровата теорема. Професорот подоцна му објаснува дека учениците не треба да ја научат теоремата, туку да ја откријат сами. Тој прво им поставува прашања за да открие до каде се со знаењата, а потоа им укажува како да ги „пополнат празните места“. За тоа нема тестирања, затоа што преку таквиот метод тие учат да ги применуваат математичките методи во секојдневниот живот, а не учат теoреми на механички начин.
  • Акцент се става на разбирањето и „читањето“ на науката, а не на нејзиното учење.

Зошто децата во Финска се попаметни од оние во Македонија?

  • Учениците во основно училиште не добиваат домашни задачи се до седмо одделение. A потоа, кога ја добиваат, тоа е многу малку и не е редовно. На тоа трошат отприлика 3-4 часа неделно. Треба да имаат време за слободни активности за добро да се развиваат.
  • Кога некое дете покажува дека има тешкотии со учење, високо квалификуван специјалист работи со него за да види каде лежи проблемот, а потоа и да најде начин да му помогне да учи. Тоа дете не се казнува заради „неуспехот“.
  • Немаат премногу часови и набиена програма за учениците да можат повеќе време да посветат на сопствени проекти и самостојно продлабочување на знаењето. Како резултат на тоа, наставниците имаат повеќе време за оние кои имаат тешкотии во откривањето на нови работи.
  • Кога треба да се запишат во средно училиште, учениците бираат помеѓу две програми. Едната е академска, односно научна, а другата стручна, односно техничка. Дури 45% од децата се решаваат за стручните програми, затоа што тие ги спремаат за работа веднаш по завршувањето на средното образование. И од нив се бара да внесат многу интелигенција во своето учење. Во финскиот вредносен систем нема работа која е „под нечие ниво“. Порано немало таков баланс затоа што стручните училишта биле многу слаби, но властите решиле тоа да го сменат воведувајќи многу поголем квалитет во техничките образовни програми. Овие ученици имаат доволно знаења за да најдат работа веднаш по матурирањето и не им треба дополнително практично искуство.
  • Само 66% од средношколците продолжуваат на факултет.
  • Децата велат дека преферираат да ја работат работата од соништата отколку да заработуваат многу пари. Веќе во осмо или деветто одделение тие посакуваат доста широк спектар на професии, вклучително и инженер, психолог, наставник, итн. При тоа напоменуваат дека се добри во една или друга област, па затоа сонуваат за таа професија.

Зошто децата во Финска се попаметни од оние во Македонија?

  • Професорите велат дека и пред 30 години и денес учениците се речиси исти, но професорите многу се подобриле.
  • Оценките на крајот на средното образование се важни затоа што од нив зaвиси дали некој може да биде наставник. Потребни се високи оценки, а само најдобрите од оние кои имаат високи оценки можат да станат наставници, односно „knowledge workers (работници со знаење)“, како што ги нарекува еден професор во филмот. Потребно е да се поминат и ригорозни приемни испити за упис на факултет, а само околу 10% од пријавените успеваат да влезат. Тие мора да завршат петгодишни студии, составени од три години додипломски и две години мастер студии. Не може да се стане наставник без магистратура. Тоа е престижна професија во Финска.
  • Целта на системот е секое дете во земјата да има еднаков пристап до квалитетно образование. Тоа значи дека секое дете треба да биде третирано еднакво, да добие еднакво квалитетен наставник како и секое друго дете и образованието да биде бесплатно. Ниту на факултет не се плаќа партиципација.
  • За време на студиите, студентите опсервираат голем број часови. Потоа дискутираат и критикуваат меѓу себе.
  • Не е непознато на студент кој сака да стане наставник на факултет, со добра намера, да му биде кажано дека таа професија не е за него.
  • Секој наставник во Финска поминува само до четири часови дневно во училница. Должен е да помине и два часа во неделата на стручно усовршување.
  • Нема инспектори кои вршат надзор над работата на училиштата. Постои доверба во системот. Сметаат дека кога некому му се укажува доверба и не се контролира, тој ќе се потруди да ја заслужи довербата. Ако некој те проверува, тогаш се трудиш само пред него да се докажеш.

Уживајте во филмот!

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

  1. Александар Reply

    За разлика од Финска, кај нас сега е во тек голема берба на плодовите од децениската негативна селекција на педагошките кадри…

  2. Stojmir Reply

    Avtorot na tekstot, se potrudil dobro da go izanalizira skolstvoto vo Danska. I jas sum zadovolen od tekstot, bidejki gi opfaka skoro “site formi na obrazovanie” posebno pedagoskiot i metodicniot del…No nie za sega nemozeme da se sporeduvame so Danska.Nasata analfalbet e “napravena” od 1945 godina, dodeka danskata alfabet nekolku vekovi pred nasata…Uslovite vo koi rabotat,-ucat nasite deca nemozat da se sporeduvaat so decata vo Danska…Standardot vo Danska e daleku ispred nasiot standard. Danska mnogu vekovi porano stvorila tradicija vo obrazovanieto..A nie tek 1960/65 godina gi dobivme prvite srednoskolci vo Makedonija…Ne se danskite deca popametni od makedonskite…Vie tocno znaete koi “elementi ucestvuvaat” vo formiranje na edna licnost…Ne e samo obrazovanieto, toa e samo eden del…Kako rekol Dzon Lok – deteto koga se rodi e cist bel list hartija, “koj ponatamu treba da se ispise”.Semeto, brate semeto,-genitivnoto nasledstvo na deteto deteto ima najgolemo vlijanie od site drugi dijalekticki principi koji doprinesuvaat vo formiranje na licnosta na deteto, pa potoa se :sredinata vo koja ke raste i negovata licna aktivnost (kolku toa ke se zalaga, za da go postigne seto toa.T.E. da bide dobar ili slab ucenik. Sekako ima i drugi faktori, no navedenite se primarni za formiranjeto na edna licnost…Jas ke vi navedam edna vistina, deka decata naprimer vo Skopje gi imaat site uslovi, za dobri ucenici, dodeka decata vo vnatresnosta nemaat ni minimalni nagledni sredstva…Sakam da kazam i standardot igra glavna uloga. Nie sme malecka zemja i mnogu malku odvojuvame za skolstvoto vo Makedonija. Nema sporedba so Danska.A najgolema greska ni e sto od 1970 godina, pa navamu, skolstvoto go vodat slabi nastavnici, zosto tie ne uspejaa da se zapisat na pojakite fakulteti i stanaa nastavnici, a nastavnickiot trud ne bese vrednuvam kako predhodno do’70 tite godini…Ima drugi nedoslednosti, no edna slabo finansiska zemja, nemoze za tolku kratko vreme da “bide Danska”…A pogotovo sega vo tranzicija, koga mladata generacija ostana nevrabotena i dobriot kadar zamina vo stranstvo, da gi polni dzepovite na kapitalistite i na niv da im stvara profit….

    • Петар Тодоровски Reply

      Не велам дека ние можеме од утре да станеме Финска (сигурно на Финска мислевте), но тие се добар пример за тоа како можат да се сменат работите кога ќе се пронајде коренот на проблемот и ќе се исправат работите. Целта на документарецот и на филмот е да го покаже токму тоа. И тие во шеесеттите години биле земјоделска земја во која повеќето биле слабо образовани, но решиле тоа да го сменат. Тие кои го смениле системот учеле по некој стар систем, но сфатиле дека тој не е добар и испробале сосема нов кој е научно издржан. Еден наставник во филмот вели дека и пред 30 години и сега децата се исти, но професорите многу се промениле. И затоа се променил и нивниот стандард на живот. Прво дошле промените во образовниот систем, а тој донел развој и подобар животен стандард. Треба да сфатиме дека таа наша матрица на повторување на она што го рекол професорот не функционира добро и да пробаме нешто ново. Ете, и тие не биле богати кога пробале, не било се во парите. Ние сме уште на стадиум во кој треба да ни стане јасно дека во образованието треба да се примени науката, а не авторитетот.

    • alek Reply

      100% finska ako ne znaes ne zbori

Остави коментар