Зошто е корисно повеќе да се слуша отколку да се зборува?

Зошто е корисно повеќе да се слуша отколку да се зборува?

Комуникациските техники се од есенцијална важност. Но не е важно само себеизразувањето туку и слушањето на соговорникот. Благословени сме со моќта да зборуваме, но и со можноста да слушаме.

Иако ја имаме способноста да искажуваме емоции и мислења, вистината е дека колку повеќе зборуваме толку помалку сме во можност вистински да комуницираме.

Зошто е корисно повеќе да се слуша отколку да се зборува?

Размислете пред да кажете што било

Често ја отвораме устата без точен план за она што сакаме да го кажеме, како и за тоа каков ефект ќе има врз слушателот/публиката. Доколку зборуваме инстинктивно и неподготвени, некогаш нашето импровизирање може да излезе како што треба, но некогаш не. Зборувањето на памет, колку да се учествува во темата на разговор нема да му даде квалитет и значење на разговорот. Не само што никој нема да нè слуша, туку може да создадеме одбивност и недостиг на авторитет во нечии очи.

Пред да кажете што било, земете здив, размислете добро бидејќи кажаниот збор не се повлекува. Размислете што точно сакате да кажете, со која цел, дали може да постигнете нешто и дали коментарот воопшто е потребен во дадената ситуација. Секогаш имате повеќе опции за да кажете нешто. Размислете што е најприфатливо во дадениот момент.

Ислушајте го соговорникот пред да донесете заклучок

Слушањето не значи само дозволување некому да заврши со зборување, туку и „позајмување“ на неговата/нејзината перспектива односно гледиште на работите. Значи дека треба да се ставите на нечие место и во нечија кожа и навистина да се потрудите да го разберете она што ви е кажано.

Брзото и импулсивно донесување на заклучоци неретко ќе нè донесе до сосем погрешни претпоставки и неправилно оценување на личноста која ни зборува. Дајте му време и на вашиот мозок да го „процесира“ она што сте го слушнале.

Ограничете се на она што е важно

Квантитет е едно, а квалитет е нешто сосем друго. Секогаш кога ќе помислите да ја отворите устата за да кажете нешто, да напишете нешто на социјалните мрежи или да објавите нешто на вашиот блог, размислете колку вашиот коментар/текст е потребен и дали тоа е вистинското нешто што треба да го кажете/напишете во тој момент. Некогаш тишината е злато.

Запознајте ги оние со кои комуницирате

Најчесто многу кажуваме со нашите постапки, а за успешна и ефективна комуникација, обрнувањето внимание на секој аспект е многу важно. Запознајте ги вашите соговорници, луѓето со кои најчесто сте во интеракција. Дајте му важност на дружењето, заедничките излети, игри или оброци. Обрнете внимание на другите, на начинот на кој размислуваат и го доживуваат животот. Така и вие ќе си отворите нови перспективи и гледишта.

Пишувајте

Пишувањето е начин на себеизразување, и пишаните дела траат подолго од вербално пренесените. Кога пишувате мора многу подобро да размислите за тоа како ќе се изразите и што сакате да кажете односно пренесете. Ќе ставите многу поголем акцент и на употребата на јазикот, и најважно од сè, ќе мора да се слушате самите себе.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар