„Норвешка шума“ од Харуки Мураками
Некој можеби ја добил Нобеловата награда, но сигурно е дека Харуки Мураками едноставно е најпопуларниот и највлијателниот јапонски автор – особено во странство. Иако неговите дела се главно сместени во Јапонија, Мураками се обраќа на глобалната публика. Здодевноста на модерното време што неговите карактери ја чувствуваат има некој специфичен јапонски аспект, но тоа е состојба која се среќава насекаде во светот. Мешавината на западните – особено во она што неговите ликови читаат и музиката која ја слушаат – и јапонските елементи во неговата фикција е навистина ефективна: светот како едно мало село, но несигурно во својот идентитет.
Ликовите во книгите на Мураками не се разликуваат многу. Тој има стандарден репертоар, а посебно нараторот на неговите приказни кој тежнее да биде сличен од книга во книга. Слично и темата за невозможноста за љубов – за среќна, долготрајна и интимна врска – постојано се појавува. Но сепак, неговите личности се симпатични и добро изградени и читателот не се заморува од нив. Иако многу изгледа познато, тој сепак наоѓа нови начини за презентирање на неговиот материјал. Затоа секоја нова книга на Мураками се доживува силно и единствено, тоа се оние ретки книги, кои откога ќе ги прочитате, уште долго, долго живеат во вас.
Инаку, на последниот, најголем во светот саем на книгата во Франкфурт, Мураками беше автор број еден: негов издавач е „Рандом хаус“, и тој е писател кој мошне внимателно ги одбира своите издавачи во светот. Издавачкиот центар „ТРИ“ е негов ексклузивен издавач во Македонија, а прва книга што беше преведена е „Спутник љубов“, која беше исклучително добро прифатена од македонската публика.
Рецензии
Сите оние кои ја прочитале „Спутник љубов“, знаат за каков автор се работи и секако нема да останат рамнодушни. По многу светски критичари, најдобрата книга на Харуки Мураками е „Норвешка шума“.
Мураками не е автор-сензација позади кој работи пропагандна машинерија, тој е модерен, но култен автор со високи вредности, почитуван и читан насекаде во светот.
Кога ќе ја чуе песната на Битлси, Тору Ватанабе се сеќава на својата прва љубов Наоко, девојката на неговиот најдобар пријател Кизуки. Истиот миг во мислите се враќа во минатото, кога пред речиси дваесет години ги минувал студентските денови во Токио, загубен во свет на тегобни пријателства, патемен секс, страст, загуби и копнежи – во времето кога во неговиот живот влегла незауздената млада жена Мидори, а тој морал да избира меѓу иднината и минатото.
„Норвешка шума“ е најпознатиот роман на Харуки Мураками, култна книга која до неодамна беше најголем јапонски бестселер на сите времиња. Само во Јапонија се продадени над четири милиони примероци.
Оваа книга е полна со студентски бунтови, слободна љубов и поп-музика од шеесеттите години. Исто така е вистински емотивна и ги опишува врвовите, но и најдлабоките падови на растењето.
Мураками го гради своето книжевно ткиво на толку префинет, пајажинест начин, што сé што ќе реши да опише, трепери од безброј симболични можности. – „Гардијан“
Трогателна приказна што погодува право во срцето… Мураками е несомнено еден од најдобрите светски романсиери. – „Глазгов Хералд“
За Авторот
Харуки Мураками е роден во Кјото во 1949 година. Пораснал во Кобе, а сега живее недалеку од Токио. Автор е на романите „Лов на дива овца“, „Тврдо варена земја на чудата“, „Крај на светот“, „Норвешка шума“, „Танцувај танцувај танцувај“, „Јужно од границата, западно од Сонцето“, „Спутник љубов“, „Кафка на брегот“; на публицистичката книга „Подземје: нападот со гас во Токио и јапонската психа“, и на збирките раскази „Слонот исчезнува“ и „По земјотресот“. Добитник е на голем број книжевни признанија, а од неодамна и на угледната награда Јомимури. Делата му се преведувани на над дваесет и пет јазика.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.