Книга: „Девојката со портокали“ – Јустејн Гордер
„Животот е една огромна лотарија во која се видливи само добитните лозови. Ти, читателе, си еден таков лоз.“
Наслов на оригиналот: Appelsinpiken – Jostein Gaarder
Јустејн Гордер е роден во Осло, во семејство на интелектуалци што само по себе имало огромно влијание врз неговата желба за учење, читање и пишување. Неговиот татко бил директор на училиште, а неговата мајка учителка, но и автор на неколку детски книги, па со голема умешност ја негувале неговата љубов кон книгите уште од мали нозе.
Автор е на неколку новели, кратки приказни и детски книги, а меѓу нив е и незаборавната „Светот на Софија“ која што е преведена на 53 јазици. Неколку години предавал филозофија во средно училиште и неговата љубов кон децата и приказните успешно ја пренесува во книгите кои што ги пишува. Најчесто неговите дела се поврзани со длабоки прашања за постоењето, универзумот, човештвото, но сето тоа многу суптилно го пренесува низ раскажувањето.
Активно е вклучен во разни кампањи за човекови права, а заедно со неговата жена ја имаат основано и меѓународната награда за животна средина и развој – Софи (Sophie Prize), именувана по неговата најпопуларна книга.
Синопсис
Георг Ред никогаш не го запознал својот татко, дури и многу малку се сеќава на него затоа што тој починал кога Георг имал само четири години. Сега, момчето има 15 години и неговиот живот целосно се менува кога дознава дека црвената детска количка во која го шетал неговиот татко кога бил бебе, не е само количка туку и поштенско сандаче. Во неа Георг наоѓа писмо од неговиот татко кое го пишувал за него додека бил болен и сега, после толку години писмото конечно завршува во неговите раце. А во него, мудриот татко на Георг пишува за сè, почнувајќи од прекрасните моменти кои ги поминале заедно додека бил жив, па сè до телескопот Хабл, и секако, девојката со портокали.
„Треба да знаеш дека ме пече како удар со прачка тоа што му пишувам на синот што сум го оставил зад себе, а веројатно и за тебе е малку болно да го читаш ова. Но ти си сега млад човек. Кога јас најдов сила да ги ставам овие редови на хартија, мора и ти да се потрудиш да ги прочиташ.“
Приказната која неговиот татко започнува да му ја раскажува е обвиткана со мистерија и го заробува Георг во некое друго време, во времето кога татко му имал само 19 години и ја запознал необичната девојка од трамвајот. Внимателно го води низ мистериозните средби во неговата младост, откривајќи му по некој мал детаљ само за да го заинтересира и полека, но сигурно го менува животот на неговиот син, којшто никогаш немал шанса вистински да го запознае. Иако раскажува љубовна приказна, прашањата кои му ги поставува и начинот на којшто го тера да размислува водат само кон еден заклучок, тоа не е писмо за љубовта, тоа е писмо за животот.
Базиран на книгата, во 2009 година е снимен и норвешкиот филм „Appelsinpiken“.
Лична критика
Јустејн Гордер е писател чии книги или ги сакаат или ги мразат, а јас со сигурност спаѓам во првата група. Можеби затоа што филозофијата ми беше еден од омилените предмети, можеби затоа што знам да си се запрашам одвреме-навреме некои чудни прашања од типот како е можно да е вистина дека „никогаш нема да згазнеме пак во истата река“, зашто нели, и реката и ние ќе бидеме различни, доколку е во право МекТагарт (етернализам, филозофијата на времето) и дали причината поради која размислувам за ова е всушност моја волја, и некои слични прашања кои дефинитивно ми одземаат премногу време.
Како и да е, за сите оние вечни деца со вечни прашања и потпрашања, доколку вашите родители и учители немаа доволно време и волја да ви одговорат, Јустејн Гордер можеби не ги нуди одговорите, но со сигурност ќе ве дружи во размислувањето. „Девојката со портокали“ е постара книга која е можно да сте ја прочитале и заборавиле, а можеби никогаш не сте ја ни отвориле, но верувајте, дете во вас чека да го направите тоа. А откако ќе ја завршите, сигурно нема повеќе да бидете тој возрасен сезнајко кој чекори низ животот убеден дека ги има сите одговори и сите решенија. Дозволете оваа книга малку да го разниша вашиот свет…
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Прекрасна книга! Топло ја препорачувам на секого, се чита во еден здив!
Книгава е закон! Кој ја прочитал знае 🙂