Зошто е убаво да се има брат или сестра?
Како да им простат на луѓето кои ги сакаат и како да се изборат за себе, децата учат од нивните постари браќа и сестри. Во разно разните ситуации кои животот им го носи, тие учат како да се справуваат со лутината, грижата на совеста, среќата и тагата – вели американскиот психолог д-р Џејмс Велборн. Во продолжение, прочитајте ги неговите експертски совети за тоа како треба да се воспитуваат децата и кои битни работи можат да ги научат децата од нивните помали или постари браќа и сестри.
Учат што значи љубовта
Браќата и сестрите можат меѓусебно да се научат што значи да се сака, а што да се биде сакан. Меѓутоа, за децата да сфатат што точно значи љубовта, родителите треба да им покажат дека прегратките и нежноста се составен дел од нивното семејство. На тој начин ќе ги научите децата меѓусебно да се почитуваат и да ги заштитуваат луѓето кои ги сакаат.
Ја учат битноста на тимската работа
Децата не можат да ги одберат нивните браќа или сестри, но сеедно, тие мораат да научат да соработуваат. За да го научат поимот тимска работа, родителите треба да им доделат задачи, кои за да ги завршат успешно, ќе мораат да вложат заеднички труд. Доколку се бунат и протестираат, зададете им уште повеќе задачи. На крајот ќе сфатат дека со заедничка работа, ќе можат многу далеку да дотуркаат во животот, отколку ако се себични – објаснува д-р Велборн.
Учат како да бидат толерантни
Во текот на детството, постарите браќа и сестри, во глобала имаат тенденција да ги избегнуваат помладите, бидејќи се срамат од нив. Но, иако нивниот помлад брат или сестра им се чини поинаков и неинтересен, родителите уште од мали треба да ги научат на толеранција и да им напоменат дека нема да го трпат тој игнорантски однос. Најлесен начин да го направите тоа, е да го пофалите постарото дете кога ќе го видите како разговара со своето помало братче или сестриче во школо. Дадете му до знаење дека многу ве радува фактот дека тој/таа одвоил време да го види помалото дете и гордо ставете му до знаење дека тоа е една од главните задачи на постарите деца – да се грижат за помладите.
Учат како правилно да се караат
Кавгите се сосема вообичаени во текот на детството, но она што е битно за родителите, е да ги научат нивните деца цивилизирано да ги решаваат недоразбирањата. Не смеете да допуштите да се караат многу долго и насилно, бидејќи од една глупава кавга, може да настане вистинска анархија во домот. За да не се случи тоа, приберете ги покрај вас и објаснете им како треба да се носат со новонастанатата ситуација. Откако ќе им го објасните тоа, пуштете ги сами да пробаат да го решат проблемот. Ваквата пракса на советување за цивилизирано решавање на споровите, сигурно ќе им користи и за во иднина, кога ќе пораснат, бидејќи ситните кавги сигурно и тогаш нема да недостигаат.
Учат да бидат и лидери и следбеници
Во односот помеѓу постарите браќа и сестри, секогаш некој повеќе се наметнува како лидер, додека другиот е следбеник. Меѓутоа, без разлика кој е постар, а кој помлад, вие како родители треба да внимавате таквиот однос да не се претвори во тиранија на постарото дете врз помладото. Одвојте време и објаснете им на вашите деца дека улогите треба да се менуваат, односно дека во некои ситуации едниот од нив може да биде водач, а другиот следбеник, но во следната ситуација, улогите треба да си ги сменат. Ова многу ќе им помогне за во повозрасните години, кога ќе мораат да се соочат со фактот дека некогаш ќе бидат лидери, но некогаш ќе мораат да бидат и покорни следбеници на туѓите наредби.
Учат да се изборат за себе
Децата, во меѓусебниот однос учат како да бидат решителни и да не попуштаат во одредени ситуации, а тоа ќе им помогне подоцна во животот, во оние ситуации кога ќе мораат сами да се борат за себе. Направете една вежба со нив, во која ќе ги терате меѓусебно да си се спротивставуваат еден на друг. Во повеќето односи помеѓу браќата и сестрите, едниот е секогаш пошефовски настроен од другиот, па поради тоа, ќе треба да му укажете на попопустливото дете да научи да рече „не“ и да си држи до своето.
Ја учат вештината на преговарањето
Уште едно однесување специфично за децата, е тоа што секогаш го сакаат она што го има нивниот брат/сестра. Наместо да плачат, да го крадат од другото дете и да ви бараат да им го купите истото, научете ги како успешно да преговараат за да го добијат. Така на пример, натерајте ги да склучат договор, дека ако сакаат нешто да позајмат од братот/сестрата, за возврат ќе треба да му/ѝ го местат креветот цела недела. На тој начин, ќе ги научите на многу важната животна лекција, дека ништо во животот не е бесплатно и за сѐ треба чесно да се потрудат за да го добијат, напоменува д-р Велборн.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
A za tie sto nemaat na primer kako mene ?