Зошто не треба да се заљубите во моментите кога сте осамени?
Умот е чудна работа, затоа што човекот може да се убеди себеси речиси во сѐ. Самите вие ги вселувате во себе своите стравови и надежи и верувате во работите кои ви се кажани, само затоа што ви рекле дека тоа е во ред. Вие можете дури и да се убедите себеси дека сте заљубени во некој на кој никогаш не би помислиле доколку не сте осамени. Во моментите на осаменост вие сте ранливи, слаби и чувствувате дека ви треба некој да ве подигне затоа што тоа е единствениот начин да се чувствувате подобро. Но тоа не е вистина.
Наместо да се заљубите кога сте осамени, заљубете се кога ќе бидете подготвени за тоа, кога ќе имате доверба во себе, кога ќе бидете целосно свои и кога ќе знаете што сакате. Не се заљубувајте кога сте осамени и кога ќе се убедувате себеси дека некој друг може да ве поправи тогаш кога ќе чувствувате дека се распаѓате. Не убедувајте се себеси дека сте доволно добри само ако имате некој до себе за постојано да ве потсетува на тоа. Не се заљубувајте кога ќе се чувствувате изгубени во светот и кога нема да бидете сигурни што сакате. Ако го направите ова, на крај вие ќе останете со чувство на празнина и постојано ќе барате начини да побегнете од ситуацијата и да го живеете животот што го сакате.
Да бидете сами е дел од животот, понекогаш тоа е предизвик, но токму тоа е и важно. Секој во одреден период се соочува со ова чувство, но тогаш можете да ја пронајдете вашата сила, вредност и личноста што навистина сте. Љубовта која е родена од осаменоста нема тенденција да расте. Корените се слаби и нема надеж за долговечност. Кога немате силна и здрава основа, вие немате ништо. Треба да бидете подготвени да започнете нова врска, да бидете среќни со себе и со својот живот, бидејќи личноста во чии раце ќе се впуштите, нема да биде способна да ве лекува. Единствено вие можете да си помогнете себеси.
Треба да бидете подготвени и силата да ја барате во себе. Не можете да очекувате да бидете повторно целосни, ако секогаш имате различни луѓе кои ги закрпуваат празните дупки во вашето срце. Ако го правите ова, на крај вие ќе завршите со нови празнини. За да бидете со некоја личност треба да бидете подготвени и возбудени околу тоа. Не треба да се обидувате празнината до себе да ја пополните со кој било, не можете да ја замените старата љубов, затоа не треба ни да се обидувате. Не обидувајте се да пронајдете некој кој ќе ве потсетува на старата љубов, пронајдете личност која ќе ве прави среќни со она што навистина е. Пронајдете некој кој може да ве насмевне и без да ви каже некоја шега, некој што ве интересира и од кој сакате да учите. Пронајдете личност која ќе ја сакате токму таква каква што е, без да ве потсетува на некој или да ја сакате само за да ви ја намали осаменоста.
Не започнувајте нешто доколку не сте подготвени целосно да се посветите, затоа што со тоа ќе измамите нечие друго срце и живот. Добро е да се биде сам, тоа е важно и потребно. Потребно е да научите како да се исправите кога паѓате и да научите како да се сакате себеси кога немате некој друг до вас да ви го каже тоа. Важно е да се почитувате самите затоа што ако не го правите тоа, никој друг нема да ве почитува. Треба да бидете сами со цел да сфатите што сакате и што заслужувате. Не залажувајте се, љубовта која започнува од осаменост, уште од самиот почеток е предодредена на неуспех!