Значењето на боите околу нас

Значењето на боите околу нас

Секоја боја околу нас има свое значење и ни буди различни чувства. Добрата комбинација од бои, често може да се покаже како клучна за успех при работата, уредувањето на домот, промовирањето на некое добро или услуга и слично. Која боја вам ви е омилена?

Значењето на боите околу нас

Црвената е бојата на огнот и на крвта, па токму затоа таа асоцира на енергија, војна, опасност, сила, моќ, одлучност, страст, копнеж и љубов.

Црвената е емотивно интензивна боја. Таа го забрзува човечкиот метаболизам и дишењето и го зголемува крвниот притисок. Таа има голема видливост, па токму затоа сообраќајните знаци, семафорите и противпожарните апарати ја содржат токму неа. Во хералдиката, црвената се користи за означување храброст. Оваа боја се наоѓа и на многу национални знамиња.

Значењето на боите околу нас

Црвената ги поставува текстот и сликите во преден план. Може да се користи за да се акцентираат некои работи, кои можат да го натераат човекот да донесе некои брзи одлуки, како на пример „Купи сега“ или „Кликни тука“. Во маркетингот, црвената боја најчесто се користи да пробуди еротски чувства. Црвената боја својата најширока примена ја наоѓа во обележувањето на нешто што е опасно. Исто така, таа се применува и за асоцирање на енергија, па така може да се користи за промоција на енергетски пијалаци, игри, автомобили и друго.

  • Светло-црвена: радост, сексуалност, страст, чувствителност и љубов
  • Розова: романтика, љубов, пријателство, женски квалитети и пасивност
  • Темно-црвена: енергија, волја, бес, лутина, лидерство, храброст, тага, злоба и гнев
  • Кафеава: машки квалитети и стабилност
  • Црвено-кафеава: жетва и есен

Портокаловата ја комбинира енергијата од црвената и среќата од жолтата. Таа се поврзува со радост, сонце и тропски предели. Портокаловата боја претставува ентузијазам, фасцинација, среќа, креативност, решителност, атракција, успех, охрабрување и поттикнување.

Во човечките очи, портокаловата е многу жешка боја, па така му дава чувство на топлина. Сепак, портокаловата не е толку агресивна како црвената. Портокаловата боја го зголемува нивото на кислород во мозокот, произведува заживувачки ефект и ја стимулира менталната активност. Таа е мошне прифатлива помеѓу младите луѓе. Како цитрусна боја, портокаловата се поврзува со здрава храна и таа го стимулира апетитот. Портокаловата е бојата на есента и жетвата. Во хералдиката, оваа боја е симбол на сила и издржливост.

Значењето на боите околу нас

Портокаловата боја има многу висока видливост, па можете да ја користите за да привлечете внимание и за да ги нагласите најважните елементи во вашиот дизајн. Таа е многу ефикасна за промовирање на прехранбени производи и играчки.

  • Темно-портокалова: измама и недоверба
  • Црвено-портокалова: желба, сексуална страст, задоволство, доминација, агресија и жед за акција
  • Златна: престиж, просветлување, мудрост, богатство и висок квалитет

Жолтата е боја на сонцето. Таа се поврзува со радост, среќа, интелект и енергија.

Жолтата боја обезбедува чувство на топлина, чувство на бодрење, ја стимулира менталната активност и создава мускулна енергија. Таа често се поврзува со храната. Светлата, чисто-жолта боја е предизвикувач на внимание, поради што и такси возилата во многу земји од светот се бојадисани со таа боја. Кога е премногу употребена може да има вознемирувачки ефект. Познато е дека бебињата повеќе плачат во соби во кои доминира жолтата боја. Во хералдиката, жолта укажува на чест и лојалност. Подоцна, некои значењето на жолта го поврзуваат со кукавичлукот.

Значењето на боите околу нас

Жолтата боја се користи за да предизвика пријатни и весели чувства. Оваа боја можете да ја одберете за да промовирате детски производи и предмети поврзани со користењето на слободното време. Жолтата е многу ефикасна за привлекување внимание, па може да се користи за да се потенцираат најважните елементи во дизајнот. Мажите често на жолтата боја гледаат како на детска, па затоа не се препорачува престижни и скапи продукти за мажи да ја содржат. Таа е нестабилна и спонтана боја, па препорачливо е да се избегнува ако треба да се потенцира стабилност и безбедност. Светло-жолтата има тенденција да исчезнува кога е во комбинација со белата, па затоа потребна е потемна боја за да се потенцира нешто. Нијансите на жолта боја се визуелно непривлечни, бидејќи ја губат ведрината и постануваат валкани и безбојни.

  • Несјајна: претпазливост, распаѓање, болест и љубомора
  • Светло-жолта: интелект, свежина и радост

Зелената е боја на природата. Таа симболизира раст, хармонија, свежина и плодност. Зелената има силна емоционална кореспонденција со сигурноста. Темно-зелената, многу често се поврзува со пари.

Зелената има голема исцелителна моќ. Таа е најспокојната боја за човечкото око и може да го подобри видот. Таа симболизира стабилност и издржливост. Понекогаш зелената означува недостаток на искуство. Во хералдиката, зелената боја покажува раст и надеж. Оваа боја, обратно од црвената, означува безбедност. Не за џабе, таа е бојата на слободен премин во патниот сообраќај.

Значењето на боите околу нас

Користете ја зелената за да посочите безбедност при рекламирање лекови и медицински производи. Зелената е директно поврзана со природата, па можете да ја користите за промовирање еколошки производи. Потемно-зелената најчесто се поврзува со парите, финансискиот свет, банкарство и слично.

  • Темно-зелена: амбиција, алчност и љубомора
  • Жолто-зелена: болест, кукавичлук, раздор и љубомора
  • Аква: емоционално лекување и заштита
  • Маслинесто-зелена: мир

Сината е боја на небото и морето. Често, таа асоцира на длабочина и стабилност. Оваа боја симболизира доверба, лојалност, мудрост, самодоверба, интелигенција, вера, вистина и рај.

Сината се смета како корисна за телото и умот. Таа го забавува човечкиот метаболизам и произведува еден фин смирувачки ефект. Сината е силно поврзана со спокојството и смиреноста. Во хералдиката, сината боја се користи за да симболизира побожност и искреност.

Значењето на боите околу нас

Можете да ја користите за промоција на производи и услуги поврзани со чистота (филтри за прочистување на водата, средства за чистење…) воздухот и небото (авиокомпании, аеродроми, климатизери), вода и море (туристички патувања, минерална и обична вода). За разлика од емотивно-топлите бои како црвената, портокаловата и жолтата, сината е поврзана со свеста и интелектот. Користете сина за да покажете прецизност кога промовирате технолошки производи.

Сината е машка боја бидејќи, според истражувањата, таа е многу прифатена во машкиот свет. Темно-сината е поврзана со длабочина, експертиза и стабилност. Избегнувајте да употребувате сина боја кога промовирате храна и готвење, бидејќи оваа боја го потиснува апетитот. Кога се употребува заедно со некоја од топлите бои, сината може да создаде енергичен дизајн.

  • Светло-сина: здравје, лек, спокојство, разбирање и мекост
  • Темно-сина: знаење, моќ, интегритет и сериозност

Виолетовата боја е комбинација од стабилноста на сината и енергијата на црвената. Виолетовата е поврзана со кралското семејство. Симболизира моќ, благородност, луксуз и амбиција. Таа претставува богатство и екстраваганција. Виолетовата е поврзана со мудроста, достоинството, независноста, креативноста, мистеријата и магијата.

Значењето на боите околу нас

Според анкетите, речиси 75 проценти од предадолесцентите преферираат виолетова пред сите други бои. Виолетовата е многу ретка боја во природата, па затоа некои луѓе сметаат дека таа е вештачка. Светлата виолетова е добар избор за женски дизајни. Таа може да се користи за промоција на детски производи.

  • Светло-виолетова: романтични и носталгични чувства
  • Темно-виолетова: мрак, тажни чувства и фрустрација

Белата боја се поврзува со светлината, добрината, невиноста, чистотата. Таа се смета за бојата на совршенството. За разлика од црната, белата боја обично има позитивна конотација. Таа може да претставува успешен почеток. Во хералдиката, белата отсликува вера и чистота.

Значењето на боите околу нас

Во маркетингот, белата се поврзува со свежина и чистота бидејќи тоа е бојата на снегот. Можете да ја користите за да сугерирате на едноставноста во технолошките продукти. Белата е соодветна боја за добротворни организации, бидејќи ангелите обично се замислуваат дека носат бела облека. Белата е поврзана со болници и доктори, па можете да ја користите за да прикажете безбедност при промовирање на медицински производи. Белата е често поврзувана со мала тежина, ниско калорична храна и со млечни производи.

Црната боја се поврзува со моќта, елеганцијата, формалноста, смртта, злото и мистеријата. Црната е мистериозна боја која асоцира на страв и непознато. Таа вообичаено има негативна конотација. Црната боја се смета за многу формална, елегантна и престижна боја.

Значењето на боите околу нас

Во хералдиката, црната е симбол на тагата. Црната боја дава чувство на перспектива и длабочина, но сепак кога се користи како позадина ја намалува читливоста. Црниот костум или фустан исто така може да направи да изгледате послабо. При дизајнирање и фотографирање, црната боја може да се искористи како позадина за да се истакнат другите бои. Таа е одличен контраст на светлите бои. Во комбинација со црвена или портокалова, црната боја добива агресивност.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран новинар со широк спектар на интереси. Љубител на ТВ серии, фудбал и Цедевита. Статистичар по природа и страстен фан на Јувентус и Роџер Федерер.

Поврзани содржини

Остави коментар