За да направите некого среќен, прво ВИЕ мора да бидете среќни
Ова е нешто што мора да го запомните – доколку сакате некого да усреќите, прво вие мора да бидете среќни, бидејќи никако не можете да пренесете позитивна енергија кон друга личност ако вие самите не ја чувствувате.
Луѓето често погрешно веруваат дека ако повеќе се жртвуваат, толку повеќе покажуваат дека се грижат. Но, тоа е многу далеку од самата вистина. Вие можете да давате сè што имате, но едноставно не можете да го дадете она што го немате. Доколку вие самите не се чувствувате среќни, тогаш како е можно да му помогнете на некој друг да ја постигне својата среќа? Размислете малку. Можеби би можеле да успеете да предизвикате некаков вид краткотрајно задоволство, но сепак не можете да научите некого нешто што ни вие самите не го разбирате, нели?
Ви текнува на објаснувањата кои стјуардесите ги кажуваат пред авионот да полета? Тие велат дека во случај на опасност прво вие треба да ја ставите маската на вашето лице, а потоа да им помогнете на оние кои седат покрај вас. Логиката е едноставна, доколку не ја ставите прво вашата маска, тогаш поголеми се шансите дека ќе изгубите свест и во тој случај воопшто нема да можете да им помогнете на другите. Истото се случува и со среќата. Едноставно не можете да усреќите некого доколку вие се чувствувате несреќно. Мора прво да се погрижите за себе, а потоа за другите. Сите останати формули се рецепт за катастрофа и за вас и за личноста која се обидувате да ја направите среќна.
Најдобар пример за погрешен обид да направите некого среќен е кога родителите остануваат во брак само поради тоа што веруваат дека нивните деца ќе бидат среќни ако мајка им и татко им живеат под ист покрив. Тие целосно ги занемаруваат нивните чувства и се жртвуваат за своите деца мислејќи дека тоа е најдоброто за нив. Во тој случај родителите се постојано несреќни, а тоа е нешто што и децата почнуваат да го чувствуваат. И секако, колку и да се трудите да ги направите среќни, никогаш нема да успеете во тоа. Живеејќи во несреќна средина, со несреќни родители и децата ќе станат несреќни. Но, од друга страна ако родителите се разделат и ја побараат својата среќа на сосема различни страни, тогаш тие ќе бидат во многу подобра позиција да им помогнат и на своите деца да си ја најдат сопствената.
Понекогаш, некои луѓе се обидуваат да прават добри и добротворни нешта очекувајќи дека тие автоматски ќе ги направат среќни. Но, и покрај тоа што студиите покажуваат дека правењето „добри дела“ може да ја подобри вашата добросостојба, сепак, ако тоа не го правите со вистински намери тогаш нема да можете да извлечете долготрајно задоволство од него. Доколку му помагате на некого само поради вас и вашата гордост, тогаш топлината на самото дело е изгубена и вашето задоволство од правењето на тоа дејство во најдобар случај ќе биде минимално. Помагањето на другите предизвикува позитивни чувства само доколку навистина сакате да им помогнете.
Секако, доколку веќе сте успеале да ја постигнете вашата среќа, тогаш сте во одлична позиција да му помогнете и на некој друг да биде посреќен. Сте забележале ли дека личностите кои се во добро расположение кога ќе влезат во просторија на некој начин ја осветлуваат со радост и таа енергија веднаш се префрла и на другите луѓе? Доколку ги споделувате вашите приказни и совети со ентузијазам, луѓето ќе почнат вистински да ве слушаат. И кога тие ќе почнат да гледаат дека вие стоите зад вашите верувања и ги постигнувате вашите цели, тие ќе станат многу помотивирани да го направат истото и за себе. Кога ќе станете пример за среќа, вашето влијание ќе почне да се шири кон сите околу вас дури и без да забележите.
Но, сепак имајте на ум дека не можете да направите некого среќен без негова дозвола. Некои луѓе без разлика на сè не си дозволуваат на себе да бидат среќни и вие не можете да направите ништо за да го смените тоа. Но, секако тоа не значи дека треба да се откажете од нив. Обидете се со опуштени и неосудувачки разговори да им го објасните вашето гледиште за ситуацијата и којзнае, може ќе успеете барем малку да допрете до нив.
И за крај, ве советуваме да го запишете насловот на оваа статија некаде каде што ќе можете секојдневно да го гледате. Оваа мисла може да ви послужи како мотивација повеќе да се борите за вашата среќа, а на тој начин ќе можете подобро да влијаете и врз среќата на вашите најблиски…
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Pingback: Среќа | Марсовка на Земјата