Водич за читање од стапала

Водич за читање од стапала

Очите можеби се прозорци на душата, но ако навистина сакате да го запознаете карактерот на некоја личност, загледајте се во нејзините стапала. Читањето на стапала се практикува во Кина и Индија повеќе од 5.000 години. Според ова учење, стапалата откриваат многу карактерни особини кај луѓето, како и разни здравствени проблеми.

Се прашувате дали има вистина во ова? „Секако дека да“ – вели Џејн Шијан, рефлексолог и автор на три книги од оваа област. Таа се занимава со читање на стапала цела декада и е убедена дека тие кажуваат сè за луѓето – од работата на дигестивниот систем, до состојбата во која се наоѓа нашата љубовна врска.

„Собујте ги вашите чорапи и јас ќе можам да ви кажам дали сте темпераментен авантурист, кој сака да презема ризици или пак сте во потрага по стабилност, ред и хармонија во вашиот живот. Исто така, можам да видам дали претерувате со пиење вино или јадење чоколатца.“

Погледнете го нејзиниот водич за гледање на стапала, со помош на кој ќе откриете многу работи за вас, а можеби и некои здравствени проблеми.

Водич за читање од стапала

За да ја определите должината на вашите прсти, замислете си линија која поминува од средината на палецот до врвот на најмалиот прст. Прстите кои ја надминуваат линијата се сметаат за долги, а тие под неа за кратки.

Палец

Ако вашиот ножен палец е значително поголем од останатите прсти, вие сте паметна и креативна личност, која секогаш има наплив на идеи и генијални решенија на проблемите. Никогаш не се збунувате кога треба да дадете некаков одговор и можете да ги погледнете работите од различни агли. Од друга страна, може да имате проблеми со концентрацијата и понекогаш не умеете да ги завршите започнатите работи до крај.

Ако вашиот палец на ногата е помал, тоа значи дека вие можете ефикасно да работите на повеќе работи истовремено. Го употребувате вашиот шарм за да ги убедите луѓето да ги прифатат вашите идеи.

Втор прст

Колку ви е подолг прстот до палецот, толку поголеми лидерски способности поседувате. Вие сте динамични, вешти и снаодливи, но сакате работите да се завршуваат онака како што вие ќе наумите, па затоа луѓето честопати сметаат дека имате шефовски нарав.

Од друга страна, ако имате помал втор прст, не значи дека луѓето лесно можат да ве поразат и искористат, туку дека вие едноставно сте доволно трпеливи да почекате подобар развој на настаните. Вие ја цените хармонијата во односите кои ги имате со луѓето и не сакате да го форсирате само вашиот став и размислување.

Среден прст

Доколку средниот прст од вашите стапала е компаративно поголем, тоа значи дека вие сте енергична и снаодлива личност, особено на вашето работно место. Колку подолг ви е овој прст, толку имате поголем нагон да успеете во вашата кариера. Вие сте перфекционист, кој може да постигне многу во животот, благодарение на вашата посветеност и елан. Негативната страна на оваа особина, е вашата тенденција да дозволите работата да ве обземе и да заборавите на љубов, забава и односите во семејството.

Ако вашето средно прсте е пократко, вие уживате во задоволствата кои ви ги нуди животот. Сакате да се релаксирате и не сакате да се вознемирувате за некои глупави ситници кои редовно се случуваат во животот. Другите можеби ќе ве обвинат дека сте мрзливи, но вие ќе се браните со реченицата: „Животот е краток. Уживајте во него.“

Домал прст

Долг, прав четврти прст на ногата говори за тоа дека семејството ви е исклучително важно во животот. Ако овој прст ви е подвиткан, тоа може да индицира несреќа во вашите љубовни врски. Вие сте нежна личност и извонреден слушател, но многу ќе ве погодуваат непријатните моменти во вашето семејство. Вам не ви е лесно да се изолирате од проблемите на другите луѓе. Кинезите би ви рекле дека сте нежна душа, на која лесно може некој да ù ги повреди чувствата. Дури и здравјето може да ви биде загрозено од немирот кој владее во вашето семејство. Ако врвот од прстот ви е свиткан како канџа, тоа значи дека морате да научите како да се релаксирате и престанете да чувствувате товар од проблемите на другите луѓе.

Ако домалото прсте ви е кратко, тоа значи дека семејството и љубовните врски не ви се толку важни. Вашиот фокус е насочен кон сè останато.

Мал прст

Палаво, детско однесување е типично за луѓето кои имаат мало последно прсте на стапалата. Вие бегате од одговорност, лесно ви досадува што и да правите и константно сте во потрага по добра забава. Луѓето обожаваат да бидат околу вас, бидејќи сте интересна, социјална и шеговита личност. Сите овие карактеристики звучат совршено, но не во секоја ситуација – сите мораме да пораснеме некогаш.

Ако можете да го одвоите малото прсте од четвртиот прст, вие сте импулсивна, авантуристички настроена личност, која поседува голем шарм и умее да флертува. Овие луѓе, можат да ви овозможат луда ноќ, забава и авантура.

Ако не можете да го одвоите малото од домалото прсте вие го цените рутинскиот, предвидлив начин на живот и лојалноста. Па доколку сте во потрага по сериозна врска, одберете некој што не може да го одвои малото прсте.

Водич за читање од стапала

Скалести прсти

Ако прстите ви се скалесто поставени, односно ако палецот ви е најголем и секој нареден прст е малку помал од претходниот, тоа значи дека вие сте промислена, прецизна и екстремно практична личност. Имате способност за забележување детали и секогаш го завршувате она што ќе го започнете. Вие сте работник каков што секој шеф би посакал да има и лојален и безрезервен пријател, кој сите го почитуваат. Но, немојте да станете премногу критични и да им фаќате кусури на луѓето – не се сите толку балансирани како вас.

Широки стапала

Вие сте одличен работник, кој е секогаш спремен да го сработи она што треба да се сработи и не сте човек кој може да седи во едно место, подолго од една минута. Вие сте најсреќни кога сте зафатени со некоја работа, но обидете се да пронајдете малку време за себе, за да внесете мир и хармонија во вашиот живот. Дозволете си одвреме-навреме да го забавите темпото и полека да размислите. Тоа не е мечтаење, туку само спојување на сите делчиња од мозаикот, по пат на долго, аналитички размислување.

Долгнавести тесни стапала

Вие обожавате да бидете галени и не ви претставува никаков проблем да ги пренесете вашите обврски на некој друг. Зошто да се заморувате работејќи тешка работа, кога лесно можете да убедите некој да ја заврши место вас?! Вие имате изострен вкус и чувство за естетика и сакате да бидете опкружени со убави работи. Вашиот дом ќе биде убаво уреден без разлика колкава плата земате. Вие сте родени за некој да ве служи, но имајте милост и за останатите обични смртници.

Длабочина на сводот на стапалата

Оние кои имаат стапала со длабок лак се независни и самостојни. Вие сакате да поминувате многу време сами со себе, поради што другите може да ве обвинат дека сте антисоцијални. Имате нескротлив темперамент и енергија, но според кинеската филозофија, оние со длабок свод на стапалата, се во суштина емотивно кршливи и крути луѓе.

Ако лакот на стапалото ви е мал или просечен, ја цените дружбата со вашите пријатели, социјални сте и отворени за разговор. Сакате убаво да си поминувате каде и да одите и ви е драго да се потрудите и другите кои се со вас, исто така да си поминат убаво.

Водич за читање од стапала

Стапалата можат да бидат индикатори и на здравствени проблеми

Кожа која се лупи – Според кинеската медицина, кожата на вашите стапала, покажува колку внимавате на себе. Ако кожата се лупи, тоа значи дека вие не се грижите доволно за себе и премногу се напрегате работејќи. Исто така, ваквата кожа е индикатор дека ви е потребна повеќе љубов во животот.

Потемнета кожа на мекиот заден дел под прстите – Ова може да е знак за депресија. Депресивните луѓе имаат тенденција да чекорат на предниот дел од нивните стапала, каде што ја концентрираат целата телесна тежина.

Формата на ноктите – Ако вашите ножни нокти се заоблени, вие можеби имате некаков проблем со дигестивниот систем. Треба да почнете да јадете поздраво. Ако формата на ноктите ви е хоризонтална, тоа може да индицира дека сте под голем стрес.

Меури – Оние кои имаат меури на стапалата се личности кои премногу трчаат наоколу за да им помогнат на другите. Џејн Шијан препорачува да престанете да трчкате наоколу и да почнете да мислите малку на себе за промена.

Задебелена кожа на стапалата веднаш под прстите – Овој дел од стапалата е поврзан со рамената. Ако имате задебелена кожа на овој дел од стапалата, тоа може да е индикатор дека имате лошо држење на телото, преморени сте од работа или „носите“ премногу обврски на вашите рамена.

Темно црвени или виолетови дамки – Потемнети делови на кожата на стапалата се индикатор на длабока болка. Виолетови или црвенкасти дамки посочуваат некаква емоционална болка. Ако вашите стапала се побледи во однос на останатиот дел од телото, тоа значи дека имате лоша циркулација.

Отоци на мекиот заден дел под прстите – Овој дел од стапалата е индикатор за проблеми со стомакот и црниот дроб. Ако ова место е отечено, треба да намалите со консумација на алкохол и мрсна храна.

Мека сунѓереста област околу тетивите – Доколку овој дел од стапалата ви е многу мек, тоа може да индицира проблеми со плодноста. Ваквиот проблем можете да го редуцирате доколку намалите со внес на кофеин и почнете да пиете повеќе вода на дневна база.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

  1. Мона Reply

    не очекував толку да ми погодат 🙂 хаха интересно 🙂

  2. vanco Reply

    vo sekoj zakon ima amandmancinja,vo sustina me imprewsionira:))

  3. тејја Reply

    Воопшто не ми погоди!!

  4. Sofi marinova fan Reply

    gluposti ama ajde

Остави коментар