Важноста на читањето: Помогнете му на вашето дете да ја засака книгата

Важноста на читањето: Помогнете му на вашето дете да ја засака книгата

Вашите први родителски напори за запознавање на детето со учењето почнуваат уште на предучилишна возраст со развивање љубов кон читањето. Читањето смирува, го развива речникот, ја збогатува фантазијата и ја зацврстува врската помеѓу децата и родителите.

Читањето на детето му овозможува да стекне искуства со различни зборови, начини на користење на јазикот, ритамот и звуците. Со читањето децата го учат и она што не им е достапно во нивниот секојдневен живот. Исто така се подразбира дека прво вие му читате на вашето дете, но не треба да инсистирате тоа што побрзо да научи да чита самостојно, затоа што на тој начин вашето однесување може да има сосема спротивни ефекти.

Омилена забава – читање!

  • Со читањето не може да се подрани (може да се почне уште на „бебешка“ возраст со избор на сликовници со тврди корици, силни бои, заоблени ивици, јасни илустрации…)
  • Резултатите од научните истражувања потврдуваат дека децата што во предучилишна возраст биле изложени на влијанието на јазикот (преку книга и низ разговор) имаат подобри резултати во училиште, а подоцна и во учењето.
  • Во предучилишниот период ги развиваме детските ,,предчитачки“ способности и се формира основата за учење во училиште.

Што подразбираат ,,предчитачките способности“?

Поврзување – децата учат да поврзуваат облици, слогови и на крај зборови.

Римување – децата кои воочуваат дека некои зборови звучат слично или се римуваат се во предност во однос на своите врсници, кога почнуваат да учат читање, а нешто подоцна и пишување.

Правец – напишаниот текст е од лево кон десно. Важно е да се усвои следењето на текстот во вистински правец, вртење страница, разгледување слики.

Јазична способност – ја развивате со читање, но и со многу разговарање со детето. Што повеќе искуство стекне детето со јазикот и зборовите, толку полесно ќе научи и да чита.

Kако да ја развиете љубовта кон читањето кај своето дете?

  • Читајте му што повеќе приказни и стихотворби.
  • Дозволете му на детето да види како со прст го следите напишаниот текст.
  • Поставувајте му прашања за приказната и сликите.
  • Поттикнувајте го детето да ви поставува прашања. Бидете трпеливи во одговорот. Сè додека го поставува истото прашање, или не го разбрало вашиот одговор или прашањето му е многу важно па свесно го поставува повеќе пати и на тој начин му дава поголемо .значење.
  • Разговарајте со своето дете и слушајте го.
  • Помогнете му на вашето дете правилно да го држи моливот.
  • Додека детето пишува, седете до него, а не спроти него.
  • Пофалете го во секоја погодна ситуација.
  • Не му пренесувајте напнатост. Бидете опуштени. Забавувајте се. Направете од читањето мал ритуал. Сместете се удобно, исклучете го телефонот, седнете еден до друг, гушнете го и приближете го до себе за да ја гледа книгата додека му читате.
  • Ако детето покажува отпор на веќе одбраните материјали, дозволете му само да ја избере книгата, сликовницата или пак, детските списанија…

Сања Нечовска, дефектолог-логопед

 
Погледнете ги и овие 5 бајки за деца кои имаат многу подлабоко значење!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар