Справување со анксиозноста

Справување со анксиозноста

Ен почнала да бара онлајн лекови за нејзиното куче. По 3 часа таа сè уште го прави истото, веб-сајт по веб-сајт, брендови, цени, состојки – во обид да го најде вистинскиот лек. Конечно, во 23 часот нејзиниот маж морал да дојде и со сила да ја тргне од компјутерот.

Том порано правел листа на сите работи кои планирал да ги носи со себе кога оди на пат. Денес, тој има 3 листи – листа за листата за листата. Дел од него знае дека тоа е малку лудо, но сепак не може да се откаже од нив.

Сара се разбудила во 2 по полноќ со мислата дека не ги пополнила сите податоци во нејзиниот документ за даноци. Истата вечер, таа повеќе не заспа.

Справување со анксиозноста

Ах, таа наша стара пријателка, анксиозноста. Сите оние нешта поврзани со живеењето во иднината, очекувањето на најлошото, чувството во стомакот и опсесијата… Понекогаш анксиозноста е ран систем за предупредување кој нè подготвува за опасностите кои ни претстојат, но понекогаш таа знае целосно да ни избега од контрола. И тогаш станува проблем. Доколку ја испуштиме од раце и ѝ дозволиме да ни кажува што да правиме, нашиот свет полека, но сигурно ќе стане многу помал.

Клучот во справувањето со анксиозноста е преземањето на контролата во ваши раце. А тоа можете да го постигнете преку наредниве 4 чекори:

1. Сфатете кога вашиот анксиозен ум ги презема работите. Првиот чекор е да препознаете кога анксиозноста почнува да ви бега од контрола. Кои се вашите знаци и симптоми – затегнување во градите, опсесивно запрашување од типот „што ако…“ или пак, некои од секојдневните проблеми како парите, вашата работа, телесната тежина… кое било чувство кое ве тера да станете понесигурни и анксиозни. Не мора да навлегувате длабоко во корените на овие мисли, доволно е само да ја препознаете анксиозноста во истиот момент кога ќе почне да се појавува.

2. Одлучете дали проблемот кој ве опседнува е рационален или ирационален. И покрај тоа што анксиозноста е ран систем на предупредување, софтверот кој управува со тој систем би можел да биде расипан. Почетокот на анксиозноста се наоѓа во некои ситуации од детството. Но, со тек на време наместо да се намали, таа се зголемува и веќе не прави разлика помеѓу старите опасности и новите. Токму поради тоа вашиот возрасен рационален ум мора да настапи на сцена. Дајте си малку време на себе за да сфатите дали постои вистински проблем или пак, станува збор за ирационална пречка која мора да ја решите сами со себе.

3. Преземете ги работите во ваши раце. Соочувањето со причините за анксиозноста може да ја намали истата. Но, доколку не постои вистински проблем кој може да се реши во сегашноста, како на пример грижите за вашиот живот во иднината, тогаш мора да се фокусирате на контролирање на вашите мисли. Дишете длабоко, бидете што е можно посвесни за сите мисли кои ви поминуваат низ глава, медитирајте, вежбајте… Почнете да правите нешта кои ќе го одвлечат вашето внимание во друга насока, но доколку ништо не успева почнете да ги запишувате опсесивните мисли. Колку повеќе запишете, толку подобро ќе биде за вас. На тој начин ќе станете посвесни за сите оние нешта што ви поминуваат низ глава и ќе можете многу полесно да сфатите колку всушност се тие ирационални.

4. Подобрете ја самодовербата така што ќе ги правите оние нешта кои ве плашат. На најосновното ниво, анксиозноста претставува страв. И како и секој друг проблем, така и за справувањето со анксиозноста имаме добра и лоша вест. Добрата вест е што можете да го научите вашиот мозок како да ја намали осетливоста на овој ран предупредувачки систем. Но, лошата вест е дека за да го постигнете тоа, ќе мора да вежбате така што директно ќе се соочувате со оние нешта кои ве плашат. На тој начин, полека но сигурно ќе ја зголемувате вашата самодоверба и ќе ја намалувате вашата осетливост на анксиозноста.

Секако, почнете со помали чекори. Со нешто кое е надвор од вашата удобна зона, но кое нема целосно да надвладее над вас. На тој начин ќе се тренирате себеси да ѝ пристапувате на анксиозноста, наместо да ја избегнувате. Многу брзо ќе забележите дека вашиот страв ќе се намалува, додека пак вашата верба во вашите способности да се справите со ситуациите кои ви предизвикуваат анксиозност ќе се зголеми.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

  1. Demonic Reply

    За студент на психологија…текстов не само што е права утка, ами е тотално разочарување.

    За психолошко растројство, што се смета за блага депресија…против отровот е вежбање и медетација!? Yeah, sure…да беше така едноставно.

    • Моника Трајковска Reply

      Справувањето со анксиозноста е далеку од едноставно. И секако најдоброто решение е да се посети психотерапевт, но многу често луѓето кај нас ја отфрлаат таа опција и решаваат сами да се борат со проблемот. Токму поради тоа и го составив овој текст. Како личност која често има проблеми со анксиозноста многу добро знам како е, што помага, а што не. Како на пример, вежбањето – нема подобар начин од него за да се оттргнете од опсесивните мисли кои ви поминуваат низ глава. И не само тоа, со вежбањето се ослободува допамин и ендорфин во мозокот кои ви се одлични сојузници во борбата против анксиозноста.

      Во секој случај, како што спомнав погоре, најдобар и најефективен начин против овој проблем е разговор со психотерапевт, а целта на овие совети е да ви покажат како можете барем малку сами на себе да си помогнете при воспоставуавњето контрола врз вашите мисли.

      Исто така не го мешајте проблемот со анксиозноста со депресијата… Тоа се две сосема различни психолошки нарушувања кон кои се пристапува на сосема различен начин.

      • Demonic Reply

        Exactly. Стручно лице, плус соодветни медикаменти се клучен дел. Ако некој сака да живее во ignorance, и да не посетува стручно лице, во страв што ќе рече комшијата, вежби и медетација нема да помогнат. Дури може да имаат контра ефект, ако анксиозната личност има преголеми очекувања од овие методи.
        Вежбањето, здравата исхрана, вложување во себе на интелектуално ниво…се благи методи кои можат да помогнат…но на кратки стази. Heck…и јас како анксиозна личност немав воља да станам од кревет, камоли пак да вежбам, или да читам слободна литература,

        Био-хемиските процеси во телото и умот што се случуваат кај анксиозна личност можат да се регулираат со медикаменти. Останатиов дел што го пишуваш…може само да помогне да ја согледаш светлата страна ПОСЛЕ сеансите со психолог/психијатар и понатаму да се одржуваш во дображивотна форма…па и полесно да ги оставиш анксиолитиците кога ќе дојде времето.

        • Моника Трајковска Reply

          Бидејќи избегавме малку од темата и преминавме на сериозното нарушување на анксиозноста (онаа која буквално ве спречува да го живеете својот живот), морам да нагласам дека текстов се однесуваше на справување со посекојдневната и помала анксиозност која секој од нас барем еднаш во својот живот ја доживеал…

          И кога сме веќе тука… Искрено, отсекогаш сум била против медикаменти од овој вид… Но, затоа верувам во моќта на психотерапијата. Иако се зависи од личноста, ако мене ме прашувате, прво би предложила разговор со психолог – психотерапевт. Ќе се зачудите колку можат да помогнат некои „вежби“ кои на прв поглед изгледаат како нешто толку неважно. Но, секако ако нема никакво подобрување или пак, ако анксиозноста почне да преминува во нешто кое ве спречува да живеете нормален живот, тогаш единственото решение е разговор со психијатар кој потоа ќе ви препише соодветна терапија со медикаменти.

          И покрај тоа што голем дел од луѓето кај нас не сакаат да посетат психолог или психијатар само поради тоа да не бидат етикетирани како „луди“ – мило ми е што сепак полека, но сигурно оваа тема излегува од категоријата на табу теми и луѓето конечно почнуваат да ја сфаќаат позитивната страна од работата на психолозите и психијатрите… 🙂

Остави коментар