Сѐ што треба да знаете за бактериите во вашата вагина
Најверојатно знаете дека имате бактерии во стомакот кои се здрави за вас и ви помагаат да не се здебелите, ве штитат од некои дигестивни болести, но и го намалуваат ризикот од анксиозност, Паркинсонова болест и некои типови рак. Но, стомакот не е единственото место каде што живеат бактериите во телото. Бактериите живеат насекаде, вклучувајќи ја и вашата вагина. Тие живеат на сите места што се изложени на надворешната средина. За да го зачувате вашето здравје, многу е важно да имате здрави бактерии во вагината. Прочитајте сѐ што треба да знаете на оваа тема…
1. Во некои вагини има бактерии што се поврзани со бактериите во јогуртот и тие се сметаат за „добри“ бактерии
Во некои вагини има бактерии што се од истиот вид како и бактериите што ги содржи јогуртот и се викаат лактобацили. Овие видови бактерии се разликуваат од оние што може да се најдат во стомакот, уринарниот тракт и некои јогурти. Може да имате многу типови бактерии во вагината, но ако имате лактобацили, тоа е исто како да сте добиле микробиомски џекпот!
2. Здравите бактерии го намалуваат ризикот од сексуално преносливи болести
Ако имате лактобацили, тоа значи дека сте изложени на помал ризик од заразување со полово-преносливи болести, како што се кламидија, гонореја и ХИВ. Освен тоа, постојат помали шанси дека ќе се соочите со воспаленија на карлицата. Лактобацилите произведуваат големо количество на млечна киселина и ја намалуваат pH вредноста на вагината до 3,5-4 (тоа значи големо ниво на киселост). Киселата средина го спречува развојот на инфекции.
Оваа бактерија ја спречува и бактериската вагиноза. Оваа појава е многу честа и предизвикува болка или чешање на вагината, непријатен мирис и бел или сив исцедок. Антибиотиците можат да помогнат, но ако еднаш се соочите со оваа инфекција, најверојатно постојано ќе ви се повторува. Многу жени ги игнорираат симптомите или не им ги кажуваат на докторите. Повеќето гинеколози не ја бараат оваа инфекција, така што ако се сомневате дека се случува нешто, кажете го тоа!
3. Добрите бактерии можат да го спречат предвременото породување
Некои истражувања покажале дека кај бремените жени кои имаат лактобацили во нивните вагини постојат помали шанси за предвремено породување. Од друга страна, пак, кај жените кои ги имаат бактериите од типот гарднерела и уреаплазма постојат поголеми шанси за предвремено породување.
4. Многу жени немаат добри вагинални бактерии
Многу жени немаат лактобацили во нивните вагини. Тие имаат микробиоми кои се многу поинакви и создаваат помало ниво на киселост, која има заштитни карактеристики. Овие жени се изложени на поголем ризик од заразување со полово-преносливи болести и кога ќе забременат постојат поголеми шанси дека ќе се породат предвреме. Но, тоа не значи дека нивните вагини не се здрави. Тие само се изложени на поголем ризик од проблемите што лактобацилите можат да ги спречат.
5. Вашата мајка можеби е виновна за типот микробиоми во вашата вагина
Постојат податоци кои докажуваат дека добрите вагинални бактерии може да се пренесат од мајка на ќерка. Тоа не се должи на одредени гени, туку на фактот што девојчињата кои се родени вагинално се изложени на вагиналните бактерии на мајката при породувањето. Ако мајката има добри бактерии, тоа значи дека и бебето подоцна може да развие добри бактерии. За жал, тоа значи дека бебињата што се родени со царски рез или ако мајка им немала добри бактерии, најверојатно нема да развијат добри вагинални бактерии подоцна во животот. Секако дека постојат случаи кога бебињата родени со царски рез развиле лактобацили во нивната вагина, така што потребни се уште истражувања на оваа тема.
6. Контрацепцијата може да ги промени бактериите во вагината
Некои контрацептивни апчиња можат да го поттикнат развојот на лактобацили и нивното распространување во вагината. Тоа е така затоа што естрогенот го зголемува развојот на која било вагинална бактерија и затоа многу жени немаат бактерии во вагината сѐ до почетокот на пубертетот. Но, другите типови контрацепција на база на прогестерон може да го зголемат ризикот од инфекции.
7. Сексуалните односи можат да ги променат бактериите во вагината
Мажите имаат бактерии на пенисот и тие микроби се многу слични на бактериите кај жените кои немаат лактобацили. Тие се пренесуваат кога имате секс и тогаш ги отстрануваат сите добри бактерии што ги имате. Ваквите бактерии можат да ја преземат вагиналната флора за многу краток период и да ги уништат лактобацилите. Ова може да се случи и за еден ден во некои случаи. Тоа не значи дека сексуалните односи дефинитивно ќе ги уништат вашите добри бактерии, но можат. Заштитата со презерватив може да го спречи пренесувањето на тие бактерии.
8. Миењето на вагината со туш исто така ги отстранува добрите вагинални бактерии
Не треба да ја миете вашата вагина. Употребете нежен сапун и вода за да ги поминете надворешните места, сето останато се чисти само. Жените кои ја мијат вагината со туш се изложени на поголем ризик од разни инфекции.
9. Научниците се обидуваат да најдат пробиотик за вашата вагина
Научниците се обидуваат да направат пробиотик од бактериите на здравите жени кои имаат лактобацили, што ќе може да се внесе директно во вагината и да им овозможи на лактобацилите да се развијат во вагината на која било жена. Проблемот е во тоа што мора да се најде вистинскиот тип лактобацили што би можел да го стори тоа, бидејќи многу од видовите се слаби. Исто така, треба да се испита дали ова ќе може да им помогне на сите жени. Некои компании работат на производство на слична терапија што ќе може да се внесе орално како апче. Но, ниту една од овие терапии не се подготвени за продажба. Во секој случај, сето ова е возможно во блиска иднина.
Во продолжение прочитајте од што се појавува непријатниот мирис на вагината.