Сѐ што треба да знаете за да ја надминете несигурноста

Сѐ што треба да знаете за да ја надминете несигурноста

Дали секогаш имате навика да се преиспитувате себеси и своите постапки, без разлика каква и да е ситуацијата? И дали честопати барате одобрение од некој друг за да ја потврдите одлуката што сте ја направиле? Дали сте се почувствувале дека и покрај сѐ, вие не сте оствариле ништо, при што ги потценувате своите достигнувања? Можеби се чувствувате и неспособни и недоволно добри? Умеете ли да прифатите комплименти? Неизбежно е дека секоја личност чувствува одреден степен на несигурност во некој период, зашто сепак, тоа е дел од животот. Но, кога несигурноста е премногу? Што предизвикува таа да биде постојано присутна? Како може да се надмине ова? Во продолжение ви прикажуваме кои се најчестите причинители за оваа состојба, како и начини на кои можете истата да ја надминете.

Сѐ што треба да знаете за да ја надминете несигурноста

1. Врски кои ве уништуваат

Доколку подолго време се наоѓате во врска која само ви ја црпи вашата животна енергија, без притоа да ја замените со нешто позитивно, тогаш тоа е една од причините поради која се појавува несигурноста. Ситуацијата е уште полоша ако на таа врска гледате како мерка за успех во животот. Кога ќе прекине врската, тогаш прекинуваат и вашите чувства на безбедност. Друг пример е тоа што можеби мислите дека не сте доволно добри за вашиот партнер и станувате премногу посесивни, плашејќи се да не ве остави.

2. Постојани неуспеси

Има една изрека од Семјуел Бекет, која вели:

„Си се обидел. Не си успеал. Не е важно. Обиди се пак. Падни повторно. Падни подобро.“

Некои луѓе постојано се фокусираат на својот неуспех, гледајќи го како можност за учење за тоа што треба да направат подобро наредниот пат. Од друга страна, пак, некои луѓе премногу сериозно сфаќаат кога неколку пати по ред нема да успеат, при што почнуваат да се сомневаат во себе, им се намалува самодовербата и постојано се несигурни.

3. Социјалната средина

Ова може да биде училиштето или некоја друга група каде што личноста смета дека не припаѓа. Прекумерното окупирање со мислењето на другите за вас, за тоа што носите, како изгледате, како живеете и слично, со текот на времето може да ве направи несигурни. Ваквите чувства најчесто се поврзани со ситуациите во детството кога една личност била отфрлана од „групата“, малтретирана или пораснала со родители на кои им било премногу значајно што мислат останатите.

4. Други животни проблеми

Одредени животни трауми може да водат до несигурност, како што е на пример непријатниот развод на родителите или пак значителната финансиска загуба. Без оглед на причината за несигурноста, ако таа не се однесува за краток период, може да ја спречи личноста во формирање здрави емоционални и професионални односи. Исто така подоцна во животот може да предизвика вознемиреност.

Сѐ што треба да знаете за да ја надминете несигурноста

Како да ја надминете несигурноста?

  • Разгледајте ја ситуацијата и обидете се да разберете како вашите мисли ги уништуваат шансите за да живеете среќен и исполнет живот. Откако еднаш ќе бидете свесни за тоа што ве прави несигурни, тогаш ќе ви биде полесно да ги контролирате и да ги пренасочувате вашите чувства.
  • Погледнете околу себе и оценете каков вид луѓе имате во вашиот живот. Дали тие се вистинските кои ви требаат? Дали прават да се чувствувате добро? Прекинете ги контактите со некој кој само дополнително ги поттикнува вашите чувства на несигурност.
  • Размислувајте и обидете се да пронајдете од каде потекнуваат вашите чувства на несигурност. Дали тие доаѓаат од нешто што ви се случило во вашето детство? Од лоша љубовна врска? Од арогантниот шеф на работа?
  • Направете план за да се соочите со потеклото на вашите мисли. Доколку тие потекнуваат од некој близок, како што се вашите родители или некој ваш пријател, седнете и разговарајте за тоа како нивните однесувања се штетни за вас. Секако, ова не е секогаш возможно и понекогаш во животот едноставно немате можност да ги преземате чекорите кои ви се потребни, па, во овој случај најдобро е да запишете во вашиот дневник како се чувствувате.
  • На друг лист хартија запишете ги сите нешта во кои сте успеале. Колку повеќе позитивни работи ќе пронајдете, толку повеќе ќе се зголемува вашето ниво на доверба. Ставете го овој список на место каде што ќе можете да го гледате секој ден и да се потсетувате колку прекрасна личност сте. Секогаш кога ќе постигнете нешто ново, додајте го на листата.
  • Запаметете дека неуспехот е дел од сечиј живот. Дури и најуспешните личности на Земјата претходно се соочиле со одредени неуспеси. Абрахам Линколн, Џ. К. Роулинг, Мери Кеј Аш и Мајкл Џордан се само некои од луѓето кои претрпеле неуспех. Треба да сфатите дека не сте единствените во животот кои мора да поминат низ некое страдање.
  • Напишете неколку позитивни изреки некаде во вашата соба. Тоа може да бидат пораки кои ќе ве потсетуваат на тоа кои сте и што сакате да бидете. Потоа, читајте ги секој ден и размислувајте за нив пред да заспиете. Секогаш кога ќе почувствувате дека се соочувате со негативни мисли, фокусирајте се и заменете ги со нешто од пораките кои сте ги напишале.
  • Прифатете дека не можете да смените сѐ кај себе и тоа е сосема во ред. На пример, доколку ја мразите формата на вашата глава, нема ништо што би можеле да направите за да го промените тоа. Прифатете го како дел од вас кој ве прави единствени. Секој има нешто кај себе што не го сака, но тоа не го прави лоша или несоодветна личност, исто како што и вашите недостатоци не означуваат дека вие сте лоша или несоодветна личност.
  • Вежбајте го законот на привлечност. Преку насочување на вашиот ум да се фокусира на позитивните ситуации, искуства и личности, вие ќе привлечете повеќе позитивни искуства и личности во вашиот живот. Она на што ќе се фокусирате, тоа и ќе го добиете.
  • Имајте предвид да побарате помош. Зборувањето со некој професионалец може да ви помогне да поминете низ вашите проблеми и да ве поттикне да станете посилна личност.

Секако дека борењето со несигурноста не е воопшто едноставно. Ова е нешто што било со вас во текот на целиот живот и ќе се чувствувате нервозни кога треба да се откажете од тоа и да ја напуштите таа област. Но, бидете свесни за ова и правете одлуки кои ќе ви помогнат да ја надминете несигурноста секогаш кога таа ќе се појави. Престанете да се споредувате со другите, затоа што вие сте единствени. Не прикривајте се себеси со тоа што ќе се обидувате да бидете како некој друг!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар