Причини за замор и малаксаност во текот на денот
Сосем е нормално да чувствувате замор на крајот од денот по завршувањето на вашите обврски. Потребата за сон во тој период е очекувана. Но што се случува кога немате енергија за работа уште од почетокот на денот? Само неколку часа сте на работа, а веќе чувствувате ужасна потреба за сон?
Заморот во текот на денот може да биде резултат на многу влијанија. Ова се главните причини за малаксаност и недостаток на енергија.
Неактивност
Колку и да звучи како парадокс, сепак кога сте помалку активни толку повеќе чувствувате замор. Сигурно сте го почувствувале ова и порано. Всушност, излежувањето по цел ден повеќе ве уморува и ви ја одзема енергијата и концентрацијата отколку трчањето и спортувањето на пример.
Започнете со мали промени и искористете ја секоја можност што ја имате за да се раздвижите. На пример, доколку сте на работа искористете ја паузата да се раздвижите наместо да останете на вашето биро, одете по скалите наместо со лифт или појдете до бирото на вашиот колега наместо да му телефонирате. Излегувајте на свеж воздух што е можно почесто.
Стрес
Стресот ни штети и се одразува врз нашето здравје како и врз нашата работа. Зголеменото ниво на стрес значително придонесува за чувство на замор и недостаток на енергија. Вашиот мозок пробува да се избори со нивото на стрес, а тоа ви одзема премногу енергија и ќе направи да се чувствувате поспано само неколку часа по будењето.
Доколку чувствувате дека сте под голем стрес и дека тоа видно се одразува на вашата способност да ги извршувате секојдневните обврски, најдете начин да се ослободите од стресот или барем да го редуцирате. Задолжително одвојувате време само за себе, одете на прошетки во природа и опуштете се со релаксирачка музика. Создадете навика однапред да го планирате наредниот ден за полесно да се справите со обврските кои ви следуваат а со тоа и да го редуцирате стресот.
Нездрава и нередовна исхрана
Храната и течностите што ги консумираме се главниот извор на енергија, горивото што нè вози преку денот. Брзата и нездрава храна значително ќе резултира со недостаток на енергија како и губење на желбата за работа. Мрсната храна и храната богата со јаглехидрати бара вашето тело да работи напорно при нивното разложување.
Секако дека на вашето тело му е потребна секаква храна, но секогаш трудете се да доминира свежата храна, овошјето и зеленчукот, освежителните напитоци, варената наместо пржената храна и сл.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.