Правила за успешен и среќен брак
Имаме некоја илузија за тоа што претставува бракот и премногу очекуваме од него. Сепак, постојат некои универзални правила кои секој би требало да ги знае.
Ако во бракот сте занемарени, малтретирани или тој ви причинува болка, излезете од него
Многумина мислат дека треба да останат во брак заради децата. Но, тоа е сосема погрешно. Баш заради нив треба да излезете од него и да научите дека љубовта не е болка, занемарување и малтретирање, и да не прифаќате такво однесување.
Ако сте се одљубиле и веќе немате илузии за бракот… па добредојдовте во клубот
Бракот не е како во холивудските филмови. Нема возбудливи љубовни афери, успешни кариери и среќно семејство со многу деца. Едноставно таков рецепт за бракот не постои. Ако сте во брак и го прифаќате фактот дека тој таков треба да биде, тоа е во ред, бидејќи никако не е подобро да се живее во лаги и илузии.
Во бракот понекогаш глумите дека слушате, барате да ве сослушаат и се лутите околу домашните обврски
Како и многу други работи во животот, најголемиот процент од бракот е работа и вложување, а еден мал дел отпаѓа на уживање во плодовите од вложениот труд. Ќе се лутите за оставените чорапи на подот, нефрленото ѓубре и за дамките од кафе на масата, но сето тоа ја чини љубовта во бракот, која се меша со среќата и обврските. Кога сте во брак, подгответе се вредно да работите. Ќе се потите во креветот, но многу повеќе при извршувањето на домашните и брачните обврски.
„Си живеја среќно до крајот на животот“ е фраза со која не се завршува, туку се започнува еден предизвикувачки период од животот
На крајот од филмовите често можеме да ја прочитаме фразата „И така си живееја среќно до крајот на животот“. Како после среќниот крај да следува само мирен и спокоен живот. Напротив, после ваквиот крај во филмовите, всушност би следувал еден сосема нов живот, со нови задоволства, но и со нови предизвици.
Во реалноста пак, сите многу вложуваме во веселење за време на венчавките и свадбите, но во суштина би требало многу повеќе да славиме после 10 и после 20 години, бидејќи тогаш ќе имаме причина да се наградиме за сè што сме инвестирале претходно.
Сексот во бракот е добар, но треба многу да се работи за да биде одличен
Луѓето кои се во брак и кои сакаат да признаат, ќе ви откријат дека треба многу труд од двајцата партнери за да има вистинско уживање во сексот. Додека се децата мали, сексуалниот живот мора малку да трпи, но и подоцна, кога пак ќе ви треба време за да научите како да се однесувате, да уживате и да искусувате здрав сексуален живот. Сексот е секако природна работа, но за да уживате во страстен интимен живот со брачниот партнер, треба и тоа како да работите на случајот.
Бракот ни овозможува да бидеме сакани, да сакаме и да чувствуваме дека некому припаѓаме
Живееме во свет кој нè учи дека ако сме незадоволни треба да ја промениме околината и луѓето околу себе, а не самите себеси. Нови пријатели, ново место на живеење – тоа ништо не помага, бидејќи во суштина, каде и да „избегате“ вие повторно ќе бидете тие кои сте.
Вистинската љубов која ќе помине преку сите искушенија, болни искуства, заеднички солзи и смеа, бара многу пожртвуваност, доверба, трпение, но сепак на крајот сфаќате дека во бракот ве поврзува нешто многу поголемо од занесеност и многу посилно од страст.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.