Постојаното размислување е најголемиот извор на тага

Постојаното размислување е најголемиот извор на тага

Во денешно време, луѓето имаат навистина брз начин на живот. Нашите умови се окупирани и постојано нешто правиме. Дали можете да се сетите кога последен пат не сте правеле апсолутно ништо? Кога последен пат сте поминале 10 минути без никој да ве вознемирува? Кога велиме ништо, мислиме буквално ништо.

Постојаното размислување е најголемиот извор на тага

Тоа значи 10 минути без праќање пораки, имејлови, Интернет, телевизија, разговори, храна, читање, па дури ни сеќавање на минатото или планирање на иднината. Едноставно ништо. Сигурно ви се случило тоа пред многу долго време. Ова можеби ви звучи чудно, но станува збор за нашите умови.

Умот е највредното и најдрагоценото нешто. Со негова помош го доживуваме секој поединечен момент од нашиот живот. Тој ни помага да бидеме среќни, задоволни, емотивно стабилни и истовремено љубезни, разумни и внимателни во односите со другите луѓе. Од истиот овој ум ни зависат концентрацијата, креативноста, спонтаноста и амбицијата.

И покрај сето ова, ние не посветуваме доволно време на негата на нашиот ум. Многу повеќе време посветуваме на грижата за нашите автомобили, облека или фризура. Како последица од сето тоа, ние сме под постојан стрес. Во умот ни се вртат најразлични мисли како во машина за алишта. Не знаеме како да се бориме со тешките и збунувачки емоции и не знаеме како да бидеме присутни во светот каде што живееме. Пропуштаме работи кои ни значат поради погрешната претпоставка дека животот е таков и дека треба да продолжиме понатаму. Но, тоа не е вистина.

Факт е дека сите се бориме со стресот на различен начин. Некои луѓе почнуваат да работат прекумерно, други бараат помош од пријателите и семејството. Некои бараат утеха во алкохолот или лековите. Вистината е дека сѐ што треба да направиме е да се фокусираме на сегашноста. Сегашноста е многу потценета. Звучи обично, но поминуваме толку малку време во сегашниот момент кој е сѐ само не обичен. Според неодамнешните истражувања спроведени на Харвард, нашиот ум размислува речиси 47% од целото време што го имаме на светов.

Постојаното размислување е најголемиот извор на тага. Ако речиси половина од нашиот живот го поминуваме изгубени во мислите, а размислувањето нѐ прави тажни, тоа е навистина трагично сознание, особено поради фактот што можеме да преземеме нешто во врска со тоа.

Постојаното размислување е најголемиот извор на тага

Постои една позитивна, практична и научно докажана техника која на нашиот ум му овозможува да биде поздрав, посвесен и пофокусиран. Потребно е да одвоите само 10 минути за нешто што би можело да има големо влијание на целиот ваш живот. Станува збор за вежба која ќе ви помогне да станете повнимателни и претставува основа на медитацијата. Таа ќе ве зближи со сегашниот момент. Многумина претпоставуваат дека медитацијата е сопирање на мислите, ослободување од емоциите, некој вид контрола на умот, но всушност се работи за нешто сосема друго.

Станува збор за одвојување, јасно гледање на мислата и сведочење дека таа доаѓа и заминува. Емоциите доаѓаат и си одат благодарение на опуштениот и сконцентриран ум. На пример, ако премногу се фокусирате на една точка во ѕидот, нема да можете истовремено да разговарате со некого. Исто така, ако премногу се опуштите додека разговарате, нема да можете да се фокусирате на точката во ѕидот, туку погледот ќе ви избега.

Ќе имате периоди во животот кога фокусот ќе ви стане премногу интензивен. Непријатно е да се живее на таков начин, бидејќи постојано ќе бидете изложени на голем стрес. Ќе има и други животни периоди кога ќе можете премногу да се опуштите.

Поентата е да постигнете рамнотежа, односно фокусирана релаксација на тој начин што ќе им дозволите мислите да доаѓаат и заминуваат без да им се мешате. Обично кога се обидуваме да обрнеме внимание на нешто, се случува мислите да ни го попречат процесот. Да речеме дека станува збор за некоја анксиозна мисла. Сѐ оди како подмачкано, кога одеднаш ви се јавува анксиозна мисла и помислувате „Не знаев дека се грижам за тоа“. Заборавате на тоа за момент и потоа повторно помислувате „Се грижам, навистина многу се грижам.“

Одеднаш почнувате да се грижите поради тоа што сте загрижени, а тоа е лудост! Постојано го правиме тоа, речиси секој ден. Сетете се на последниот пат кога сте имале забоболка. Знаете дека ве боли забот и што правите на секои 20-30 секунди? Си велите дека навистина многу ве боли и на тој начин уште повеќе ја зголемувате болката. Само ако станете свесни за ваквиот начин на размислување, ќе можете да го ослободите умот од тие мисли.

Постојаното размислување е најголемиот извор на тага

Кога ќе седнете и ќе почнете да си го проучувате умот, ќе забележите многу различни реакции. Можеби ќе откриете дека вашиот ум постојано е немирен. Немојте да се изненадите доколку се чувствувате по малку вознемирено кога ќе седнете и нема да правите ништо, бидејќи и вашиот ум така се чувствува. Можеби ќе дознаете дека вашиот ум е многу здодевен и дека работи механички. Тоа е така затоа што монотонијата завладеала со вашиот живот и секој ден ви се одвива на истиот начин: Се будите, одите на работа, јадете, спиете, се будите, работите… Можеби ќе откриете дека постои само една мисла што непрестајно ви се врти во умот.

Без разлика за што се работи, 10-минутната медитација ви нуди можност да побегнете од грижите и да ги согледате работите од друга перспектива. На овој начин ќе сфатите дека работите не се секогаш онакви какви што изгледаат.

Не можеме да ја промениме секоја ситница што ни се случува во животот, но можеме да го промениме начинот на кој реагираме на неа. Поентата на медитацијата е да се постигне смиреност. Не мора да запалите темјан или да седите на подот. Сѐ што треба да направите е секој ден да одвојувате по 10 минути за да се зближите со сегашниот момент и да почувствувате интензивен фокус, мир и свесност во вашиот живот.

Доколку сметате дека и вие го имате истиот проблем, прочитајте ги овие 15 работи во кои ќе се препознаат оние кои премногу размислуваат.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар