Основни форми на женското тело
Познавањето на формата на вашето тело е олеснителна околност при држење диета, дефинирање режим на физички вежби, како и одбирање на вистинското парче облека.
Постојат четири основни форми на женско тело, и тоа: јаболко, круша, песочен часовник и банана, а истите овие може да ги сретнете и под различни називи. Би било грубо и неправилно да дефинираме идеална форма на женско тело, бидејќи секоја форма е убава и привлечна. Многу е поважно вашето движење и став, како и правилното одбирање на облеката, а не килограмите кои ги имате.
1. Јаболко
Карактеристики:
- Рамена пошироки од колковите
- Бујни гради
- Заоблен стомак
- Недефинирана половина
- Тесни колкови
- Најчесто имаат слаби нозе
Сличен термин за оваа форма на тело е превртен триаголник.
Загрозени области – Масните наслаги брзо се наталожуваат на стомакот.
Како да се облекувате – Предности на оваа форма се големите гради и слабите нозе, па нагласете ги нив прикривајќи го стомакот. Не одбирајте тесни струкирани фустани кои ја истакнуваат половината, подобро одберете деколтирани долги фустани, или кратки здолништа кои ќе ги истакнат нозете.
Физичка активност: пешачење, пливање, стомачни вежби, возење велосипед
Познати жени со форма на јаболко: Опра Винфри, Џејд Џегер, Дру Баримор…
2. Круша
Карактеристики:
- Колковите се пошироки од рамената
- Мали гради
- Тесна половина
- Рамен стомак
- Широки колкови
- Нагласени бутини и задник
Сличен термин за оваа градба на тело е триаголник.
Загрозени области – Колковите се израз на женственост, но исто така се слабост на жените со ваква форма на тело. Тие без проблем ќе ја зачуваат тесната половина или рамниот стомак, но мастите лесно се таложат на задникот и бутовите.
Како да се облекувате – Поради тенката половина и женствените колкови, овие жени и девојки се заводливи и привлечни. Со ваква форма на тело не нагласувајте ги градите, одберете тесен фустан кој ќе ги истакне вашата половина и задникот. Здолништата со висок струк се вистински пријатели на овие жени.
Физичка активност: пешачење, велосипедизам, џогирање, какви било вежби за оформување на задникот
Познати жени со форма на круша: Шакира, Бијонсе, Џенифер Лопез…
3. Песочен часовник
Карактеристики:
- Колковите и рамената се со речиси иста ширина
- Големи гради
- Тенка половина
- Оформен задник
- Заводливи облини
- Тенденција кон дебелеење на рацете
Загрозени области – Оваа форма е женствена бидејќи ги истакнува женските адути, но затоа многу лесно може да се појави прекумерна телесна тежина. Девојките и жените со ваква форма на тело мора да внимаваат на исхраната и да практикуваат физичка активност за да ја задржат привлечната фигура.
Како да се облекувате – Добредојдено е сè што ќе ги истакне вашите гради и колкови, но не и двете истовремено за да не изгледате вулгарно. Одберете здолниште со нагласена линија по вашата половина и колкови, маици со деколте во „V“, пантолони со висок струк… Носете тесна облека, бидејќи со широки парчиња може визуелно да си додадете некој килограм поради формата на вашето тело. Сепак, внимавајте облеката да не е претесна. Можеби е подобро да одберете еден број поголем од оној кој ве собира, со цел правилно да ја истакнете вашата фигура без да бидете нападни.
Физичка активност: вежби со женски тегови, велосипедизам, џогирање
Познати жени со форма на песочен часовник: Ким Кардашијан, Скарлет Јохансон, Селма Хаек…
4. Банана
Карактеристики:
- Исти пропорции на рамена и колкови
- Недефинирана половина
- Атлетска градба
- Мали гради
- Рамен стомак
- Слаби нозе
Слични термини за оваа градба на тело се правоаголник или молив.
Загрозени области – Ова се слаби жени со брз метаболизам кои немаат тенденција кон дебелеење. Но доколку „качат“ некое кило, тие подеднакво ќе се здебелат и во горниот и во долниот дел на телото.
Како да се облекувате – Всушност немате делови за прикривање, туку делови кои не се доволно нагласени. Одберете фустан со нагласени рамена, широк во делот на колковите, и ремен или појас на половина.
Физичка активност: вежби со тегови, лента за трчање, и какви било физички вежби придружени со исхрана која содржи многу протеини бидејќи најчесто имаат слаба мускулна маса
Познати жени со форма на банана: Камерон Дијаз, Натали Портман, Ева Лонгорија…
Сепак, не би можеле строго да ги поделиме женските тела во четири групи. Затоа, не секогаш жените со форма на јаболко имаат слаби нозе, туку колкови потесни од рамената, не секогаш оние со форма на круша имаат мали гради, но пропорционално колковите им се многу пошироки, а „бананите“ не секогаш се високи и атлетски градени, но имаат приближно еднакви пропорции на горниот и долниот дел од телото.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.