Најголемите грешки што ги прават сите штотуку венчани парови
Многу млади парови веруваат дека нивната врска ќе остане иста по бракот или дека ќе стане уште поцврста, но честопати откриваат дека нивните очекувања се далеку од реалистични. Нормално дека е возможно да се има среќен и успешен брак, но штотуку венчаните парови обично прават некои грешки на почетокот од заедничкиот живот, поради што постои веројатност односот малку да им се наруши. Доколку неодамна сте стапиле во брак, прочитајте за кои почетнички грешки станува збор за да можете да ги спречите истите…
Се натпреварувате кој колку пати бил во право
Паровите никогаш не би требало да ги игнорираат проблемите во бракот, но доколку ја паметите секоја можна грешка на партнерот и држите лутина, тоа дефинитивно ќе ви го наруши односот. Во успешниот брак не постојат победници и губитници. Никогаш не смеете да ја префрлате вината на партнерот кога нештата ќе тргнат наопаку. Не плашете се да дискутирате и дебатирате за проблемот. Само запаметете дека треба да бидете праведни. Вашите расправии не треба да бидат бесцелни, туку треба да постигнат некаков ефект.
Го лажете партнерот или давате ветувања што не можете да ги исполните
Оние мали бели лаги и прекршени ветувања можат да доведат до проблеми во бракот. Довербата е основата врз која треба да се гради секоја здрава и успешна врска. Неискреноста може да ја уништи суштината на односот меѓу вас двајца.
Правите претпоставки за тоа што сака, не сака или мисли вашиот партнер
Претпоставките предизвикуваат неволји. Мажите кои секогаш нарачуваат во име на нивните сопруги, на крајот ќе вечераат сами. Секогаш прашувајте. Никогаш не го игнорирајте однесувањето на вашиот партнер доколку нешто ви пречи. Разговарајте за проблемот. Многу повеќе ќе ја зацврстите врската доколку ги решавате проблемите со почит и на мирен начин.
Верувате во одредени стереотипи уште на почетокот од бракот
Во модерните љубовни врски нема место за реченици од типот „Тоа е машка работа“ или „Жените треба да го прават тоа“. Доколку уште на почетокот од бракот си поделите одредени улоги врз основа на стереотипите што владеат за мажите и жените, тоа само ќе предизвика фрустрација. Наместо тоа, разговарајте за вашите способности, за тоа кои обврски би биле соодветни за секој од вас и како би можеле заеднички да го носите товарот што го наметнува брачниот живот. Размислувајте како „Ние“, а не како „Ти“ и „Јас“.
Трошите повеќе отколку што можете да си дозволите
Самата венчавка чини многу, а доколку продолжите и понатаму да правите големи долгови, постои веројатност дека финансиските проблеми ќе ја разнишаат стабилноста на бракот. Статистичките податоци покажуваат дека најголемата причина за развод се долговите. Трошете само онолку колку што можете да си дозволите.
Мислите дека бракот треба да биде праведен и прекрасен истовремено
Исто како и самиот живот, бракот има свои добри и лоши периоди. Доколку стапите во брак мислејќи дека сѐ ќе биде розово и едноставно, ве очекува големо разочарување. Неизбежен дел од секој успешен брак се проблемите. Нормално дека ќе наидете на пречки на патот, но најважно е заедно да ги надминете.
Формулата за успешен брак не е толку комплицирана. Доколку сите штотуку венчани парови обрнат повеќе внимание на овие неколку ситници, веројатноста е дека ќе успеат да ја одржат среќата и љубовта во бракот. Во среќниот брак, како и во сите други сегменти од животот, најважни се малите работи. Само кога ќе престанеме да ги занемаруваме, ќе можеме да согледаме дека токму тие ја сочинуваат големината на нештата.