Луциден сон

Луциден сон

Автор: Петар Џајковски

Замислете што би се случило ако станете свесни дека сонувате… За повеќето луѓе сонот е нешто сосем различно од реалноста. Кога ќе се разбудат бркани од грдо крваво зомби или страшен тигар со огромни заби или можеби во момент на екстаза, секогаш помислуваат со олеснување или разочарување „па беше само сон”.

Но, некои луѓе можат да го контролираат својот сон знаејќи го едноставниот факт дека тоа е всушност нивниот сон. Реализацијата на оваа идеја му носи бескрајна слобода и неограничена моќ на сонувачот, секако во рамките на својот сон. Веројатно на секој од вас ова му се случило еднаш или два пати, но скоро секогаш тоа било на крајот на сонот и траело кратко. Ова се случува бидејќи сте се изненадиле од луцидноста на сонот и ве разбудила возбудата. Па како да се избегне овој проблем за да се постигне почист и подолг луциден сон? Долг е процесот кон комплетно контролиран сон, но сепак постои начин како тоа да се достигне.

Луциден сон

Зошто да не се забавувате додека спиете?

Пренесете ја дневната авантура во вашиот кревет и подгответе се да ги скршите сите закони, граници и правила (природни или вештачки) на светот кој го оставате зад себе, и на крајот уживајте во бесконечноста на вашата фантазија.

Запаметете ги вашите соништа

Има неколку работи на кои ќе треба да работите како би можеле полесно да го достигнете луцидниот сон. Битен чекор е развивање систем за меморирање на вашите соништа, односно запаметување на секој сон што ќе го сонувате. Оваа навика ќе ви помогне да ги сфатите чудните патишта по кој вашиот сон нормално се движи и да ги препознаете истите во следните соништа. Можете да мантрате „Ќе се сетам на моите соништа изутрина”. Ова ќе ве потсети да размислувате и да се сетите на своите соништа наредниот ден.

Луциден сон

Запишете ги вашите соништа

Мора на некој начин да ги зачувате вашите соништа надвор од вашата глава. Најдете свој начин кој најмногу ќе ви одговара. Пишувајте во вашиот дневник (доколку го имате), или почнете нов под наслов „Соновник”, отворете блог, пишувајте во вашиот мобилен телефон, сеедно, битно е да ги опишете најконкретно вашите магливи сеќавања.

Пренесувањето на вашиот сон во текст ќе ве натера да се сетите на ситни детали од тоа искуство и ќе го истренира вашиот мозок автоматски да се сеќава на сите соништа. Бидете сигурни дека првата работа што ќе ја направите секое утро ќе биде запишувањето на вашите соништа додека се сè уште свежи. Одложувањето на овој утрински ритуал ќе доведе до комплетно заборавање на сонот подоцна.

Имањето комплетна документација за своите соништа, дава можност за присетување на одреден сон од пред неколку недели или месеци кој изгледал слично на сонот од кој само што сте се разбудиле.

Луциден сон

Проверки на реалноста

Неколку пати во текот на денот запрашајте се дали сонувате. Секако, логично дека не сонувате, но кога нешто постојано се повторува во свесна состојба, тоа полека преминува во онаа наша друга страна, која никогаш не спие и нè тера да дејствуваме на начини кои не ни се познати. Реализацијата на оваа идеја ќе значи зголемување на шансата да се запрашате дали спиете во моментот кога сонувате.

Можностите за проверка дали спиете или навистина сте будни се неограничени: штипнете се, проверете колку е часот, викнете гласно, кажете кој ден е денес или едноставно проверете колку високо можете да скокнете. Колку и да звучи ова чудно (можеби и малку глупаво и смешно), треба да го сфатите многу сериозно! Треба да ги извршувате овие проверки на реалноста со сериозност, каква што ќе заборавите да примените во вашиот сон доколку ги сметате за глупост.

Проверувајте се себеси во редовни интервали, сè додека не ви стане рутина. Кога ќе ја извежбате проверката на реалноста, ќе бидете скоро спремни да сонувате луцидно.

Луциден сон

Финални совети

Пробајте да медитирате по неколку минути во денот (најпрепорачливо време за медитација е после ручек и пред спиење). Ова ќе ви помогне да осознаете како е да се биде во променета состојба на умот и ќе придонесе за вашата луцидност.

Одлучете се што сакате да правите во вашиот сон за да не ги губите скапоцените мигови на вашата луцидност размислувајќи. Одберете една од бескрајните можности со која ќе го започнете вашето патување: „Ќе летам!”, „Ќе патувам низ времето!”, „Вечерва ќе спијам со Пенелопе Круз”. Исто така, можете да си се јавите самите себе си на мобилен и да си поставувате прашања на кои верувајте ќе добиете одговор.

Луциден сон


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Mira Reply

    Najdobro vreme za meditacija e nautro i na gladno, ne posle jadenje ili pred spienje 🙂 Kako i da e… interesna tema e ova so luciden son, bas ke se obidam da go iskontroliram sonot! Ako uspeam ke vi pisam denovive pak!

  2. x Reply

    Интересно… 🙂

Остави коментар