Како да престанете да ги одложувате обврските?
Од утре ќе почнам да учам, од следната плата ќе почнам да штедам, од понеделник сум на диета… На крај, фаќате книга три дена пред испитната сесија, на штедење ви текнува кога ќе се појават непредвидени трошоци, а дури две недели пред летниот одмор се решавате на некоја брза диета. И сето тоа затоа што во меѓувреме сте избрале да правите нешто друго што ви било полесно.
Колку пати ви се случило да поминете часови на Фејсбук или пред телевизија соочувајќи се со тешкотијата воопшто да започнете со учење. Или колку пати сте го изеле последното колаче пред диетата?
Без разлика за каква обврска се работи, нејзиното одложување заради ирационални причини е голем проблем кој ќе ве оддалечи од исполнување на целите. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да ги избегнете ваквите ситуации.
Соочете се со стравот
„Одложувањето на обврските е страв од успех. Луѓето ги одложуваат обврските затоа што се плашат од успехот што следи потоа. Успехот е тежок, бара одговорност, па многу полесно е тоа да се одложи и да се живее со мислата дека еден ден ќе успеат во нивните цели.“ – Денис Вејтли
Се чини дека Вејтли го пронашол коренот на овој проблем. Полесно е да се живее со мислата дека еден ден ќе стигнете до атлетско тело, отколку да почнете да вежбате веднаш. Соочете се со стравот од одговорноста што ја бара патот кон успехот и значително ќе се доближите до целта.
Направете каква било одлука
„Во момент на одлука, најдоброто нешто што можете да го направите е да постапите правилно, следното најдобро нешто е да погрешите, а најлошо е да не сторите ништо.“ – Теодор Рузвелт
Сè започнува со одлуката дека сакате да правите нешто. Каква било одлука ќе ве однесе до некаква цел. Доколку неа ја нема, само тапкате во место.
Престанете да размислувате и преземете акција
„Предолгото размислување околу извршување на некоја работа најчесто завршува со нејзино неизвршување.“ – Ева Јанг
Секако дека план е потребен, но барање совршен план ве носи на патот кон неизвршување на задачата. Премногу планирање најчесто дава спротивен ефект од оној кој го посакувате. Помирете се со фактот дека не ќе можете да пронајдете совршен план и почнете да го реализирате тоа што го имате.
Едноставно направете го првиот чекор
„Не мора да ги гледате сите скалила за да го направите првиот чекор.“ – Мартин Лутер
Целите понекогаш изгледаат невозможни, но не се секогаш такви. Направете план за тоа што сакате да се случи во иднина и вратете се во сегашноста за да го направите првиот чекор, па така од состојбата во која сте склони кон одложување заради тешкотија, ќе преминете во фазата на извршување на задачата. Се разбира, целта наскоро ќе изгледа полесно достижна и ќе се исполните со ентузијазам.
Не преувеличувајте ја задачата
„Ако сакаш некоја лесна задача да ја направиш тешка, одложи ја.“ – Олин Милер
Лесната задача по ирационалното одложување се претвора во голем проблем. Во ситуација кога се ближи испитна сесија, а вие гледате телевизија или слушате музика наместо да учите, нема да се спасите од маката која допрва следува. Обврските само ќе се натрупаат, а порано или подоцна ќе мора да се завршат.
Завршете ја задачата
„Ништо не е толку заморувачко како вечното занимавање со недовршена задача.“ – Вилијам Џејмс
Ако воопшто не започнете со исполнување на целите ќе си ја намалите самодовербата. Ако, пак, започнете нешто и не го довршите, повторно ќе доживеете неуспех којшто ќе создаде услови за да се соочите со истиот овој проблем во иднина.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.