Како да ги заштитите децата за време и по разводот?

Како да ги заштитите децата за време и по разводот?

Разводот може да биде подеднакво стресен како за брачните партнери, така и за децата. Кога се соочувате со развод, се соочувате со нови стравови и предизвици. Покрај емотивните моменти, постојат и многу административни обврски, како што се прибирање на голем број документи, информации, организирање на нов буџет за иднината која што не сте баш сигурни што ви носи. Се трудите, колку што е можно, сè да одржите на некое „нормално“ ниво, најмногу заради вашите деца.

Додека седите под облакот на несигурноста, низ главата ви се мотаат мислите како би издржале неколку дена или подолг период без вашите најмили, затоа што најчесто и двајцата родители добиваат старателство над децата. Доколку се наоѓате во ваква или слична ситуација, не очајувајте. Не сте сами. Имајте секогаш на ум дека многу луѓе прошле и проаѓаат низ овој тежок процес, кој со себе носи големи пресврти.

(1) Како да ги заштитите децата за време и по разводот?

Децата се сепак најранлива категорија и најчесто многу тешко го поднесуваат разделувањето на нивните родители. Затоа, потребно е со особено внимание да се однесувате кон нив, бидејќи во тие моменти се урива нивниот свет кој заеднички сте го изградиле во претходните години. Ви нудиме три совети како да им пружите најголема заштита на своите деца во еден од најтешките периоди во нивниот живот.

1. Разводот не значи крај на чувството за семејство на вашето дете

Кога партнерите се одлучуваат на развод, најчесто ги преземаат сите мерки за да добијат старателство над децата и да го заштитат имотот којшто го стекнале. Ангажираат адвокати кои ги водат низ бракоразводниот процес, со кои одат на судови и се борат да дојдат до некаква „победа“. Но, доколку имате деца, не треба да размислувате на таков начин. Секогаш на ум имајте ги вашите најмили и нивните потреби.

Обидете се со партнерот да се раздвоите со медијација и спогодба. Одлуките коишто ги донесувате во тој процес се од клучно значење за вашите деца. Не преземајте чекори кои можат да остават трајни последици врз нивната психа и здравје. Ставањето крај на бракот не треба да значи и уривање на сликата за семејство на вашите најмили. Издигнете се над личните потреби и докажувањата, и поставете ги вашите деца на приоритетното место.

2. Не сте повеќе брачни партнери, но засекогаш ќе бидете родители

Кога се разведувате вие не престанувате да бидете родители на вашите деца. Разводот е единствено крај на бракот. Вие ставате крај на романтичната врска со вашата поранешна сопруга или сопруг, но останувате родители на вашите заеднички деца. Сосема е разбирливо да се чувствувате луто, вознемирено и изневерено, но тие чувства не смеете да ги рефлектирате врз вашите деца, затоа што вашиот однос кон партнерот/партнерката, не е однос што децата треба да го изградат кон таткото или мајката.

Вашата главна задача е создадете позитивна атмосфера во којашто вашите деца ќе се чувствуваат безбедни, истовремено овозможувајќи им најдобар однос со двајцата родители. Иако некогаш е тешко, изнаоѓањето заеднички јазик со вашиот поранешен партнер/партнерка и меѓусебното почитување се суштински за децата. Доколку тоа не можете да го постигнете сами, постојат голем број центри и терапевти кои можат да ви помогнат да изградите квалитетен родителски однос, преку кој на детето ќе му овозможите сигурност во неговиот живот меѓу двата нови дома.

3. Запомнете, децата имаат потреба од двајца родители

Бракот не смее да значи крај на љубовта и топлиот однос на родителот кон своите деца. Родителите мораат да дадат сè од себе и во тешките бракоразводни процеси да не го изгубат по пат родителското чувство. Секој родител треба да се стреми да изгради цврста и нераскинлива врска со своето дете, затоа што единствено на тој начин, децата ќе успеат да ги надминат тешкотиите кои со себе ги носи разводот. Силната врска ќе ја зголеми нивната самодоверба, а на тој начин ќе се превенираат или ублажат психичките трауми со кои можат да се соочат децата.

Не значи дека ќе бидете совршен родител, но обидете се да го постигнете тоа ниво. Исто така, не го осудувајте вашиот поранешен партнер доколку некогаш направи одредена погрешна одлука или чекор во врска со вашето дете. Потребно е да развиете однос на почитување, во кој централното место ќе го заземаат вашите најмили. Единствено на таков начин ќе успеете да го надминете разводот без поголеми последици врз вашето здравје и здравјето на вашите деца.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар