7 мудрости кои не треба да ги научите предоцна во животот

7 мудрости кои не треба да ги научите предоцна во животот

Често се вели дека мудроста доаѓа со годините и дека не треба да жалиме за ништо во животот. Но, за да го намалиме тоа жалење на минимум и да почнеме да водиме подобар живот за нас самите, без да ги чекаме следните родендени и мудростите кои доаѓаат со нив, би требало да се придржуваме до овие 7 точки.

1-7-mudrosti-koi-ne-treba-da-gi-nauchite-predocna-vo-zhivotot-wwww.kafepauza.mk_

1. Секогаш бидете присутни во сегашноста

Поминуваме многу време размислувајќи за минатото и за она што не можеме да го промениме или пак правиме планови за иднината, а забораваме да ја искусиме сегашноста, бидејќи токму тие моменти се оние кои сега се одвиваат. Среќата постои само во сегашноста, минатото е зад нас, а иднината сѐ уште не пристигнала, па така сегашните моменти се оние во кои целосно треба да бидеме присутни. Нашите мисли честопати знаат да се движат со „200 на час“, па затоа застанете и погледнете околу себе. Така ќе добиете на време. А нема да изгубите, и ќе се освестите за вашата околина во целост.

2. Не грижете се за тоа што требало или што не требало да направите

Поради друштвото или родителските очекувања често размислуваме во рамките на она што би требало или не би требало да го направиме. На пример, дали треба да завршиме факултет и да дипломираме или дали да ги заборавиме нашите соништа и да пронајдеме работа со сигурна плата. Но, единствениот рецепт за водење среќен и исполнет живот е да живеете онака како што сакате. Немојте да се ограничувате поради очекувањата кои другите луѓе ги имаат за вас. Тоа е само ваш живот и не припаѓа на никој друг.

3. Немојте непотребно да преувеличувате

Нашите умови знаат да работат против нас. Па така, на некои проблеми им даваме многу поголема важност отколку што навистина треба. Сѐ зависи од перспективата. Колку пати сте помислиле дека нешто е огромен проблем, но после неколку дена воопшто не сте размислувале за тоа? Кога ќе ви се случи ова, застанете на момент и запрашајте се дали ќе размислувате за тоа и утредента, следната недела или следните година дена. Со оглед на тоа дека во поголемиот дел од времето одговорот ќе биде негативен, веднаш елиминирајте ја непотребната загриженост која само ќе ја исцрпи енергијата од вас.

4. Почесто соочувајте се со стравовите

Сите ние имаме стравови, некои од нив се оправдани, а некои не. Но, за да ги решиме и да живееме со полни гради, би требало што почесто да се соочуваме со нив. Никогаш не заборавајте дека голем дел од стравовите постојат само како производ на нашиот ум. Кога ќе се помирите со тоа, соочувањето со страшните работи ќе биде полесно. Чувството после соочувањето на сопствените стравови ќе биде непроценливо и нема да се чувствувате така преплашено како што мислевте пред да се одлучите на овој потег.

2-7-mudrosti-koi-ne-treba-da-gi-nauchite-predocna-vo-zhivotot-wwww.kafepauza.mk_

5. Полека, но сигурно победете во трката

Сигурно сте го слушнале овој израз безброј пати, а Езоп и тоа како бил во право кога го напишал. Додека сме млади, многу високо ги поставуваме нашите цели, стануваме премногу нестрпливи откако ќе ги зацртаме и полека се откажуваме од нив доколку не се исполнат веднаш. Всушност, тајната на успехот е во малите чекори со кои ќе дојдете до големи промени. Не заборавајте да поставите мали цели кои се достижни и кои ќе ви помогнат во остварувањето на вашите соништа, чиј резултат ќе ви даде до знаење дека сте на вистинскиот пат без оглед на тоа колку долго целиот процес може да трае.

6. Престанете да претпоставувате што мислат другите

Понекогаш премногу претпоставуваме што мислат другите, без разлика на тоа дали нè осудуваат поради нешто што сме направиле или мислат лошо за нешто што сме кажале. Меѓутоа, вистината е дека светот не се врти околу нас. Секој се справува со сопствените проблеми, грижи и несигурности до тој степен што веќе не обрнуваме внимание едни на други толку многу колку што мислиме. Затоа немојте да се грижите за туѓите мислења или уште полошо, да претпоставувате што другите всушност мислат, бидејќи само така губите време и енергија.

7. Бидете благодарни за сѐ во вашиот живот

Една од најголемите животни лекции која можеме да ја научиме е благодарноста. Колку сме постари, толку почесто стануваме благодарни за она што нè опкружува и го збогатува нашиот живот, како што се луѓето, искуствата, лекциите кои сме ги научиле, па дури и некои материјални предмети. Колку порано ја усвоиме оваа навика, толку подобро, бидејќи благодарноста и ценењето на она што е важно и што го прави вашиот живот подобар е чекорот кој води до вистинската среќа и уживање во непроценливите моменти од сегашноста.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар