13 златни правила за полесно штедење
Ви изгледа дека не можете да излезете на крај со вашите месечни приходи и сакате да заштедите, но не ви успева? Ова се 13 правила кои ќе ви помогнат да заштедите без да скратувате од вашите најголеми задоволства.
1. Појадувајте и испијте го утринското кафе дома
Станете малку порано со цел да имате време да појадувате дома. Не само што појадокот со сигурност ќе биде поздрав од оној кој би го купиле по пат и би го изеле во брзање, туку и ќе заштедите. Во домот пригответе го и првото утринско кафе и сипете кафе во термос за да имате резерви кои ќе ви помогнат да го „истуркате“ денот. Навидум изгледа како да заштедувате малку и речиси безначајно, но кога ќе пресметате колку пари давате на кафе и појадок купени надвор од домот секое утро, ќе сфатите дека сепак е некоја заштеда.
2. Со велосипед до работното место
Доколку времето е топло и пријатно, заштедете на гориво или автобуски карти и возете се со вашиот велосипед. Заштедувате, а воедно правите добро за вашето здравје и за вашата физичка кондиција.
3. Спакувајте ручек од дома
Пред да одите на работа или на факултет, спакувајте си ручек од дома. Доколку секој ден купувате ручек надвор, вашите месечни трошоци се многу поголеми.
4. Внимавајте што правите со слободното време
Дали имате навика за време на пауза од работа или во текот на вашето слободно попладне да прошетате по бутици? Најчесто купуваме нешто што воопшто и не ни е потребно само бидејќи ни паднало во очи кога сме поминувале пред излог. Наместо слободното време да го потрошите на шетање по бутици или разгледување онлајн-каталози, читнете добра книга или прошетајте во природа.
5. Каков договор имате со мобилниот оператор?
Одберете го соодветниот пакет со цел да заштедите. Обрнете внимание за што најмногу го користите мобилниот телефон: за пристап до интернет, за телефонски повици или за СМС-пораки? Нема потреба да плаќате големи суми кога добар дел од погодностите кои ги добивате воопшто и не ви се потребни.
6. Тестирајте пред употреба
Тестирајте го производот пред да го купите. Консултирајте се со пријател или со познаник кој веќе користи таков вид производ, и внимавајте да имате соодветна гаранција особено доколку купувате производи од бела техника. За козметичките производи, пред да ги купите задолжително испробајте го тестерот.
7. Обрнете внимание на квалитетот, а не на квантитетот
Сигурно сте ја чуле изреката „Не сум толку богат за да купувам евтини работи“. Наместо претрупување на вашиот плакар со непотребни партали кои сте ги купиле само бидејќи биле евтини и кои веројатно нема да ги облечете повеќе од двапати, купувајте поретко, но поефективно. Одберете практични и квалитетни парчиња облека и обувки. Пример, обувки кои може да ги носите во разни пригоди или маичка со која може да направите многу комбинации.
8. Отстапете место за приоритетите
Дали сте сигурни кои ви се приоритетите на вашата шопинг листа? Да, ќе преживеете овој месец без нов пар фармерки, можеби она на што би требало да потрошите пари е поправка на некој апарат од домаќинството.
9. Не купувајте импулсивно
Дали сте импулсивен купувач? Време е да се откажете од таа навика бидејќи со сигурност придонесува за многу поголеми трошоци. Понесени од анксиозноста во моментот, нема да размислите добро и ќе купите нешто што не ви треба или нешто што не ви е по ќеф. Дали навистина ви треба нов фустан? Каде ќе го носите? Дали е доволно квалитетен? Има ли разумна цена? Може ли да си го дозволите во моментов? Доколку не, вратете го назад каде сте го нашле.
10. Со себе носете што помалку готовина
Додека стојат на сметка, парите се побезбедни. Кога ги имате во џеб полесно ќе се „ослободите“ од нив. Имајте навика да не чувате многу кеш во паричникот.
11. Купувајте од втора рака
Секако, ова не важи за секаков вид производи, како на пример за козметика. Но електричен апарат, автомобил или стари книги, зошто да не? Ќе заштедите, а користа која ќе ја имате од производот ќе биде речиси еднаква. Само пред да купите што било, осигурајте се дека е во добра и исправна состојба.
12. Употребувајте купони или картички за попуст
„Паметното“ купување значи искористување на поволните акции по маркетите и секако користење картички за попуст кои ќе ви помогнат да заштедите. Искористете ги распродажбите и специјалните понуди.
13. Обнова на старите нешта од плакарот
Можеби имате фармерки или здолниште кои не ги носите веќе долго време. Дали постои начин да ги вратите во употреба? Можеби би ги скратиле или додале некаков детаљ? Размислете двапати пред да фрлите одредени парчиња облека и пред да излезете во шопинг по нови.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.