Загадување на воздухот: Причини, последици и како да го спречите - Part 2

Загадување на воздухот: Причини, последици и како да го спречите

Кои се последиците од загадувањето на воздухот?

(4)zagaduvanje-na-vozduhot-prichini-posledici-kafepauza.mk

Последици врз здравјето

Загадувањето има влијание на здравјето на животните, луѓето, растенијата, или на кратко на сите живи организми. Во зависност од степенот на изложување, како и видот на загадувачот, последиците може да бидат разни – од кашлање и иритација на дишните патишта, па сè до астма и хронични заболувања на белите дробови. Покрај тоа може да се појават проблеми со кожата, како и некои видови рак. Некои луѓе сметаат дека 10% до 20% од сите случаи на рак се предизвикани од некаква форма на загадување. Според Светската здравствена организација, загадувањето на воздухот е најголемиот убиец. Најчесто смртта како последица од загадувањето се случува во земјите во развој, но и во индустриски богатите држави.

Последици врз агрикултурата

Едно од нештата кои го обележаа 20-тиот век е порастот на индустриската агрикултура. Почнаа да се користат секакви вештачки ѓубрива и хемикалии за да се зголеми производството. Но, ова не се единствените хемикалии на кои се изложени растенијата. Загадувањето на воздухот (но и на водата) може значително да влијае на производството. Се очекува зголеменото ниво на јаглероден диоксид во воздухот да има многу лошо влијание врз растенијата и агрикултурата во целиот свет.

Други последици

Кога шетате низ град, сигурно имате забележано дека многу градби се потемнети, особено ако сте во загадено место. Најчесто причината за ова се издувните гасови од возилата. Но тоа не е единствената штета, овие издувни гасови може да предизвикаат и кисел дожд.

Загадување во домот

(5)zagaduvanje-na-vozduhot-prichini-posledici-kafepauza.mk

Ако живеете во (загаден) град, сигурно мислите дека вашиот дом е најчистото место во него. Но реалноста е дека вашиот дом е полн со разни хемикалии кои го загадуваат воздухот секој пат кога ги користите. Дел од овие хемикалии се:

  • Детергентите и средствата за чистење се само некои од секојдневните производи кои предизвикуваат загадување.
  • Ако се греете на гас, јаглен или дрвја а немате добра вентилација, можете да бидете изложени на јаглероден моноксид.
  • Изненадувачки, но и цевките за вода можат да бидат причина за загадување на воздухот во домот. Секогаш кога загревате вода (на шпорет, во бокал или во бојлер) може да испарат заробени испарливи органски соединенија.
  • Дури и вашата завеса во тоалетот може да испушта испарливи органски соединенија ако е направена од пластиката ПВЦ.
  • Ако во зградата имате вентилација, голема е веројатноста воздухот кој влегува во вашиот дом да доаѓа од домовите на другите.

Што можете да направите за да го намалите загадувањето?

(6)zagaduvanje-na-vozduhot-prichini-posledici-kafepauza.mk

Борбата против загадувањето е комбинација од технолошки решенија, закони и регулации, како и менување во однесувањето на луѓето. Што можете вие да направите за да влијаете на загадувањето?

1. Штедете енергија

Веќе спомнавме дека електраните предизвикуваат загадување, па колку помалку електрична енергија користите, толку повеќе придонесувате во намалување на загадувањето. Одберете сијалици кои штедат енергија, користете лаптоп наместо компјутер, сушете ја облеката надвор и топлотно изолирајте го вашиот дом.

2. Штедете вода

Производството на чиста вода бара енергија, па штедењето вода е уште еден добар начин да го намалите загадувањето.

3. Откажете се од автомобилот

Понекогаш навистина е потребно да го возите вашиот автомобил, но секогаш кога можете користете јавен превоз или велосипед. Сообраќајот е најголемиот извор на загадувањето, па особено е важно да го избегнувате автомобилот кога воздухот е навистина загаден.

4. Не палете оган на отворено

Огнот на отворено е едно од најсебичните нешта кои можете да ги направите за вашето соседство. Знаевте ли дека чадот од огнот на отворено содржи 350 пати повеќе канцерогени хемикалии отколку чадот од цигара?

5. Не горете го ѓубрето

Секогаш кога ќе запалите пластика, вие ослободувате многу отровни материи во воздухот, голем дел од кои инстантно ги вдишувате.

6. Не користете пестициди

Ако имате градина, немојте да користите хемикалии. Постојат еколошки начини да се ослободите од штетниците од вашите растенија.

7. Намалете со хемикалиите

Дали навистина мора да користите освежувач за воздухот? Можеби просторијата ќе мириса убаво, но ќе биде хемиски загадена. Размислете дали навистина имате потреба од многуте хемикалии кои ги купувате и користите. Обидете се најдете „зелена“ алтернатива.

8. Рециклирајте

Секогаш кога можете користете ги работите кои веќе ги имате наместо да купувате нови.

9. Не пушете

Цигарите содржат никотин кој создава зависност. Тие предизвикуваат разни здравствени проблеми, но можат да бидат причина и за локално загадување на воздухот.

Погледнете ги и овие совети за заштита од загадувањето.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар