Тинејџер дизајнирал градник што може да детектира рак на гради!
Верувале или не, 18-годишно момче од Мексико ги оставило научниците без зборови со својот најнов изум – градник што има способност да открива симптоми на рак на гради. Студентот Хулијан Риос Канту ја добил првата награда на „Глобалните студентски претприемачки награди“ (Global Student Entrepreneur Awards – GSEA) за неговиот дизајн, што се надева дека ќе им помогне на жените ширум светот да го откријат ракот пред тој да стане опасен по нивниот живот.
Градникот, наречен ЕВА, е опремен со околу 200 биосензори што следат секаков вид промени во температурата, тежината и формата на градите – сите потенцијални индикатори на рак на гради. На пример, ако тој детектира зголемена температура во градите, тоа може да сугерира на зголемен проток на крв во таа област, најверојатно поради раст на тумор.
„Во истиот момент штом има малформација во градите или некаков тумор, надоаѓа зголемена количина крв и на тој начин се покачува нивната температура“, објаснува Канту.
Најдобриот дел е што градникот не мора да се носи 24/7 за да работи. Доволно е само еден час неделно, бидејќи во него градите ќе бидат постојано во истата позиција, па на тој начин може лесно да детектира каква било промена.
Младиот научник вели дека неговата мајка која страдала од рак и морала да ги отстрани градите за да си го спаси животот е причината поради која решил да направи нешто вакво.
Тој ги победил останатите 13 млади претприемачи кои учествувале во натпреварот и однел дома награда од 20.000 долари. Сѐ уште не се знае дали ќе ги инвестира парите во дополнително развивање на градникот, но многу луѓе се надеваат дека некоја голема компанија ќе го забележи овој изум и ќе инвестира во него – ако може да спасува животи, дефинитивно вреди!