Сѐ што треба да знаете за флертувањето

Сѐ што треба да знаете за флертувањето

Колку пати сте се нашле во ситуација кога флертувањето не ви одело од рака? Ви се допаѓа некоја девојка/некое момче, но не знаете како да ѝ/му пристапите, а дури и кога ќе соберете храброст да го направите тоа, никако да ги одберете вистинските зборови. И ако мислите дека сте единствените на кои тоа им се случува, тогаш лошо се лажете. Но за ваша среќа, сѐ што треба да знаете за подобро да флертувате следниот пат, се следниве неколку основни факти за флертувањето.

(4)-flertuvanjeto-i-se-shto-treba-da-znaete-za-nego-kafepauza.mk

И паровите треба да флертуваат

Бидејќи флертувањето асоцира на луѓе кои не се во врска, звучи чудно и несфатливо како тоа и на паровите им се препорачува понекогаш да флертуваат. Но, не треба да се заборава на фактот дека и на оние луѓе кои се во врска им е потребен малку флерт. Едно истражување направено на 164 парови во 2012 година на Универзитетот во Кентаки покажало дека паровите флертуваат со цел да ја одржат и истакнат својата интимност.

Постојат 4 причини за флертување

Во 2004 година, Дејвид Драјден Хенингсен, професор на Универзитетот во Илиноис, идентификувал 6 различни причини поради кои луѓето флертуваат: секс, забава, љубопитност, внимание, самодоверба и корист. Во истражувањето учествувале 200 луѓе од кои 101 жена и 99 мажи. Откако за задача им било дадено да напишат потенцијален разговор при флертување, јасно можела да се види разликата во причините кај едниот и кај другиот пол – на поголем дел од мажите мотивација им бил сексот, додека кај жените станувало збор за желба за внимание.

Некои почетни фрази се подобри од други

Повеќе од 600 луѓе учествувале во истражувањето на психологот Крис Клинке за списанието „Sex Roles“на Универзитетот во Алјаска, а на сите им било поставено само едно прашање – како ја оценуваат ефективноста на 3 дадени почетни фрази при флертување. Фразите биле следниве: Ти мора да си библиотекар/ка бидејќи забележав како ме проверуваш (типично провидни и клише), Што мислиш за бендов? (празни и бесцелни) и Ми се допаѓаш – може да те почестам со пиење? (директен пристап). Резултатите покажале дека мажите повеќе го преферираат директниот пристап, додека жените прашањата од типот на Што мислиш за бендов? Мал процент од луѓето рекле дека ги преферираат клишеата.

(1)-flertuvanjeto-i-se-shto-treba-da-znaete-za-nego-kafepauza.mk

Мажите ја преувеличуваат заинтересираноста на жените

Кога би ги споредиле жените и мажите, тогаш може со сигурност да се каже дека тие различно гледаат на работите, па така е и во случајот со флертувањето. Додека жените ја потценуваат заинтересираноста на мажите за нив, мажите го прават токму спротивното – преувеличуваат замислувајќи си дека жената е и повеќе од заинтересирана. Како резултат на истражување во 2000 година, психолозите Марти Хаселтон и Дејвид Бас од Универзитетот во Тексас, изнеле објаснување за ова во кое како причина било наведено дека мажите растат опкружени со идејата за секс, додека жените во околина каде ги учат да бидат поскромни и позатворени.

Најпривлечните карактеристики зависат од полот

Како и за сè останато, па така и за ова, она што на мажите им е привлечно кај жените и обратно се разликува. Истражувањето кое го спровела Џесика Трејси, психолог на Универзитетот во Британска Колумбија, покажало дека најпривлечен женски израз е среќата, додека најпривлечен машки израз е гордоста. Во истражувањето учествувале 1041 личност, на кои им биле покажани слики од луѓе кои имале различен израз на лицето.

Суптилноста може да ве однесе далеку

Според психологот Стивен Генгестад, флертувањето претставува процес на преговарање откако ќе поминат почетните моменти на привлечност меѓу двајцата кои флертуваат. Бидејќи веројатноста дека нешто од типот на Ми се допаѓаш. Ти се допаѓам ли јас на тебе? ќе успее е многу мала, многу поефективно е кога запознавањето (откривањето на себе) оди дел по дел, така што и привлечноста има шанса да расте паралелно на тоа.

(2)-flertuvanjeto-i-se-shto-treba-da-znaete-za-nego-kafepauza.mk

Не е најважно да бидете најпривлечната личност во просторијата

Сѐ се врти околу тоа какви сигнали им испраќате на луѓето околу вас. Кога имате желба и намера да флертувате, сигналите кои ги испраќате, а кои го вклучуваат јазикот на телото во целост, се доста јасни и гласни. Тоа го покажува и истражувањето спроведено на Универзитетот Вебстер од страна на психологот Моника Мур. Проучувајќи го однесувањето на луѓето во различни околини и ситуации, Мур успеала да заклучи дека луѓето скоро и да не флертуваат со луѓе чија единствена предност е привлечноста.

Контактот со очи е од огромна помош

Повремените погледи и насмевки т.н. под мустаќ, навистина помагаат во флертувањето. Учесниците во едно истражување биле поделени на 48 парови на кои им биле зададени 3 задачи од кои секоја требало да им одземе по 2 минути. Првите 2 минути тие требале да гледаат во очите на партнерот, вторите 2 минути во рацете на партнерот, а третите 2 минути да успеат да избројат колку пати партнерот трепнал. Исполнувањето на првата задача, кога партнерите истовремено се гледале во очи 2 минути, резултирало со појава на најизразени чувства на привлечност.

Луѓето вистински се поврзуваат дури откако ќе ја поминат фазата на запознавање

И додека фазата на запознавање е неизбежна, како и сите „празни“ прашања кои одат со неа, кога таа ќе помине, сѐ станува многу полесно. Земајќи предвид дека веќе знаете некои работи за личноста наспроти вас, самата комуникација е полесна бидејќи веќе чувствувате доза на блискост. Ова го докажува и истражувањето направено на Државниот универзитет во Њујорк од страна на психологот Артур Арон. Резултатите јасно покажале дека луѓето чувствуваат поголема блискост меѓу себе откако ќе постават/одговорат поинтимни прашања.

(3)-flertuvanjeto-i-se-shto-treba-da-znaete-za-nego-kafepauza.mk


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар