Разговор со нобеловецот Игор Томески: Зошто Македонија последна дознава за своите таленти?
Дали во Македонија владее непрофесионализам?
Игор моментално студира во САД и соработува со видни личности од филмскиот и театарскиот свет, меѓу кои и со режисери од Бродвеј. Тој имал прилика да го спореди професионализмот во Америка и (не)професионализмот во Македонија.
„Професионализмот лежи во тоа што артистите не дозволуваат нивните емоции, фрустрации и его да им влијаат на професијата и одлуките. Мнозинството Американци, согласно системот, се тренирани да ги потиснуваат емоциите, да наградуваат и да пофалуваат успех бидејќи самите сакаат да напредуваат, да се надградуваат со знаење и да бидат опкружени со успешни луѓе. Кај нив животот е работа – работата навлегува целосно во животот, па имаат поголема потреба да се занимаваат со тие разграничувања помеѓу приватноста и стручноста и тој начин на однесување е природен за нив. Кај нас, начинот на живот налага нешто друго. Кај нас е обратно – животот и приватноста навлегуваат во работата, но далеку од тоа дека ситуацијата не може да се надмине и подобри“, отворено зборува Игор.
Таа ронка надеж му остава простор на Игор еден ден да продолжи да работи во Македонија и да не „пушта корени“ на едно место.
„Како уметник чија професија зависи од проекти, а не од фиксно работно време и чија професија ги вклучува и патувањата, јас не би смеел да се ограничувам. Постојат многу колеги во мојата професија кои постојано менуваат места на живеење согласно работните понуди и проектите. Природата на уметникот е да не мирува и да не се задоволува со монотонијата на едно место. Би работел секаде каде што би имал прилика, можност и убава енергија, вклучувајќи го САД и, секако, Македонија каде многу други работи ме врзуваат за неа, настрана од професијата“, признава младиот уметник.
И покрај тоа што во странство работите се малку поинакви, тоа не значи дека ситуацијата во Македонија не би можела да се смени и подобри. Постојано треба да се работи на општествениот напредок и да се прифаќаат промените кои се добри за народот и неговиот развој.
Дали Македонија претставува плодна почва за културен и уметнички развој?
Македонија е богата со талентирани луѓе од сите области, но главното прашање е дали им нуди доволно можности за да се реализираат себеси. Игор, како човек кој живее 3 години надвор од нашата земја, има поинакво гледиште на работите.
„За да имаме плодна почва за културен и уметнички развој, верувам дека Македонија мора да изнаоѓа поефективни начини и техники да ги препознава и развива младите таленти и уметници, од медиумски и институционален аспект“, објаснува Игор.
Но, проблемот не е само кај државата, туку и кај младите таленти.
„И младите таленти мораат да се запознаваат како со светските трендови така и со Македонија, со сите нејзини маани и доблести за коишто можеби не сме свесни. Мала земја сме, сѐ ни е блиску, а тоа отвора голем простор за лично надградување и поврзување со други колеги и ментори, така што соработките и проектите би требало да одат полесно и побрзо во споредба со некои други земји“, открива тој.
Сепак, Македонија не е единствената земја што се соочува со ваков проблем.
„Треба да се сфати дека уметниците, каде и да почнуваат да творат, секогаш ќе треба да работат макотрпно, па и кај нас. Глобално гледано, никаде во светот моментално не е идеална почвата за уметност ако во тоа бараме и профит и емотивна исполнетост/уметнички развој – освен можеби Холивуд и Бродвеј каде ќе го добиете само профитот, додека нивните индустрии се речиси целосно комерцијализирани и се помалку ’уметнизирани’. Светот сѐ помалку обрнува внимание на уметниците и на духовното. Наместо тоа, се врти кон материјалното и уметниците треба да бидат свесни за тоа“, изјави Томески.
Па, како Македонија би можела да се одбрани од оваа појава и да постигне уметничка реализација? Според Игор, постојат 2 основни можности за тоа.
„Доколку сакаме да создаваме уметност како наша пасија и хоби, секој и секаде може да го направи тоа и во тој случај, големото внимание, препознавање од страна или имањето услови не се неопходни. Но, само најуспешните и најупорните можат да остварат профит и да изградат кариера. Секој има простор за самореализација и творење, па дури и во Македонија. Кога станува збор за реализација на проекти, сѐ зависи од компетитивноста, упорноста, снаодливоста и талентот на уметниците. Во мала земја со ограничен пазар и приходи како нашата, само најупорните и оние со најголем жар се развиваат и пробиваат. Јас би рекол дека за да имаме каков било плод на оваа почва, дали културен или уметнички, зависи од тоа колку вода полеваме во нашите срца, од каде што и започнува развитокот на секоја индивидуа“, открива Игор.
Уметниците треба да ги негуваат своите таленти и да не се обесхрабруваат од идејата дека немаат доволно услови или дека никој не го цени нивниот талент. Вистинскиот успех потекнува од сознанието дека сте створиле нешто прекрасно и значајно.
Продолжете на следната страница за остатокот од текстот…