Психологија на просторот: Што кажува за вас ентериерот во кој живеете?
Дали според ентериерот можеме да откриеме кој како живее и што точно нашиот дом говори за нас? Дали можеме да донесеме заклучоци со обично набљудување или мора подетално да ги анализираме нештата? Со самото влегување во нечиј дом вие можете веднаш да погодите некои од основните работи поврзани со таа личност, како на пример, дали е уредна или не, дали доволно чита или пак, дали сака да собира различни предмети.
Архитектот Милена Обрадовиќ во својата книга „Психологија на просторот“ докажала дека секој амбиент личи на својот сопственик и дека тие имаат ист карактер.
Секоја личност има специфични особини кои се рефлектираат на амбиентот. Во зависност од карактерот, нечиј ентериер може да има преголем мебел преку кој ја покажуваат нивната моќ, додека пак други преферираат престижни марки со цел да предизвикаат воодушевување кај оние кои набљудуваат. Од друга страна пак, некои го пренатрупуваат својот простор, а со тоа и ја покажуваат својата нефункционалност.
Секој карактер има своја боја и токму затоа не можете да му наметнете нешто што тој/таа не сака. Одредени бои имаат различно значење за различни карактери. Така на пример, белата боја кај некои може да претставува стерилност и педантност, додека пак кај други е едноставност која е полна со можности. За некои таа може да претставува и празнина. Како друг пример може да се земе и црвената, која за оние кои ја вметнуваат во својот дом значи радост и топлина, а оние кои ја избегнуваат го прават тоа бидејќи ја сметаат за агресивна и бесна.
Кај одредени карактери уреденоста на просторот може позитивно да влијае на долг рок, а тоа најчесто се случува во поглед на нивниот темперамент, додека пак кај некои тоа се случува краткотрајно и тие потоа имаат потреба од нова промена.
Кај оние кои се полни со енергија, промената на ентериерот им помага да ги смират своите силни реакции, додека кај оние што се побавни таа може да поттикне посилни реакции и изразување позитивни емоции. Недовербата и сомнежот кои кај овие луѓе се јавуваат по новото обликување на ентериерот, со текот на времето исчезнуваат, а по завршувањето со работата предизвикуваат емоции на задоволство, спротивно од нивната ладнокрвна природа и воздржаност. Промената на ентериерот кај мазохистите предизвикува краткотрајно позитивно чувство бидејќи нивниот нагон за патење и казнување секогаш надвладува. Оние кои се меланхолични, со промена на ентериерот можат да го намалат чувството на тага и потиштеност, додека пак на нарцисоидните нема да има никакво влијание.
Па, како различните карактери го уредуваат својот ентериер?
Компулсивен карактер: Затвореност
Тие имаат строги принципи, висока самодоверба, воздржани се со чувствата и со своите ставови. Тие имаат огромна доза сомнителност и недоверба, но и големо чувство за ред. Тие се амбасадори, политичари и трговци. Покажуваат неверојатна симетричност и прецизност при поставување на мебелот, кој начесто е во кафеава и бела боја. Тие не сакаат да експериментираат, строги се и никогаш не се определуваат за минимализам.
Мазохистички карактер: Хаос
Жените кој се во лош брак, со садистички партнер, разведените жени, оние личности кои не се исполнети во работата и емотивно или пак, кои не се задоволни од средината во која се наоѓаат многу често прават измени во својот дом. Кај овие луѓе преовладуваат различни стилови и парчиња мебел. Тие сакаат многу декорации, орнаменти, статуи и многу често делови од нивниот дом се преземени од историски стилови.
Нарцисоиден карактер: Конфузија
Личностите со нарцисоидно однесување и дифузија на идентитетот зависат од туѓата поддршка и мислење. Тие често потекнуваат од мала средина и сиромаштија, не се образувани и доаѓаат до пари на најлесниот можен начин. Тие сакаат да се натпреваруваат во однос на работите кои ги поседуваат и сакаат другите да им завидуваат за изборот. Тие исто така се склони на чести промени во амбиентот.
Модификуван нарцизам: Имитација
Кај овој карактер цртите на личноста се исти како и кај нарцисите, но овие луѓе малку поинаку се доживуваат себеси во просторот. Тие различно му пристапуваат на амбиентот, од највисока точка на набљудување. Воглавно станува збор за луѓе кои потекнуваат од мали селца и кои тешко стекнале имот или пак, наследиле богатство или висока позиција во фирма. Тие се окупирани со фантазијата за убавина и брилијантност.
Здрав карактер: Баланс
Во оваа група спаѓаат едноставните личности, оние кои се задоволни со својот живот и кои имаат голема самодоверба. Тие се самоуверени и оптимистични. Исполнети се, комуникативни и во нивниот ентериер секогаш може да се забележи љубовта кон креативноста. Тие сакаат нови идеи и силни бои.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.