Ноќните птици и ранобудниците имаат различна мозочна структура
Дали вие сте од оние луѓе кои се будат уште пред да се раздени и на кои никогаш не им е потребен аларм? Или можеби сте од оние кои повеќе би сакале среќно и безгрижно да си го преспијат целото утро? Дали се чувствувате како вашиот ден да почнува попладне или пак, сакате да ги завршите вашите најголеми обврски уште рано од сабајле?
Поголемиот дел од луѓето најчесто ги преферираат или ноќите или утрата. Во која од овие групи една индивидуа припаѓа, најчесто може да биде детерминирано од нејзината хроноструктура (индивидуална диспозиција кон одредени периоди на активност и одмор во текот на денот).
Ова однесување на луѓето долго време се истражува, а во последниве неколку години сè повеќе се открива дека овие утрински или вечерни тенденции се поврзани со голем број генетски варијации како и со разликите во животниот стил и расположението, когнитивните функции и ризиците од здравствени проблеми како на пример, нарушување на спиењето и депресија.
Едно ново истражување открило докази за одредени физички разлики во мозокот кај различните хроноструктури. Научниците од Универзитетот Ачен во Германија го скенирале мозокот на ранобудниците, ноќните птици и на оние кои се наоѓаат во средината помеѓу овие две групи. Тие откриле структурни разлики во мозокот кај луѓето кои се поактивни во различен период од денот. Кога ги споредиле резултатите, забележале дека за разлика од ранобудниците и оние кои се наоѓале помеѓу двете групи, ноќните птици имале намалена густина на белата материја во неколку делови од мозокот. Белата материја е мрсно ткиво во мозокот кое ја олеснува комуникацијата помеѓу нервните клетки. Намалената густина на белата материја често се поврзува со депресија и со нарушување на нормалните когнитивни функции.
Причината за оваа разлика во квалитетот на белата материја кај ноќните птици во споредба со останатите личности не е јасна. Истражувачите шпекулираат дека оваа состојба можеби е последица од начинот на кој ноќните птици се снаоѓаат во светот со кој не се синхронизирани. Поради тоа што поголемиот дел од работните обврски се случуваат наутро, ова може да доведе до хронична ненаспаност кај ноќните птици која со тек на време ќе предизвика уморност и поспаност, потешкотии во фокусирањето, физичка болка и неудобност.
Истражувањето исто така покажало дека оние кои остануваат будни до подоцна имаат поголем ризик за развивање на депресија. Слични студии покажале дека ноќните птици исто така се посклони и на зависност од тутун или алкохол. Но, не сите резултати од истражувањето биле лоши вести за ноќните птици. Тие покажале дека овие луѓе се многу попродуктивни од ранобудниците и дека поседуваат поголеми аналитички и расудувачки способности. Исто така се покажало и дека оние кои остануваат будни до доцна во ноќта постигнуваат поголем финансиски или професионален успех за разлика од оние кои си легнуваат порано.
Оваа студија е првата досега која понудува физички докази за невролошките разлики помеѓу луѓето со различни тенденции за спиење. Но, она што исто така е многу интересно е и откритието од слично истражување кое покажало дека лесното или тешкото будење има длабоки корени во биолошките и генетските разлики. Друга студија пак, покажала дека ограничувањето на вечерното изложување на вештачка светлина и зголеменото изложување на дневна сончева светлина може да помогне при поместување на циклусот на спиење, дури и за ноќните птици. Но, сепак она што можеме да го научиме од сите овие истражувања е фактот дека понекогаш колку и да се трудиме, не можеме да го промениме периодот од денот кога се чувствуваме најенергични, најфокусирани и најподготвени за работа.
Како што поминува времето така луѓето сè повеќе почнуваат да ја сфаќаат моќта на овие биолошки шеми за спиење и потребата за флексибилност која им овозможува да направат распоред за работа или училиште кој ќе се совпаѓа со нивните потреби за спиење. Оваа мудра стратегија би можела да биде од голема корист за општото здравје и продуктивноста на народот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.