Македонските тату артисти се едногласни: Тетоважите влијаат на туѓото мислење, но тоа не е воопшто важно! - Part 2

Македонските тату артисти се едногласни: Тетоважите влијаат на туѓото мислење, но тоа не е воопшто важно!

Ирина Цоневска од „Nameless Tattoo“

Македонските тату артисти се едногласни: Тетоважите влијаат на туѓото мислење, но тоа не е воопшто важно!

Меѓу сите овие момци, не можеме, а да не ја издвоиме и уникатната Ирина. Според Ирина, тетоважата не мора да биде симбол кој е директно поврзан со неговото значење.

„Секој човек е различен и не треба да се ограничува од симболите кои значат нешто општо и прифатено, туку тој самиот треба да си создаде значење на едно дело кое, пред сѐ, треба да има естетски вредности и авторски квалитет.“

Според Ирина, квалитетот и естетиката се поважни од значењето на тетоважата. Па така, доколку сакате да се тетовирате, но сте загрижени дека вашата тетоважа нема значење, бидете сигурни дека сте ја одбрале токму таа тетоважа од некаква причина. Со самото тоа што ви се допаѓа некоја тетоважа, таа веќе има некакво потсвесно значење за вас кое треба да го откриете.

Без значење или со, тетоважите се популарни и кај мажите и жените. Но, кој се тетовира повеќе? Иако Ирина нема размислувано на оваа тема, таа изведува заклучок дека општо луѓето се тетовираат повеќе за разлика од порано.

„Исто така, изборот на мотивите на тетоважите не зависат од полот на луѓето туку од популарноста на одреден тип тетоважи во моментот“, открива Ирина.

Македонските тату артисти се едногласни: Тетоважите влијаат на туѓото мислење, но тоа не е воопшто важно!

Мажите и жените сепак не се толку различни, барем кога станува збор за тетоважите. Но, постои мала разлика во однос на изложеноста на предрасуди. Многумина веруваат дека тетовираните девојки се соочуваат со поголеми предрасуди, особено ако поголемиот дел од телото им е исцртан. И покрај тоа што Ирина никогаш не почувствувала дека светот ја осудува поради тоа што има тетоважи, сепак имала некои непријатни искуства „благодарение“ на недостатокот на култура на одредени луѓе, особено во текот на летото кога се гледа поголемиот дел од нејзината кожа.

„Секојдневно ми довикуваат луѓе од кола, ме имаат следено за да ме прашаат од кај ми се тетоважите, случајни минувачи ме покажуваат со прст… Ако правам муабет со некој што не ме знае доволно, човекот смета дека сакам да зборувам само за тетоважи и како дел од овој бизнис луѓето сметаат дека во секое време е во ред да се праша колку пари е некоја тетоважа и кога може да дојдат да се тетовираат, па макар тоа да е недела навечер. Тетоважите влијаат понекогаш на туѓото мислење, но на тие луѓе на кои им влијаат, јас не би им го ценела мислењето.“

Правилата за бонтон се едноставни: Не ги опсипувајте тату артистите со прашања за цената на тетоважите и не закажувајте термини кога не се работи. И тие сакаат да уживаат во слободното време. Тие се исти како и сите останати луѓе и со нив слободно можете да разговарате на која било друга тема што не е поврзана со тетовирање. А што се однесува до оние луѓе кои го менуваат нивното мислење во зависност од вашите тетоважи, следете го советот на Ирина: Ако тетоважите влијаат на нечие мислење за вас, воопшто не вреди да го земате предвид!

Борис Костов од „Mixed Ink“

Македонските тату артисти се едногласни: Тетоважите влијаат на туѓото мислење, но тоа не е воопшто важно!

Сакате да се тетовирате, но сѐ уште се двоумите дали е тоа добра идеја? Тату артистот, Борис, не е сигурен дали треба ве убедува да се тетовирате, но дефинитивно не треба да се двоумите!

„Само треба да размислите што ќе тетовирате, бидејќи сите имаме различен вкус. Треба да одберете нешто што ќе сакате да го носите до крајот на животот“, советува Борис.

Можеби вашата дилема е како последица на стравот од болката? Доколку ве интересира кои се најболните места за тетовирање, Борис ни откри дека тоа се стомакот, градите и вратот. Уф, а баш сакавте да се тетовирате на стомак… Не грижете се, бидејќи има решение и за тоа. Можеби ќе се зачудите, но има анестезии за луѓето кои не сакаат да чувствуваат болка, така што не дозволувајте стравот да ве обесхрабри.

Со болката лесно ќе можете да се справите, но не и со предрасудите. Според Борис, тетоважите имаат големо влијание на туѓото мислење.

„Влијаат и тоа многу, бидејќи имаме таков менталитет. Надвор од границите на нашата земја секој има право на свое мислење и свои одлуки поради кои не се соочува со никакви предрасуди“, верува Борис.

Македонските тату артисти се едногласни: Тетоважите влијаат на туѓото мислење, но тоа не е воопшто важно!

Не можеме да го порекнеме фактот дека живееме во мала земја каде што речиси секој се знае со секого. Освен тоа, воспитувањето ни е традиционално и патријархално, а тоа честопати доведува до создавање големи предрасуди и стереотипи. За среќа, со развојот на технологијата, луѓето стануваат слободоумни и отворени кон промени. Денес, полесно ги прифаќаме необичните работи што не им се покоруваат на конвенционалните правила. Иако секогаш ќе постојат луѓе полни со предрасуди, најдобро е да се изолирате од нивните мислења. Таквите луѓе не ви требаат во животот и не би требало да му придавате значење на нивното мислење.

Имате право на свој избор, особено кога се работи за вашиот изглед и стил. Сакате да си ја боите косата во луди бои? Слободно! Сакате пирс на нос? Кој ве спречува?! Сакате да пробате нов стил на облекување? Добро ќе ви дојде промена! Сакате тетоважа? Одете до некое тату студио, консултирајте се со тату артистите, побарајте ги сите информации што ве интересираат, одберете интересен дизајн, одлучете кој дел од телото ќе го украсите и сторете го тоа. Сосема во ред е и доколку не ви се допаѓаат тетоважите, но тоа не ви дава право да ги осудувате нивните љубители. Без разлика дали обожавате тетоважи или ги мразите, не заборавајте дека секој има право на свој избор и начин на изразување!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар