Книга: „Раѓањето на огнот“ - Сузан Колинс

Книга: „Раѓањето на огнот“ – Сузан Колинс

Ако „Игрите на гладните“ тотално ве опседнаа, ви го покачија адреналинот до незамисливи граници додека истовремено ви ја распараа душата со една од најтрогателните приказни на сите времиња како што ми направија мене, тогаш „Раѓањето на огнот“ ќе ви отвори сосема нова димензија на уживање во ова феноменално дело.

„Раѓањето на огнот“ е второ продолжение од ултрапопуларната сага која пред некое време си имаше свој целосно заслужен „бум период“, кога сите очигледно зборуваа само за неа и секако за прекрасната филмска адаптација со Џенифер Лоренс во главна улога.Книга: Раѓањето на огнот - Сузан КолинсНетрпелива како и обично, ја направив типичната „грешка“ и се фрлив прво на филмот од кој бев одушевена за подоцна да се јадам зошто не се воздржав и не ја прочитав прво книгата. Како и да е, си го дадов овој подолг период за да подзаборавам на впечатоците (што како што се покажа подоцна додека читав, било прилично тешко) и еве ме сега со првите два дела прочитани во еден викенд, а третиот ме ѕирка и прашува колку долго ќе издржам.

Нашата хероина Кетнис, покрај тоа што излезе како победник од грозоморните „Игри на гладните“, го направи и незамисливото – успеа да го сподели тронот заедно со нејзиниот пријател и „љубовник“ Пита наспроти строгите правила на Капитол. Она што во тој момент на повеќето им изгледа како очаен потег да се спасат двајцата или пак да умрат заедно, за кратко време добива нова димензија.

Станува потег на бунтовност, на отпор кон бескрупулозниот режим на Капитол каде што луѓето се убиваат и малтретираат за многу помалку, извор на нова сила, надеж и моќ кај реоните, кои секоја година мора да ги жртвуваат своите деца чисто за забава на привилегираните додека останатите деца пак им умираат од глад. Мислејќи дека сè што треба да направи е да преживее и да се врати дома кај нејзината мила сестричка Прим и мајка ѝ, Кетнис никогаш не помислува дека вистинската борба за опстанок започнува кога ќе ја напушти арената.Книга: Раѓањето на огнот - Сузан КолинсПомина цела годината откако Кетнис и Пита станаа легендарните победници и она што сега им преостанува е да уживаат во доживотниот луксуз во новите удобни куќи, а што е уште поважно за нив – да се навикнат на идејата дека никогаш пак нема да гладуваат ниту нивните семејства ниту нивниот реон. Но, ништо не поминува така лесно во Капитол, а тоа станува кристално јасно кога Претседателот доаѓа да ја посети во нејзиниот дом навестувајќи ѝ дека доколку не го убеди него и целата јавност дека навистина е вљубена во Пита ќе има незамисливи последици.

Далеку од смртоносната арена Кетнис и Пита се нераскинливо поврзани, но тоа сепак не ја олеснува идејата дека нивната „љубов“ се роди пред камерите со една единствена цел – да останат живи. Додека фарсата пред камерите продолжува, како што Кетнис и Пита ја започнуваат својата победничка тура низ реоните сфаќаат дека е само одвлекување од она што висински се случува таму – немири, бунт, востание!

Додека обрачите околу реоните сè повеќе се стегаат и притискаат врз нивните и онака кревки и мизерни животи, Кетнис и Пита се приморани да продолжат да ги забавуваат сите со својата искрена младешка љубов држејќи се за раце како победници и игнорирајќи го бранот на бунтовништво кој свесно или несвесно го предизвикале. Она што наскоро го сфаќаат е дека само искажувањето љубов пред целата јавност нема да биде доволно да се искупат за срамот кој му го нанеле на Капитол. Се приближуваат 75-тите „Игри на гладните“, а со тоа и церемонијалниот „Квартал на задушување“, грозоморна година кога организаторите ги менуваат правилата на играта во уште пострашни. Оваа година правилата се менуваат само со една цел – да ја вратат огнената двојка повторно во арената, но овој пат без никаква надеж дека ќе излезат оттаму живи. „Кварталот на задушување“ ги враќа сите претходни победници во арената што значи Кетнис и Пита овој пат се соочуваат со еден нов вид „непријатели“.Книга: Раѓањето на огнот - Сузан КолинсМорам да признаам дека уште една борба во арената беше последно што очекував и сè до последно се надевав дека победниците ќе изведат нешто и нема да морам пак да поминувам низ арените за мачење, но ете Колинс ни во вториот дел не нè поштедува од суровите убиства. Како и да е, арената е оригинална и дефинитивно се чувствува различна „атмосфера“, па адреналинот повторно скока и дишењето забрзува додека ја бодрите Кетнис да не се предава.

Ако во првата книга заедно со Кетнис се концентриравме на тоа како да се пронајде храна, да се побегне од непријателот и да се преживее тука постои една нова движечка сила која овој пат бара правда и одмазда. Овој пат Кетнис и Пита не се веќе исплашени мали деца, а нивната способност да му пркосат на Капитол на секој можен начин навистина ќе ве забавува.

Веќе е јасно дека лесно се закачувам на храбри женски ликови, но можам слободно да кажам дека Кетнис Евердин станува мој личен херој, а верувам и на многумина кои не можеле да се одлепат од страниците на ова прекрасно дело. Веројатно пишувањето во прво лице го олеснува и го поттикнува истото, но барем според мене, Кетнис Евердин е еден од најкомплетните ликови со кои се имам запознаено.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар