Кај паметните деца постои поголема веројатност дека ќе експериментираат со дрога и алкохол
Според најновите истражувања, кај децата кои постигнуваат одлични резултати на државните испити постои поголема веројатност дека ќе експериментираат со марихуана и алкохол, но не и со цигари. Целта на истражувањето била да се побие верувањето дека тинејџерите со слаб успех на училиште почесто консумираат дрога и алкохол за разлика од нивните одлични соученици.
Истражувачите предупредуваат дека иако тинејџерите со одличен успех ќе се запишат на факултет и ќе најдат добро платена работа, претераната употреба на опојни супстанции може да го намали нивниот потенцијал. На пример, постојат докази дека марихуаната има штетно влијание на мозокот во развој, а алкохолот е најголемиот виновник за фаталните сообраќајни несреќи, алкохолното труење и самоубиствата.
„Многу е важно да се намали употребата на психоактивни супстанции кај тинејџерите, без оглед на нивниот академски успех, бидејќи ризиците по здравјето и штетните последици се огромни“, изјавиле истражувачите.
Каква е врската меѓу употребата на психоактивни супстанции и академскиот успех?
Вилијамс и Хегер-Џонсон од медицинскиот факултет во Лондон, собрале податоци од 6.000 испитаници и ги поделиле во три групи врз основа на резултатите од еден државен испит што го полагаат сите ученици во Англија на возраст од 11 години.
Тие ги следеле овие ученици низ годините преку прашалници за употреба на цигари, алкохол и канабис. Посебно се фокусирале на раната адолесценција, односно возраста меѓу 13 и 17 години и доцната адолесценција, од 18 до 20 години.
Тие откриле дека кај учениците со поголем успех постоеле 62% помали шанси дека ќе почнат со пушење цигари во раната адолесценција, за разлика од оние со послаб успех. Но, затоа, пак, кај нив постоела 25% поголема веројатност дека ќе почнат да пијат повремено во раната адолесценција, во споредба со учениците кои постигнале послаби резултати на испитите. Веројатноста дека ќе почнат да пијат редовно се зголемувала со текот на годините.
Освен тоа, кај одличните ученици постеле 50% поголеми шанси дека ќе почнат повремено да консумираат марихуана и 91% поголеми шанси дека ќе почнат редовно да пушат марихуана, на возраст од 18 години па нагоре. Во споредба со послабите ученици, кај децата со просечен успех постоела 37% поголема веројатност за повремена употреба и 81% за постојана употреба на марихуана.
Истото важело и за алкохолот. Кај одличните ученици во доцна адолесценција постеле два пати поголеми шанси дека ќе почнат редовно да пијат алкохол за разлика од послабите ученици.
Зошто поинтелигентните тинејџери експериментираат со дрога и алкохол?
Дали попаметните тинејџери знаат нешто повеќе за употребата на дроги? Зошто поинтелигентните тинејџери ги привлекува канабисот, но не и цигарите? Ова истражување не се фокусирало на причините за оваа појава и не може со сигурност да открие зошто попаметните тинејџери почесто консумираат канабис и алкохол од останатите.
Некои од објаснувањата се дека попаметните деца се поотворени за нови искуства, се обидуваат да бидат прифатени од страна на постарите ученици кои имаат пристап до овие супстанции или едноставно се поискрени кога одговараат на прашалници потребни за спроведување на истражување. И родителите можеби имаат удел во сето ова, бидејќи интелигентните и богати луѓе пијат повеќе алкохол, а одбегнуваат цигари.
Сепак мора да се земе предвид фактот дека истражувањето не го испитало пушењето цигари по возраста од 16 години, како и тоа дали децата консумирале канабис пред да наполнат 18 години. Освен тоа, истражувачите не собрале податоци за количината на алкохол и канабис што тинејџерите ја консумирале. Сите овие недостатоци укажуваат на тоа дека потребни се уште истражувања за да се докаже ова тврдење
За да дознаете повеќе за дејството на психоактивните супстанции, прочитајте што всушност му прави марихуаната на мозокот.