Чакри – главните енергетски центри на телото
Автор: Бојана Мандевска
За сите кои сакаат да знаат што се тоа чакри, која е нивната функција, улога и местоположба во човечкото тело…
Зборот чакра е од санскритско потекло и значи тркало, вртење. Чакрите се познати како центри на силата или спирали со енергија. Се смета дека постојат 7 чакри, или како уште се нарекуваат тркала на светлина, во едно енергетско тело. Секоја од чакрите е поврзана со еден нервен ганглион кој се разгранува надвор од ’рбетниот столб. Чакрите најчесто се претставуваат во форма на цвет или во форма на тркало. Во првиот вид, одреден број ливчиња се наоѓаат околу периметарот на еден круг. Во вториот, одреден број радиуси го делат кругот на делови, со што чакрата добива изглед на тркало. Секоја чакра има одреден број делови или ливчиња.
Чакрите се во корелација со боите, звуците, кристалите, телесните функции и психата. Секоја чакра си има своја боја. Секој орган, жлезда од телото е поврзан со одредена чакра, а со тоа и со одредена боја. Седумте центри на енергија – чакри се подредени во вертикална линија по должината на ’рбетот почнувајќи од основата на ’рбетниот столб и се движи нагоре до горниот дел на скелетот. Ако постои нарушување кај некоја од чакрите, тогаш се појавува и дизбаланс на виталниот систем. Чакрите не се поврзани само со физичкото здравје, туку и со менталното и емоционалното.
Многу народи, култури и религии се обидувале да ги протолкуваат и објаснат чакрите. Постојат многу модели на ослободување и правилно користење на енергијата од човечките енергетски центри. Особено важно е да се споменат моделите во Хиндуизмот, тантричките модели, тантричкиот будизам, хималајската Бјонпо традиција, современите модели. Постојат тестови и методи со кои се одредува која чакра е водич на вашиот организам.1. Муладхара – основна или коренска чакра – (јајчниците/простата) се однесува на инстинктот, сигурноста и основниот човечки потенцијал. Прикажана е како четирилисен цвет во црвена боја. Главните точки на интерес вклучуваат сексуалност, копнеж и опседнатост.
2. Свадистана – сакрална чакра – се наоѓа во карличниот појас, се смета дека се однесува на бубрезите и генитоуринарниот систем. Поврзана е со портокаловата боја, а прикажана како цвет со 6 ливчиња. Нејзиното емоционално значење се однесува на ентузијазмот и радоста, додека пак физички оваа чакра го управува репродуктивниот систем.
3. Манипура – соларна плексус чакра – се наоѓа во папочната област. Поврзана е со системот за варење и метаболизмот. Чакрата манипура е прикажана како цвет со десет ливчиња во жолта боја. Нејзини точки на интерес се личната моќ, управувањето со стравот и колебливоста. На емоционално ниво оваа чакра управува со личната моќ, а пак психички со избувливоста.
4. Анахата – срцева чакра – се прикажува како цвет со дванаесет ливчиња во зелена или розова боја. Нејзини точки на интерес се сложените емоции, нежноста, урамнотеженоста. Оваа чакра ја управува циркулацијата на телото.
5. Висуда – грлена чакра – поврзана е со моќта за комуникација и напредок во изразувањето. Се наоѓа паралелно со тироидната жлезда. Висуда е прикажана како цвет со шеснаесет ливчиња во сина или тиркизна боја.
6. Ајна – чакра веѓа – таа се смета за чакра на третото око и е поврзана со епифизата. Внатрешната суштина на ајна е пристапот до интуицијата. Ментално, таа управува со визуелната свест, а пак емоционално управува со јасновидноста на интуитивно ниво. Таа е прикажана како цвет со две ливчиња во темно сина или бела боја.
7. Сахасрара – последната чакра се смета за чакра на чистата совест. Се наоѓа на круната на главата и се прикажува како цвет со илјада ливчиња во виолетова боја. Оваа чакра се однесува на прашања поврзани со внатрешната мудрост и смртта на телото. Нејзина задача е да ја ослободува кармата.