Анксиозноста е најголемото зло што му се случило на модерното општество

Анксиозноста е најголемото зло што му се случило на модерното општество

Анксиозните луѓе го опишуваат чувството како нешто што им ја јаде душата однатре. Депресивните, пак, како душата да им е веќе изедена. Луѓето кои имаат проблеми со анксиозност и депресија честопати преминуваат од едната во другата негативна психичка состојба. Причини за појава на чувството на анксиозност има многу: Штотуку сте завршиле факултет, сте останале без работа или, пак, поминувате низ болно раскинување. Сигурно претпоставувате дека анксиозноста е последица на животната борба што ја водите во моментот и откако ќе успеете да ја добиете битката, ќе можете да земете здив. Но, тоа не е вистина. Веднаш по оваа борба следува друга. Исто како во видео игра кога треба да ги поминете „главните“ за да стигнете до наредното ниво.

Анксиозноста е најголемото зло што му се случило на модерното општество

Анксиозноста не оди никаде. Ако не најдете начин да се справите со неа, таа може да доведе до сериозни здравствени последици. Истражувањата покажуваат дека анксиозноста е еден од главните причинители за самоубиство кај 30-годишните луѓе, а понекогаш се смета за симптом кај луѓето чија смрт била предизвикана од предозирање со дрога, заболувања на црниот дроб и труење со алкохол. Смрт предизвикана од целото ѓубре што го внесуваме за да ги смири штетниците што нѐ јадат однатре.

Во текот на изминативе 70 години, стапката на извршени самоубиства кај средношколците и студентите се зголемила за цели 800%, а бројот на препишани антидепресиви пораснал за 400% кај возрасните во периодот од 1988 до 2011 година. Најинтересно е тоа што терапиите со антидепресиви стануваат сѐ помалку ефективни. Сигурно си мислите дека тоа е така затоа што целиот свет полудел и сите се анксиозни и депресивни со причина.

Точно е тоа дека анксиозноста се јавува со причина, но не затоа што светот станал полошо место за живеење. Имало многу полоши професии, бракови и здравствени проблеми пред 100 години. Анксиозноста се појавува затоа што носи профит. Постојат и цврсти аргументи кои ја докажуваат оваа хипотеза.

Имено, кога луѓето во една анкета биле прашани дали се задоволни со власта во општеството, околу 70% одговориле негативно и сметале дека сѐ оди надолу. Само една четвртина од испитаниците одговориле дека се задоволни. Но, кога истите луѓе биле прашани дали се задоволни од нивниот живот, неверојатни 85% од луѓето одговориле потврдно. Оттука би можело да се извлече заклучок дека светот е полн со луѓе кои имаат убав живот и уживаат во него. Луѓето не би прифатиле туку-така по случаен избор да го заменат нивниот живот со животот на друг човек на Земјата или во историјата, бидејќи знаат дека тие живеат многу подобро од милиони други. И покрај тоа, тие постојано ги слушаат гласовите кои тврдат дека би можеле да изгубат сѐ во секој момент.

Анксиозноста е најголемото зло што му се случило на модерното општество

На биолошко ниво, анксиозноста постои со причина. Анксиозноста делува како поттик за дејствување. Кога пештерскиот човек ќе забележел дека му снемува храна, почнувал да станува анксиозен поради тоа и тоа го мотивирало да лови. Потоа, како награда, анксиозноста се повлекувала.

Современите мас-медиуми откриле како да го искористат овој биолошки инстинкт во нивна полза. Не станува збор за теорија на заговор бидејќи не постои една заедничка цел, туку сите дејствуваат во различна насока. На пример, многу често весниците објавуваат наслови кои предизвикуваат страв од типот „Серискиот убиец може да нападне и во вашето соседство“ со цел да ги натераат луѓето да го купат весникот. Некои, пак, предизвикуваат чувство на вина поради тоа што консумирате одредени производи со помош на различни слогани, како што се веганските кампањи.

Овој хор од гласови ќе ве убеди дека треба да посветувате повеќе време и енергија на вашата кариера со тоа што ќе ве натера да помислите дека сте сиромашни, но и дека треба да посветувате повеќе време и енергија на вашиот социјален живот со тоа што ќе ве натера да поверувате дека немате доволно пријатели. Гласовите ќе направат да се чувствувате лошо поради вашата телесна тежина, но истовремено ќе ве уверат дека сите урбани луѓе јадат и пијат до заборав. Тие ќе ја исмеваат вашата старомодна облека и истовремено ќе ве прекоруваат поради тоа што сте опседнати со физичкиот изглед.

Но, тие не сакаат да паничите, бидејќи тоа би довело до неконтролирано однесување. Тие само сакаат да живеете со мала доза на анксиозност која ќе зуе во вашата глава како здодевна пчела 24 часа дневно. Човечкиот организам не може да ја издржи таа тортура и како последица на тоа луѓето бараат нешто што би можело да ја намали нивната анксиозност, а тоа најчесто е дрога или алкохол.

Што можете да направите?

Супер би било кога целиот проблем би можел да се реши само со една проста реченица. Можеби сте ја чуле реченицата „Не се замарај“, но тоа нема да ви помогне. Луѓето кои не се „замараат“ обично имаат некој кој се „замара“ наместо нив. Психолозите советуваат дека треба да го направите следново:

  • Разберете дека вашето внимание е ограничено и треба да го трошите внимателно. Ако премногу се форсирате, тоа може да доведе до негативни последици.
  • Разберете дека поголемиот дел од работите што сакаат да ви привлечат внимание се непотребни и бескорисни. Тие се на исто рамниште со спам пораките што ги добивате на вашиот имејл. Клучот е да научите да ги филтрирате информациите.

Доколку намената на анксиозноста е да ве мотивира, тогаш мора да ја трошите на нешта што навистина би можеле да ви помогнат да постигнете позитивни резултати. Секоја друга причина за појавата на анксиозност можете да ја сметате за спам порака. Не треба да чувствувате анксиозност доколку некој се обидува да ве засрами поради физичка карактеристика на која не можете да влијаете (висина, црти на лицето). Не треба да се вознемирувате доколку се однесувате фино кон некоја личност, а таа не сака да биде во ваше друштво (не можете да влијаете врз тоа како ве доживуваат другите).

Анксиозноста е најголемото зло што му се случило на модерното општество

Во случај кога чувствувате анксиозност поради нешто на кое би можеле да влијаете, но тоа би било во нечија туѓа корист, исто така се смета за непотребно. Можеби некој се обидува да ве засрами поради вашата работа или партнер иако вие сте задоволни со нив. Или, пак, некој ве осудува поради тоа што живеете живот поинаков од нивниот и имате различни интереси.

За да ја совладате анксиозноста мора прво да се соочите со неа, да признаете дека сте анксиозни и да се запрашате дали би требало да бидете анксиозни. Доколку заклучите дека нема оправдана причина за вашата анксиозност, треба да престанете да се „замарате“.

Тоа не е лесно и треба да го вежбате до крајот на животот. Сепак, самото тоа што ќе препознаете каде лежи проблемот е огромен чекор, со оглед на фактот што повеќето од нас ја прифаќаат анксиозноста како неминовен дел од секојдневниот живот до тој степен што се чудиме кога отсуствува. Треба да научите да го третирате вашиот внатрешен мир како скапоцено богатство кое некој постојано се обидува да го нападне, а вие би требало инстинктивно да го браните. Наликува на некој вид боречка вештина на умот која подразбира стратешко планирање кога треба или не треба да се „замарате“.

Не се обесхрабрувајте доколку оваа техника не ви успее од прва. Поентата е да не се откажувате и да ја повторувате додека не станете вистински мајстор на оваа боречка вештина на умот која може да ви помогне да го победите најголемото зло на модерното општество.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар