8 карактеристики што ги одликуваат моќните луѓе

8 карактеристики што ги одликуваат моќните луѓе

Луѓето со силен карактер честопати делуваат арогантно, непристојно и наметливо. Тоа е така затоа што другите околу нив не знаат како да се носат со нивната моќна и доминантна личност, па им ги придаваат овие сосема невистинити карактерни црти. Овие моќни луѓе, всушност се многу нежни и чувствителни. Имаат лоша репутација само затоа што не дозволуваат никој да ги гази, но тие не чувствуваат дека мора да победат по секоја цена. Некои луѓе дури и се плашат од нив, но тоа е така само затоа што не можат да разберат како е можно да се чувствуваат толку добро во својата кожа, што не им се потребни туѓите комплименти и пофалби. Доколку ги пронајдете следниве 8 карактеристики како дел од вашиот карактер, можете слободно да се сметате себеси за една од тие моќни личности.

8 карактеристики што ги одликуваат силните луѓе

1. Не прифаќате изговори

Луѓето со силен карактер не прифаќаат изговори. Вашата моќна природа не ви дозволува да ги слушате другите луѓе како се оправдуваат за нивните постапки. Наместо тоа, вие се сосредоточувате на она што можете да го направите за да го решите проблемот. Вашето мото е: Оној што не сака – бара изговор, оној што сака – бара начин.

2. Внимателно ги избирате луѓето околу вас

Вие не се потпирате на туѓото мислење за вашите способности и вашиот карактер. Јасно ви е дека на повеќето луѓе им се потребни пофалбите на другите за да се чувствуваат подобро и за да го нахранат своето его. Вие точно знаете кои сте и што сакате и не ви треба нечие одобрение за да го направите тоа што сте го наумиле. Потполно сте независни и токму затоа луѓето што се дел од вашиот живот треба добро да ве разбираат и да знаат дека не смеат да ви се мешаат при одлуките што ги донесувате.

3. Не сакате напразни разговори

Тоа за вас е бесмислено. Разговори од типот кој што облекол, кој со кого се скарал и што направил, воопшто не ве интересираат. Вие имате толку многу брилијантни идеи што немате време да разговарате за бескорисни работи. Можеби мислите дека не ве бива за секојдневни кафе муабети, но тоа не е точно. Секој може да озборува. Вам ви е само непријатно кога ќе дојде до таква ситуација, бидејќи се чувствувате како бесполезно да си го губите времето и мозочните клетки.

4. Не поднесувате глупост и незнаење

Желбата на луѓето по секоја цена да доминираат произлегува од нивниот недостаток на влијание или знаење. Силните луѓе, од друга страна пак, се резултат на добра проценка и информираност. Постои огромна разлика помеѓу овие два типа луѓе. Вие го користите вашиот мозок, вложувате време и труд за да ги разберете работите и затоа не поднесувате луѓе кои веднаш ги осудуваат работите за кои не знаат апсолутно ништо. Благодарение на оваа ваша карактеристика вие можете да влијаете на луѓето и да ги поттикнете да размислат пред да кажат нешто.

8 карактеристики што ги одликуваат силните луѓе

5. Знаете да слушате

Вие сте навистина добри слушатели и знаете како на луѓето да им пружите поддршка и утеха. Можеби тие нема да знаат секогаш да ја ценат оваа ваша одлика, па затоа ќе наидете на неколку разочарувања во животот, но тоа ќе ве направи само поискусни и посилни од она што веќе сте!

6. Не ви треба внимание

Вам не ви е потребно туѓото внимание. Вие се дружите со многу луѓе, не затоа што тоа ви треба, туку затоа што на другите луѓе им треба личност каква што сте вие. Тоа честопати знае многу да ве исцрпи, па затоа не плашете се да си одвоите време за себе. Потребно ви е да ги наполните батериите и да се грижите за себе, за потоа да можете да се грижите и за другите.

7. Бестрашни сте

Ова не е сосема вистина, бидејќи сигурно постои барем една работа од која се плашите. Но, вие не дозволувате вашите стравови да управуваат со вашиот живот. Диригентската палка е секогаш во ваши раце, поради што во очите на другите луѓе изгледате моќно и бестрашно.

8. Несигурноста ја искористувате во ваша полза

Секогаш кога ќе се почувствувате несигурни во себе, вие гледате можност да се докажете. Свесни сте за своите недостатоци и од секоја ситуација извлекувате поука со што го поттикнувате вашиот понатамошен личен развој. Според вас, ако не учите и не се надградувате постојано, вие не живеете туку само постоите.

Голема е веројатноста дека другите луѓе ве сметаат за комплицирани и тешки. Но, вие само се обидувате да го извлечете најдоброто од нив и да ги поттикнете да го изодат патот што води до самоостварување. Не дозволувајте замерките на другите да ве поколебаат и да ве направат несигурни. Бидете она што сте и продолжете да работите на најдобрата верзија од вашата личност!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар