10-те најневеројатни случаи со хипноза од минатото
Хипнозата ги воодушевува луѓето уште од доцните 1800-ти години. Луѓето од целиот свет експериментираат, или пак се подложуваат на неа. Професионалните хипнотизери многу често патуваат низ светот и успешно хипнотизираат дури и цели групи луѓе. Докторите понекогаш го користеле овој метод за да ја намалат болката при породувањето, а заболекарите ја користеле хипнозата кога ваделе заби. Таа стигнала и до криминалните случаи – многу луѓе тврделе дека биле хипнотизирани за да прават лоши работи. Речиси сите приказни за хипнозата се интересни, но овие 10 се без сомнение најневеројатни.
1. Експериментирање на студенти
Пред да се обидете да хипнотизирате група луѓе, треба да бидете свесни дека не секој е подложен на ваква сугестија. Еден професор од Берлин го научил ова на потешкиот начин, во 1912 година. Професорот се обидел да го хипнотизира целиот клас, па кога мислел дека успеал им рекол на студентите секогаш да бидат учтиви со него и никогаш да не го лажат. Исто така им наредил да заборават дека се хипнотизирани. Навидум „трикот“ бил успешен, но некои од студентите не подлегнале на хипнозата. „Свесните“ студенти веднаш им соопштиле на родителите што се случило. Била отворена истрага, а професорот бил уапсен. На судењето се утврдило дека хипнозата не е здрава за учениците, па професорот поминал 10 дена во затвор.
2. Заборави што си јадел
Понекогаш хипнозата е успешна само ако ја дадете вистинската сугестија. Ваков бил случајот со една жена од 1899 година која имала ужасен проблем со нејзиниот стомак. Жената, чие име не е познато, пробала речиси сè за да ја задржи храната во стомакот, но ништо не помагало. Лекарите не знаејќи што друго да прават, решиле да ја хипнотизираат. На почетокот ѝ дале сугестија дека кога ќе јаде, храната треба да ѝ остане во стомакот. Но, после сеансата жената јадела и повторно повратила. Се обиделе уште неколку пати, но немало никаков успех. Конечно, еден од лекарите предложил дека најдобро ќе биде ако жената заборави дека јадела. И ова успеало. Веднаш по оброкот, жената заборавала дека јадела, па не ја повраќала храната. Хипнозата била повторена неколку пати, и жената конечно била излечена.
3. Хипнотизирани бактерии
Господин Ричард де Силва, во 1953 година решил да „хипнотизира“ бактерии. Според неговите пронајдоци, тој успешно влијаел на смртната стапка на бактериите со моќта на вербалната сугестија. Тој ги сместил бактериите во два разни садови, а на едниот му повторувал: „Не растете! Вие сте стерилни! Вие сте мртви!“ Потоа и двата сада ги ставал во инкубатор. По 24 часа, во садот во кој биле бактериите кон кои бил неучтив имало помалку живи бактерии отколку во другиот. Иако науката сè уште истражува за влијанието на мислите врз материјата, разговарањето со работи кои сигурно не го разбираат нашиот јазик било наречено хипноза во 1950-тите години.
4. Лудило
Илма Сандор била склона кон хистерија, но тоа сигурно не била причината за третманот кој го добивала од „професионалците“. Оваа млада жена била многу чувствителна на хипноза. Па, кога се прочуло за ова таа станала дел од многу вакви експерименти од кои повеќето немале никаква смисла или цел. Многу хипнотизери си ги тестирале своите способности на неа, и тоа по неколку месеци. Еден од најзлобните експерименти во кои учествувала вклучувал пар ножици. Додека била хипнотизирана, на Илма ѝ кажале дека ножиците се многу жешки. Потоа ѝ ги ставале ножиците на раката, и иако воопшто не биле жешки тие ѝ предизвикале неподнослива болка и изгореници за кои биле потребни неколку месеци да оздрават. Кога хипнотизерите завршиле со неа, Илма веќе била ментално нестабилна и прогласена за луда.
5. Како да избегнете запросување
Мартин Кејс, во 1903 година отишол во судот со жалба дека госпоѓица Ормонд го хипнотизирала. Според статијата во еден весник, Кејс ја сакал Ормонд само кога бил во нејзино присуство и дека писмата која му ги испраќала го хипнотизирале. Па што всушност сакала жената? Брак. Таа постојано го притискала на оваа тема. Во еден инцидент таа ја изгаснала светилката, седнала до Кејс и се загледала во неговите очи. Кејс тогаш се согласил да се ожени за неа. Сепак тој тврдел дека му се гади од Ормонд кога таа не е со него. Тој навистина сакал да се ослободи од неа, но едноставно не можел кога таа била присутна. Па затоа побарал помош од адвокат кој му помогнал да докаже дека бил под некакво влијание и не бил одговорен за неговите постапки, па судот му издал заштита на Кејс.
Продолжува на следната страница…