10 книги кои се изгубени низ историјата
6. „Двојна изложеност“ (Double Exposure) – Силвија Плат
Силвија Плат е еден од највлијателните автори на 20-тиот век. Таа почнала да ја пишува „Двојна изложеност“, но на 11 февруари, 1963 година си го одзела животот и оставила 130 страници незавршен текст. Она што се случило подоцна сè уште не е разјаснето. Оние кои ја имале видено книгата тврделе дека е делумна автобиографија. Во книгата се раскажувало за жена која дознала дека нејзиниот сопруг има афера. Токму ова ѝ се случило и на Силвија и таа се разделила од сопругот. Нејзиниот сопруг признал дека изгорел некои од нејзините дневници за да ги заштити децата, но не кажал ништо за книгата. Тој изјавил дека слушнал гласини и дека текстот веројатно е украден од нејзината мајка.
7. „За правењето сфери“ (On Sphere-Making) – Архимед
Дали имате слушнато за механизмот Антикитера? Ова е древна направа која прецизно ги пресметува движењата на ѕвездите и планетите, но до денес не е познато како е направена. 100 години по смртта на Архимед, Цицерон напишал за 2 сфери кои биле направени од Архимед. Едната била мапа на ѕвездите, а другата го покажувала движењето на планетите, сонцето и месечина гледани од Земјата. Овие машини биле неверојатно напредни и прецизни. Дизајните на овие сфери најверојатно биле прикажани во книга со наслов „За правење сфери“. Во оваа книга Архимед ги изнел своите теории, формули и дизајни за овие напредни машини (вклучувајќи го и механизмот Антикитера). За жал, текстот е изгубен во нападот на Сиракуза во 212 година п.н.е. каде што загинал и Архимед. Друга теорија е дека самиот Архимед ги сокрил или ги уништил. Што и да се случило со оваа книга, не можеме да го занемариме нејзиното потенцијално влијание бидејќи сè уште не ни е јасно како древните Грци граделе толку комплексни машини.
8. Енциклопедијата Јонгл
Околу 1.000 години пред Европејците да ја измислат хартијата, Кинезите веќе пишувале. Помеѓу 11-тиот и 14-тиот век тие ја чувале тајната за барутот само за себе. Околу 700 години пред да се појави печатарството, Кинезите веќе имале голем број печатници. Всушност, древното кинеско знаење секогаш било неколку векови пред европското. Поради ова, императорот Јонгл наредил да се напише Енциклопедијата Јонгл во 1403 година. Таа била збир од над 8.000 кинески текстови, од медицина и наука, до култура и музика. Целта била да се собере буквално целото знаење на Кинезите на едно место. Целата колекција содржела 23.000 свитоци и 11.095 томови. Денес постојат само 400 томови од оваа енциклопедија и повеќето експерти веруваат дека остатокот е уништен со падот на династијата Минг.
9. „Мртви души“ (Dead Souls) – Николај Гогољ
Најпознатото дело на Гогољ, „Мртви души“ (Dead Souls), е базирано на „Пеколот“ од Данте. По издавањето оваа книга предизвикала вознемирување поради контроверзните и експлицитните пасуси. Религиските друштва го нападнале Гогољ, а ова го натерало да се спријатели со отец Мавеј Константиновски кој го убедил дека неговото дело е грев. Отецот го охрабрил Гогољ да се откаже од своето дело и да изгори сè што останало. Тој го запалил вториот дел од „Мртви души“ кој бил речиси готов. Веднаш зажалил за оваа одлука и паднал во депресија. По 9 дена без храна, Гогољ умрел.
10. Изгубени мексикански кодекси
И покрај тоа што оставиле бројни прекрасни урнатини, Маите и Ацтеките се обвиени со мистерија. Постојат многу непознати работи за начинот на нивниот живот и за тоа како исчезнале. Најголем придонес за оваа мистерија има уништувањето на нивните кодекси. Тие претставувале колекција од илустрации и текстови со кои биле документирани нивните животи, историја и култура. Денес постојат само 30 од нив. Многу од кодексите биле уништени од Ицкоатл кој сакал одново да ја напише историјата. 100 години подоцна, кога почнала инвазијата на Шпанците, биле уништени речиси сите кодекси на Маите. Диего де Ланда се обидел да ги натера локалните жители да ѝ се покорат на шпанската култура, но немал овластување за тоа. Бил присилен да се врати во Шпанија и да документира сè што научил за нив и за нивната култура. Подоцна се изгубени и неговите записи, а останати се само неколку спомнувања од други автори. Сè што имаме од овие кодекси се записи од трета рака.