Жарко Батиќ: Кросфитот го подобрува начинот на живот – доброто тело е само бонус
Кои се најголемите придобивки од кросфитот?
Најверојатно се прашувате што ќе добиете од кросфитот. Дали ќе ослабите? Дали ќе го зацврстите вашето тело? Дали ќе изградите мускулна маса? Дали треба да вежбате кросфит ако не сакате да бидете мускулести? Тргнете го сето тоа на страна, бидејќи според Жарко, главната придобивка од кросфитот е нешто сосема друго.
„Главната придобивка од кросфитот е подобрувањето на животниот квалитет. Енергијата ќе ви биде драстично зголемена и ќе се чувствувате многу поживо. Нашата цел не е градење мускулна маса или согорување телесни маснотии. Не вежбаме мускулни групи, вежбаме за подобрување на здравствените маркери, за подобрување и продолжување на животот. На пример, кога ќе бидеме пензионери, наместо да размислуваме за старечки дом, ние слободно ќе можеме да трчаме заедно со нашето внуче“, открива Жарко.
Целта на кросфитот не е убавиот изглед, туку квалитетниот живот. Но, сите знаеме дека покрај вежбањето, исхраната исто така игра голема улога во здравјето на човекот. Неопходно е да внимавате што јадете за да бидете здрави, а „постигнувањето на посакуваниот физички изглед е само бонус“.
Дали и жените можат да вежбаат кросфит?
Секако дека да! И жените можат да бидат исто толку добри кросфитери колку и мажите, но сепак нивниот број во салите е значително помал. Жарко ни објасни на што се должи тоа.
„Тоа се должи на стравот на девојките да не изгледаат мускулесто. Кога ќе пребарате на интернет како изгледаат кросфит девојки, првите слики кои се појавуваат се од оние девојки кои професионално се занимаваат со кросфит како спорт, а не од оние кои вежбаат рекреативно.“
Сепак, оваа разлика постепено почнува да се намалува.
„За разлика од порано кога во сите групи, со чест на ретки исклучоци, беа само машки, во последните 2 години полека, но сигурно тоа се менува и бројот на девојки што вежбаат кросфит станува сѐ поголем“, признава Жарко.
Па, девојки, доколку отсекогаш ве интересирала оваа фитнес програма, но сте се двоумеле дали да почнете од страв дека ќе станете премногу мускулести, Жарко ве охрабрува да му дадете шанса на кросфитот и да не се сомневате во неговиот ефект.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат кросфит момците и девојките?
Не постои сомнеж дека кросфитот нуди напорни тренинзи, по кои ќе се чувствувате максимално исцрпено, но и максимално исполнето. Сепак, доколку сте дел од оние луѓе кои немаат толку силна волја, сигурно сте се запрашале дали ќе можете да ги издржите вежбите до крај или пак ќе се откажете по првите 10 минути. Па, кој е најголемиот предизвик со кој се сочуваат луѓето кои вежбаат кросфит?
„Константната варијација на движењата и нивното совладување е најголемиот предизвик што ги навлекува луѓето на кросфит. Оној што почнал кросфит не се откажува. Атмосферата која се создава кога заедно со уште 15 други луѓе поминувате низ истиот предизвик е нешто што не се опишува со зборови, туку мора да се почувствува“, признава Жарко.
Групната мотивација и безрезервното бодрење е она што им помага на кросфитерите да издржат до крај. Така изгледа секој тренинг во салата на Жарко.
„Сите почнуваат на 3,2, 1 – старт. Оној што завршува прв има максимум една минута за да се одмори и веднаш потоа оди да ги бодри останатите. Духот на кросфит заедницата најдобро можат да го почувствуваат оние кои последни ја завршуваат вежбата, бидејки добиваат поддршка од сите останати што завршиле пред нив. Тоа е чувството што ги тера нашите членови да се враќаат.“
Покрај тоа што ќе вежбате, ќе се почувствувате и како дел од една заедница, група луѓе со заедничка цел: Да се издржи до крај! Успехот е загарантиран кога имате толку многу поддршка околу себе!
Што треба да знаат луѓето кои сакаат да почнат со вежбање кросфит?
Речиси ве убедивме да ѝ дадете шанса на оваа физичка активност, но сѐ уште ве мачат некои грижи и сомнежи. Како ќе ве гледаат другите? Дали сте подготвени за вакво нешто? Дали ќе се засрамите? Доколку и вам ви се вртат овие прашања во глава, Жарко ги има одговорите што ви требаат…
„Без разлика како изгледате или каква е вашата физичка подготвеност, никој нема да ви се смее поради вашите вишок килограми или физичка неиздржливост. Напротив, може само да добиете неизмерна помош и подршка. Сите сме почнале од некаде, па дури и ние тренерите некогаш сме биле почетници. Иако вежбањето е во група, имаме индивидуален пристап кон секој наш член.“
Со други зборови, не грижете се за ништо! Сѐ што треба да направите е да решите дека сакате да направите нешто поинакво, нешто што ќе може значително да ви го промени животот и да почнете со вежбање! Жарко ве уверува дека атмосферата и начинот на вежбање ќе ви го разубават и олеснат животот надвор од сала, а по најнапорниот час од денот, ќе се чувствувате максимално опуштени и релаксирани.