Во светот на Јутјуберот Steffonator: Имам полна фиока идеи од кои немам ни 10% реализирано! - Part 2

Во светот на Јутјуберот Steffonator: Имам полна фиока идеи од кои немам ни 10% реализирано!

Заработка од Јутјуб: Солидна или минимална?

Сигурни сме дека сите што сакаат да станат Јутјубери ги интересира дали има солидна заработка од Јутјуб. Иако во светот постојат многу луѓе на кои Јутјубот им е професија и живеат од тоа, во Македонија ситуацијата е малку поинаква

„Заработка има, но минимална. Истите прегледи во странство можеби тежат дури 90% повеќе отколку во Македонија. Главните причини зошто е тоа така се тоа што онлајн маркетингот не е доволно развиен кај нас и многу компании допрва треба да се свестат дека Јутјуб е одлично место за тоа. Второ, PayPal, сѐ уште не е целосно стигнат во Македонија и тоа ја отежнува работата“, открива Стефан.

Ова можеби нема да ве мотивира да започнете свој Јутјуб канал, но никогаш не се знае дали ситуацијата ќе се смени набрзо. Доколку ова е тоа што го сакате, не дозволувајте малата заработка да ве поколеба. Правете го тоа што го сакате и успехот нема да изостане.

Целта на Јутјуб: Забава или едукација?

Главната цел на Јутјуб каналот Steffonator е да ги насмее и забавува луѓето. Генерално, сите го користиме Јутјуб за таа цел, но неспорно е дека може да се користи и за добивање значајни информации и учење нови работи. Стефан не ја исклучува можноста да се посвети на поедукативни и мотивациски видеа во иднина. Тој веќе има серијал со името „Зачудувачки факти“ кој содржи информации што никогаш претходно не сме ги знаеле.

„Имам едно мотивациско видео и е насловено како ’Мојот сон’, кое беше за натпревар. Така што, имам по нешто и имам размислувано за тоа. Имам и други идеи со едукативни и мотивациски содржини, па останува да видиме колку од нив ќе реализирам, ама планирам главниот фокус да биде на забавата“, изјави Стефан.

Предноста на Јутјуб е што може да се искористи на толку многу начини. Најважно е да еден Јутјубер да не се ограничи на еден вид видеа, да биде отворен кон нови искуства и постојано да изненадува со нови работи, како што тоа го прави нашиот Steffonator.

Добри и лоши Јутјубери: Број на прегледи или квалитет?

Кога отвориме некое видео и ќе видиме дека има голем број прегледи и лајкови, тоа ни покажува дека видеото е квалитетно, бидејќи им се допаднало на голем број луѓе. Има Јутјубери кои имаат илјадници и милиони прегледи на видеата, но има и такви со поскромна поублика. Дали тоа значи дека има добри и лоши Јутјуберу? Дали бројот на прегледи е репер за тоа дали некого го “бива” во улогата на Јутјубер? Стефан ни откри што мисли на оваа тема.

„Лош јутјубер може да биде само некој кој креира несоодветни содржини и има лошо влијание на луѓето. Сѐ друго е добредојдено и секое видео го гледам како скалило бидејќи со секое ново видео стануваме подобри, што е нормално и во сите други професии, да стануваш подобар со текот на времето. Бројот на прегледи не секогаш е репер за тоа дали некого го ’бива’, ама верувам дека со упорност и напорна работа и тие кои се квалитетни, а не добиваат доволно внимание, ќе стигнат до нивото каде што треба да бидат.“

Потребно е само време и трпение. Јутјуб е огромна платформа со голема конкуренција. Сте објавиле некое интересно видео кое не може да добие ни 1.000 прегледи? Не очајувајте и не се откажувајте веднаш. Квалитетот ќе биде препознаен порано или подоцна.

Во светот на Јутјуберот Steffonator: Имам полна фиока идеи од кои немам ни 10% реализирано!

Можеме да очекуваме уште многу интересни видеа од овој млад Јутјубер, бидејќи тој не планира да тргне по други патишта, барем сега за сега. Неговиот избор на факултетот по дизајн и мултимедија само му помага уште повеќе да ги усоврши своите вештини и да нуди уште поквалитетни видеа во иднина. Она што претставува најголема мотивација за Стефан е неговата љубов кон работата и сознанието дека неговите видеа некому му го направиле денот. Во тоа лежи суштината на успехот, а не во парите.

„Ако некој сака да почне со цел да заработи, нема да стигне далеку. Ако навистина го сакате тоа, бидете свои, останете свои. Бидете креативни, трудете се многу, не штедете време и бидете упорни. На крајот ќе ви се исплати“, советува Стефан.

Како и за сѐ друго, така и за Јутјуб, успехот најмногу зависи од вложениот труд и напорната работа. Никаде нема да стигнете доколку не сте упорни и доколку не го сакате тоа што го правите, без разлика за што станува збор. Ништо не ве спречува да станете Јутјубери. Искористете го вашиот телефон и снимете го она што ви се чини интересно и корисно. Којзнае, можеби токму вие сте новата Јутјуб ѕвезда?!

БОНУС

Видеото што му било најзабавно за снимање на Steffonator

„Тешко е да се одбере бидејќи се забавувам со речиси секое видео, а видеата имаат цел да ги забавуваат и тие што гледаат, ама би го издвоил видеото ’Што има во кутијата’ бидејќи беше нешто многу различно што никогаш претходно не сум го правел. Моментот кога треба да допреш нешто без да знаеш дали е змија, гуштер или некоја тарантула е страшен ама многу забавен.“

Видеото што му било најтешко за снимање на Steffonator

„Можеби реализацијата на твитови само поради тоа што таму има еден цел процес на смеење и преснимување додека не го добиеме ’скечот’ кој ќе оди во видеото. Ама и тоа е забавно.“


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар