Виктор Апостоловски за љубовта и музиката: Уметноста е насекаде околу нас, само треба некој да ја забележи - Part 2

Виктор Апостоловски за љубовта и музиката: Уметноста е насекаде околу нас, само треба некој да ја забележи

За македонската естрада: Нема ѕвезди во Македонија!

Луѓето многу често се жалат дека немаме добра музика, дека постојано се вртат едните исти изведувачи со едните исти текстови и песни. Мора да признаеме дека Македонија е многу мал пазар, па затоа нема простор да се одржи каква било слава. Менталитетот ни е таков што секогаш повеќе го цениме туѓото од нашето. Им се поклонуваме на балканските ѕвезди, а ги критикуваме нашите кога ќе се осмелат да понудат нешто поинакво. Која е причината за сето ова?

„Институциите што се надлежни за македонската естрада се предводени од луѓе кои живееле во некој минат век, со различни вредности. Додека не се сменат стандардите, македонската музика никогаш нема да оди понапред од македонскиот шлагер. Ѕвезди во Македонија нема. Има јавни личности. А има и јавни личности што јавноста ги јава и тие обично се ѕвезди само на Инстаграм, а глумат најголеми ѕвезди. Од моите колеги има личности што би требало да имаат статус на ѕвезди, меѓутоа не можат, затоа што немаме пазар. Во Македонија нема простор да одржиш каква било слава и затоа велат ’Искористи ги твоите 5 минути – брзо ќе поминат’“, објаснува Виктор.

Сепак, проблемот не е само во институциите и музичарите. Најголемиот проблем лежи во нашиот менталитет како народ.

„Луѓето можат да се жалат дека нема македонска естрада и македонска музика, но на крајот од денот, тие никогаш не дале поддршка за да има македонска музика. Ќе тргнам од моите другари. Ни еден другар ми нема објавено ни една песна досега. Луѓе од странство што никогаш не сум ги запознал споделуваа моја песна. ’Not on you’ ја сподели син му на Доктор Дре. Срамота било да рекламираш свој човек. Тоа е тој македонски менталитет. За купување цедеа да не правиме муабет. Сите чекаат да подариш. Не ми е проблем да ги подарам цедињата, дај Боже да сака некој да го слуша тоа што го имам направено. Не е работата дека јас ќе се збогатам од тоа што некој ќе ми го купи цедето, туку на тој начин се покажува почит.“

За жал, ниту блиските пријатели, ниту колегите не купуваат цедеа. Поддршката отсуствува и во музичкиот свет. Наместо почит, меѓу колегите владее завист. Вината не лежи само кај народот, пејачите или медиумите, туку кај сите нив заедно. Меѓутоа, постои еден рецепт за успех кој секогаш ги освојува срцата на луѓето. Рецептот е многу едноставен и содржи само една состојка: Искрени чувства. Виктор тврди дека најважно е да се споделат искрени чувства. Без разлика каков е финалниот производ, публиката секогаш ја препознава искрената емоција.

За социјалните мрежи: Не сакам да покажувам слики, туку сакам да раскажувам

Сите сме сведоци на тоа како социјалните мрежи станаа многу важен дел од животот на луѓето. Многумина ги користат за да остават некаков личен впечаток, да пронајдат љубов и да си ја зголемат самодовербата преку добивање лајкови. Сигурно ќе се согласите дека социјалните мрежи не би требало да служат за ова. Виктор смета дека не е можно да се стекне впечаток за луѓето само преку Инстаграм или Фејсбук.

„За да добиеш каков било впечаток за некого, мора да го знаеш човекот лично. Луѓето на Инстаграм се трудат да изгледа како да живеат живот од соништата, што не е вистина. Луѓето премногу глумат живот. Додека глумиш живот, тоа изгледа убаво од страна, но што кога претставата ќе стане монодрама?! Сѐ е супер на социјалните мрежи, а луѓето се всушност несреќни. Многумина живеат лажни животи. Тоа е тажно. Секој би требало да се запраша каков би бил кога не би имало Инстаграм или Фејсбук.“

Покрај тоа, Виктор ни откри како тој ги користи социјалните мрежи.

„Ги користам за промоција, но и за да се изразам. Го покажувам тоа што навистина го правам секој ден. Најубавите моменти не се таму. Таму се работите каде што сум си поминувал убаво, но штом сум извадил телефон не ми било ’врв’. Најубавите моменти ми се тие кога не ми ни дошло на памет да извадам телефон. А фала Богу ги имам многу. Не сакам да ги имам сеќавањата на слика, туку сакам да ги имам во мене. Кога ќе седнеме да се видиме, не сакам да ти покажам слики, туку да ти раскажам.“

Научно докажано е дека луѓето губат дел од спомените додека се обидуваат да ги фотографираат работите околу нив. Наместо да фотографирате со телефонот, обидете се да фотографирате со окото и така никогаш нема да пропуштите ни еден момент од животот.

МУЗИЧКИОТ ИЗБОР НА ВИКТОР

Песна што би сакал да е негова: Carlos Santana – „Maria, Maria“

Песна што ја слуша додека вежба: Fort Minor – „Remember the Name“

Песна што ја слуша кога е тажен: Rascal Flatts – „Here Comes Goodbye“

Песна што ја слуша кога е вљубен: R Kelly – „Half On a Baby“

Песна што ја слуша кога сака да се опушти: Raphael Saadiq – „Be Here“

Песна што ја пее под туш: Andrea Bocelli – „Caruso“

Безвременски македонски хит: Брејк – „Јас сум таков и таков сум бил“


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар