Вежбаме со Јасна Лековска: Како најлесно да се вратите во форма по породувањето?
Како да се вратите во форма по породувањето?
Ова е можеби главниот проблем што ги загрижува сите штотуку породени жени. Токму затоа, ние решивме да ѕирнеме во светот на Јасна и да дознаеме како изгледа нејзината фитнес рутина по породувањето.
„Со оглед на тоа што се породив со царски рез, ќе започнам со вежбање по 40-тиот ден од породувањето, односно откако ќе направам преглед и докторот ќе ми даде зелено светло дека можам да се вратам на вежбање“, вели Јасна.
Но, таа не ги кажува овие работи напамет, туку поучена од искуството што го имала со нејзиното прво детенце, синот Јан.
„Откако го родив првото детенце, син ми Јан, почнав со вежби по прегледот. Тренирав 3-4 пати неделно со тоа што повторно започнав со вежби со низок интензитет, а како закрепнував така го зголемував интензитетот на вежбите“, изјави таа.
Јасна има уште еден прекрасен совет за идните мамички што дефинитивно треба да се земе предвид.
„Покрај вежбањето, морам да напоменам дека многу пешачам во текот на денот, па на мајките би им препорачала да не штедат на прошетките со своето најмило“, советува Јасна.
Па, што чекате?! Одете на прошетка со вашето детенце и искористете го денот за зближување и создавање прекрасни спомени!
Каква треба да биде вашата исхрана?
Сигурно претпоставувате дека вежбањето само по себе не е доволно за да се вратите во форма по породувањето. Иако е тешко да им се одолее на брзата храна и вкусните калорични оброци, обидете се да се воздржите и да не претерувате со нездравата исхрана. Истото го прави и Јасна!
„Јадам здраво и умерено. Не можам да си го замислам денот без овошје и салата која е задолжителен дел од ручекот. Освен тоа, не пијам, не пушам и си легнувам рано“, признава Јасна.
Доколку немате идеја какви оброци да си подготвувате, почнете да ја следите Јасна на Инстаграм, бидејќи таа редовно ги објавува смудињата со кои го започнува денот и здравите јадења и десерти што ги приготвува за себе и своето семејство.
Зошто треба да вежбате пилатес?
Јасна воопшто не ја крие нејзината љубов кон пилатесот, па нас нѐ интересираше на што се должи нејзината огромна посветеност.
„Сите вежби што се вметнати во програмата на Тринити се наменети за градење природно, привлечно, добро обликувано и здраво тело. Правиме вежби што ќе ви ја зголемат флексибилноста, ќе ви помогнат да го оформите и зацврстите целото тело, особено стомачните мускули, мускулите на долниот дел од грбот, бутовите и колковите. На тој начин ќе добиете издолжени мускули какви што посакуваат сите вежбачи, а воедно ќе ви се подобри и расположението, сонот, држењето и самодовербата“, објаснува Јасна.
Јасна е еден од ретките примери кој ни докажува дека треба да си ја сакате работата, за да бидете среќни и исполнети во животот.
„Верувале или не, по само 10 дена од породувањето, едвај чекам да се вратам на работа со моите вежбачи кои ми даваат енергија и сила за целиот ден“, признава таа.
Придобивките од редовното вежбање и здравата исхрана се огромни, не само за трудниците и мајките, туку и за сите останати. Доколку сакате да внесете промени во вашиот живот, да се чувствувате пријатно во своја кожа и да изгледате одлично, неопходно е физичката активност да стане дел од вашето секојдневие. Применете ги едноставните совети на Јасна Лековска и направете ги првите мали чекори до конечното формирање на вашето тело од соништата.