Силвија Митевска и нејзината борба за родова еднаквост во спортот: Секоја од нас има моќ да си го исполни сонот! - Part 2

Силвија Митевска и нејзината борба за родова еднаквост во спортот: Секоја од нас има моќ да си го исполни сонот!

Зошто женските спортски способности се ценат помалку од машките?

Познато е дека жените спортистки се помалку платени од мажите. Тие земаат помали награди на повеќето натпревари и секојдневно се соочуваат со секаков вид неправди во светот на спортот. Силвија цврсто верува дека мора да се подигне свеста за овој проблем.

„За таа цел креираме различни кампањи, кои нема да ги стигматизираат ниту сексуализираат спортистките. Жените треба да бидат вреднувани според нивните постигнувања и спортски резултати во медиумскиот простор. Девојчињата растат без вистински примери на успешни жени спортистки зашто жените спортистки се маргинализирани во секој сегмент од спортскиот сектор. Нам ни треба поголема видливост на жените спортистки кои ќе ги инспирираат и мотивираат генерациите на млади девојки да спортуваат и да не се откажуваат од своите спортски соништа“, заклучува Силвија.

Постојат многу девојчиња и млади девојки кои сакале да изградат спортска кариера, но се обесхрабриле и се откажале од идејата, поради тоа што се чувствувале обесправено. Потребно е повеќе да се зборува за успесите на спортистките во Македонија кои би можеле да им послужат како инспирација на сите девојки кои сакаат да се занимаваат со спорт.

Силвија Митевска и нејзината борба за родова еднаквост во спортот: Секоја од нас има моќ да си го исполни сонот!

Која е најголемата неправда со која се соочуваат спортистките во Македонија?

Веќе спомнавме дека македонските спортистки се соочуваат со голем број неправди. Но, за што точно станува збор?

„Неправди има на секој чекор. Спортистките немаат еднакви можности и услови за спортување, се соочуваат со недостаток на финансиска поддршка од заедницата, локалната и централната власт, нееднаков третман кај медиумите, нееднаква распределба на раководните позиции при институциите надлежни за спорт каде се вклучени многу мал процент на жени“, ни откри Силвија.

Станува збор за алармантен проблем кој треба да се реши што е можно побрзо доколку сакаме да напредуваме како земја што изобилува со врвни спортисти од двата пола. Женските успеси во областа на спортот не се помалку значајни од машките и заслужуваат да им се посвети внимание. Со нагласувањето на улогата на жените во спортот, ќе го направиме првиот чекор кон решавањето на овој проблем.

Дали жените во Македонија се осмелуваат да се занимаваат со екстремни спортови?

Дали сте чуле за Македонки кои се занимаваат со некој опасен спорт, како што е параглајдерството на пример? Не? Силвија е една од нив! Тоа е нејзината најголема љубов кога станува збор за спортските активности, што порано ѝ била професија, а сега е еден од нејзините омилени начини на рекреација.

„Параглајдерството е многу специфичен спорт, кој некако повеќе претставува стил на живот отколку само спорт. Долги години се занимавав со параглајдерство, се натпреварував во акробатско летање и работев како инструкторка во рамките на тогашниот клуб ’Букефал’, сегашен ’Акро Македонија’. Сега летам рекреативно, и не го чувствувам притисокот за тренирање секој ден, се дружам со летачите и убаво ми е кога на летање ќе појдам со моето семејство. Моментално паузирам од летање бидејќи сум при крај на бременоста, но следната пролет ќе поминувам повеќе време на терените за летање“, призна Силвија.

Силвија е вистински доказ дека за упорните и храбрите жени само небото е граница! Не се откажувајте од вашите соништа, колку и да ви звучат лудо, опасно и екстремно.

Силвија Митевска и нејзината борба за родова еднаквост во спортот:  Секоја од нас има моќ да си го исполни сонот!

Доза мотивација за жените кои сѐ уште не се осмелиле да ги следат своите соништа

Несомнено е дека Силвија е една од жените кои се осмелиле да ги следат своите соништа. Сепак, постојат многу девојки кои не можат да најдат мотивација да го сторат истото. Доколку и вие сте дел од нив, Силвија би сакала да го знаете следново:

„Секоја од нас има различен потенцијал, различни соништа и различни начини на нивна реализација. Убавината е во тоа што секоја од нас има моќ да си го исполни сонот. Ние имаме моќ да се избориме за сѐ што заслужуваме во животот. Важно е да имаме страст кон она што го работиме, да се самомотивираме и да знаеме дека издржливоста и упорноста секогаш се исплатат. За сѐ она што мене ме засега, не чекам помош од останатите, знам дека треба да си ги засукам ракавите и да се соочам со предизвикот. На мое големо задоволство, речиси секогаш излегувам како победничка.“

Па, што чекате? Фатете се за работа и остварете ги вашите соништа! Следете го примерот на Силвија Митевска и борете се за она што го заслужувате. Борете се против сите предрасуди, стереотипи и неправди што ќе ги забележите. Не плашете се од неуспехот и туѓите осудувања. Застанете цврсто на земја, земете залет и вивнете се високо во облаците! Само на тој начин ќе можете да станете победници во играта наречена живот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар