Новогодишна музичка плејлиста: Што слушаат македонските музичари за време на празниците? - Part 2

Новогодишна музичка плејлиста: Што слушаат македонските музичари за време на празниците?

6. Ади Имери

Извонредниот вокал на The Black and Vice Social Club има поинаков поглед кон целава божиќна атмосфера. Не очекувајте типично новогодишна песна за вашата празнична атмосфера од Ади! Одбројувањето до Новата година него го потсетува на одбројувањето во една друга песна, што тој предлага да ја чуете и да им дадете малку поинаков „шмек“ на празниците.

Новогодишна музичка плејлиста: Што слушаат македонските музичари за време на празниците?

„Не може да не е најепски кога одбројуваш од 2:18 минута од песната! ’It’s only teenage wasteland’…Па ту ту па ту, па ту па, ту па па па па па!“

7. Ања Ветерова

Малото слатко девојче со моќен глас што ја претставуваше Македонија на Детскиот избор за песна на Евровизија сега порасна во вистинска девојка која плени со својот талент и убавина. Пред извесно време, таа направи „бум“ на македонската музичка сцена со песната „Рамбамбам“ која слободно може да им парира на светските хитови. И покрај тоа што има само 18 години, Ања за време на божиќниот период размислува за многу сериозни теми што сите би требало да нѐ засегаат, па оттаму произлегува и нејзиниот музички предлог „Do They Know It’s Christmas“.

Новогодишна музичка плејлиста: Што слушаат македонските музичари за време на празниците?

„Во песната се поставува прашањето дали сите знаат дека е Божиќ, дали сите ќе имаат богата вечера, облека и топол дом. За жал, и кај нас во Македонија сѐ повеќе семејства не можат достоинствено да ги пречекаат празниците. Тажно, но вистинито.“

8. Виктор Апостоловски

Виктор неодамна ги „истури“ сите свои емоции преку музиката и ни откри што носи „Во срцето“. Несомнено е дека овој млад пејач покрај тоа што поседува извонреден глас, има и многу други таленти, како што се рапувањето, пишувањето и свирењето повеќе инструменти. Виктор ја направи музиката и за неколку претстави во Театарот за деца и младинци кои постигнаа огромен успех. После сето ова, не е никакво изненадување тоа што неговиот музички избор за празниците е песната што го потсетува на неговите музички почетоци.

Новогодишна музичка плејлиста: Што слушаат македонските музичари за време на празниците?

„Песна што прва ми паѓа на памет кога се во прашање празнициве е ’Last Christmas’!
А причината не е затоа што е популарна (не сакам да звучам како клише македонски пејач)… Јас всушност и не знаев кој ја изведува, ја немав чуено како цела песна а веќе знаев да ја свирам бидејќи таа беше единствената песна што ја имаше на мојот прв синтисајзер како миди инструменталка. Тоа значи дека цело детство сум го поминал со песнава, а немав поим која е, сѐ додека мајка ми не ја запеа еднаш додека свирев. Може да се каже дека е една од првите песни што сам научив да ги свирам и пеам.“

9. Теа Трајковска

Моментално Теа е една од најактивните музичари во македонската јавност чии песни секогаш стануваат хитови. Најновото нешто од неа е видео записот за песната „Пекол“, а пред неколку недели Теа заедно со Панчо ДНК ја добија наградата за најслушана песна на радискиот фестивал МАРС за нивниот неоспорен хит „Рушевини“. Теа ни призна дека ова ѝ е омилениот период од годината, токму поради новогодишните празнични песни.

Новогодишна музичка плејлиста: Што слушаат македонските музичари за време на празниците?

„Новогодишните песни ми се слабост, посебно поради тоа што мојата омилена акапела група Pentatonix секоја година вади ’Christmas Songs’ албум. Иако ми е малку тешко да одберам песна, годинава нека биде тоа нивната верзија на ’Hallelujah’ што лично мислам дека е најдобрата преработка на таа песна досега.“

10. Даниел Дан Стојмановски

Даниел Дан е редовно присутен на најпознатите македонски фестивали, а можете да го чуете и на неговите свирки во разни локали низ Македонија. Тој го докажа својот талент и со денс песната „Sunshine“ во соработка со Марга Сол која ја разбранува македонската музичка сцена со нејзиниот светски звук. Неговиот музички избор за новогодишните празници сигурно ќе ви се допадне бидејќи станува збор за дел од саундтракот на филмот „Поларен експрес“ (Polar Express).

Новогодишна музичка плејлиста: Што слушаат македонските музичари за време на празниците?

„’Believe’ од Џош Гробан е песната што сакам да ја слушам во секое време, особено околу новогодишните празници. Дуетската верзија со Бијонсе е вистински погодок. Иако можеби ја нема онаа весела нишка која некако се очекува да ја имаат ’новогодишните’ песни поради целата еуфорија, во овој случај ме привлекува мистичноста на мелодијата, прекрасниот аранжман а секако и пораката што ја носи текстот. Во периодов кога сите си посакуваме најразлични желби можеби најважното е да веруваме, бидејќи само така ќе ни се остварат.“

Сигурно ќе се согласите дека оваа новогодишна музичка плејлиста е навистина уникатна и разновидна. Веруваме дека сте се пронашле барем во дел од песните што ги предложија нашите музичари и дека ќе ја збогатите вашата празнична атмосфера со нивните музички предлози.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар